Македонскиот пат до правдата

Пред многу години, во скопската гимназија „Цветан Димов“, професорка по англиски јазик ни беше сега покојната Ветка Апостоловска. На крајот од седми клас, по нејзиниот предмет имаше пет единици. Кога ни ги поделија свидетелствата – немаше ниту една. Четворица од нив скокаа од радост. Нема да полагаат. Подоцна, Ветка ни го раскажа случајот. Директорот на гимназијата барал да се поправи една од единиците

„Настаните од 27 април“, кога народот влезе во Собранието револтиран од начинот на кој беше (нелегално) избран неговиот претседател, кој е инаку и втор човек во државната хиерархија, долго време ја брануваа земјата. „Движењето за заедничка Македонија“, кое со месеци покажуваше една нова слика за Македонците, кои од сеирџии одеднаш започнаа да се ангажираат на политичката сцена загрижени за својата иднина, со спомнатите настани беше пуштено низ вода. Очигледно недостигаше прецизна стратегија што се сака и како да се постигне тоа. Главен проблем беше насилството што се случи во Собранието кога од инфилтрирани екстремисти беа нападнати пратеници. Иако немаше дилеми дека зад движењето стои или барем директно го поддржува ВМРО-ДПМНЕ, начинот на кој тоа дејствуваше, паролите што ги исфрлаше или, најкратко, платформата зад која стоеше, ги извлече нашите граѓани на улица. Добар дел од учесниците, често и цели семејства, бевме непартиски луѓе. Се прекинуваше традицијата и практиката луѓето најдобро да се чувствуваат дома, од далеку да ги следат клучните работите во државата од кои зависи и нивната судбина, и да се однесуваат како да не се лично заинтересирани за тоа што (им) се случува. Овој пат не беше така, ама се случи тој несреќен 27 април и сѐ се врати на старо. На сеирот.

Генерално, самиот влез на масата во Собранието не може да добие негативна конотација. Сѐ до моментот кога се случија насилствата, тоа беше жесток политички протест. Тие, пак, заслужуваат целосна осуда и причинителите треба да си платат за стореното. Другите, меѓутоа, кои долго и мирно демонстрираа низ Скопје залагајќи се за „заедничка Македонија“, значи не за каква било туку една за сите, не направија никаков престап со влегувањето во Собранието бидејќи вратите беа отворени. Не користеа сила за да влезат. Внатре, тие манифестираа за земјата, се залагаа за владеење на правото, го бранеа нејзиниот унитарен карактер, ја пееја македонската химна… Во најлош случај, тој чин може да се критикува… ама тие што влегоа да бидат обвинети за тероризам е директен јавен линч, политички прогон и тежок реваншизам. Причината е јасна: познато беше дека зад оваа прекрасна манифестација стоеше спомнатата партија и дека добар дел од учесниците беа нејзини членови или симпатизери. Да потсетиме, претходно во Собранието се пееше химната на Албанија за што никој не понесе одговорност.
Подоцна се покажа дека во целата таа ујдурма, која следуваше, имало и одлично планиран систем: да се гонат и да се уценуваат со долгогодишни казни затвор пратениците што ги отворија вратите и некои други, за подоцна да се амнестираат и да овозможат двотретинско мнозинство во Собранието за капитулантска промена на Уставот, заради прекрстување на државата и разнебитување на народот! Врвна комбинаторика, мора да се признае, иако погубна.

Следуваше класичен циркус. Пратениците што ги отворија вратите, без што влегувањето во Собранието ќе беше невозможно, беа – амнестирани! Тоа беше наречено – „процес на помирување“ без да биде објаснето ниту со кого, ниту зошто бидејќи во прашање беше класична манипулација со јавноста. Со помош на „независното“ судство, целта на власта беше овие уценети пратеници да го обезбедат потребното мнозинство за финализација на предавничкиот документ од Преспа. Токму затоа сите тие беа обвинети за „тероризам“ каде што минималната казна е 10-годишна робија. Поголема злоупотреба на обвинителите и судот, здравје. Тешко е да се прифати 10-годишна робија, особено во нашиве мизерни услови, за изразување политичко незадоволство. На тој начин беше разбиена и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, од која се одметнаа осум пратеници, поточно предавници, или речиси 20 проценти. За „терористи“ се прогласени и луѓе што, можеби, никогаш во рака немале ниту пиштол, камоли друго оружје! Такви нема во светот и Македонија би требало да ги лиценцира и да бара да влезат во книгата на Гинис! Исклучок е оперскиот великан Игор Дурловски, кој можеби во некоја претстава и мавтал со некакво оружје? Еве и една споредба: Норвежанецот што од чиста мира уби над 70 души беше осуден на 21 година робија, а нашите „терористи“ добија и 18 години. За малку ќе му беа рамни. Штета што се пропушти таква шанса.
Така, циркусот наречен „македонска правда“ го доживеа својот врв. Првично, во судот беа обвинети сите „терористи“ – и тие што ќе бидат амнестирани и другите што ќе го окркаат, за потоа да останат околу половината од нив. Нема да навлегуваме во деталите околу нелегалната амнестија, која беше резултат на политички калкулации. Во неа и судот имаше некаква улога што постапката ја прави уште посрамна. Потоа, судот го продолжи судењето како ништо да не се случило. Обвинителите и судиите дозволија директно мешање на извршната и политичка власт, во судската. Претпоставка е дека претставниците на третата, судска, власт си размислувале – кој остана за судење, остана, на другите нека им е со среќа амнестијата, пардон – „помирувањето“. Преостанатите „терористи“ добија драконски казни, кои со голема сигурност ќе бидат поништени од судот во Стразбур.

Судијката што го водеше случајот излезе и на телевизија. Во инсерт, пренесен од друга ТВ, таа тврдеше дека била уверена во вината на сите и дека пресудите биле неоспорни и заслужени. Рече дека најтешко ѝ било да ја донесе ослободителната пресуда за Игор Дурловски?! Била уверена во неговата вина ама немала докази! Да слушаш и да не веруваш. Да ти имало судии што се уверени во вината на обвинетите и покрај тоа што немале докази. А, врз основа на што била уверена? Како ја одредила вината на Игор? Врз некаква интуиција, претчувство, космичка помош…? Познато е дека постои и некаква пресумција на невиност, која мора строго да се почитува. Особено од судиите. А во нашиов случај, имаме увереност за нечија вина, без докази. Ова значи дека ние имаме судство што е далеку пред европското. Еееееј, ем да немаш докази, ем да си уверен во нечија вина! Видовитост, што друго. Скоро за Нобелова награда.
Но тоа не е главното. Изјавата на судијката откри многу поинтересна заднина. Впрочем, зошто најтешко ѝ паднала ослободителната пресуда? По логиката на нештата, причината може да биде само една – дека морала така да постапи. Поточно, така ѝ било наредено. Од кого, ценете сами. Игор Дурловски е јавна личност. Познат е и во странство, а со сопругата се врвни амбасадори на нашата земја. Ако мене ме прашате, тој требаше да биде осуден со највисока казна. Да ја пееш химната на државата во Собранието е сериозен кривичен престап особено кога таму се пее химната на друга држава, Албанија, без за тоа да се има последици. Не може во никој случај да се пеат двете химни. Барем засега, додека државата сѐ уште е унитарна, а не е федерација. Значи, на власта ѝ беше сосема јасно дека каква било осуда на Дурловски ќе биде контрапродуктивна бидејќи ем ќе создаде револт кај народот, ем може да има реакции од странство. Затоа сметале дека е најдобро тој да се ослободи. А пожежок костен за судијката не може да се замисли. Дурловски е дел од масата што влезе во Собранието и според тоа – неоспорен „терорист“. Впрочем, сите други виновници се судат врз истите „докази“ и затоа ослободителната пресуда го руши целиот диригиран систем. По првиот политички удар со амнестијата, ова е втора и уште понепријатна шлаканица за судот. Тој влегол во Собранието, а судијката мора да го изземе. Самата себеси се негирала. Навистина не ѝ било лесно. Други одлучиле, а „независното“ судство тука нема избор. Само затоа можело ослободителната пресуда на судијката толку тешко да ѝ падне. Нема друго прифатливо објаснување. Ослободувањето на Дурловски, всушност, целосно ги девалвира другите пресуди. Народот не случајно рекол дека на лагата секогаш ѝ се кратки нозете.

Трета димензија од случајот е што за обвинителството, судот и судијката не може и не смее да биде сеедно што за исто кривично дело, еден дел од обвинетите се ослободува со политички мерки, а другите се оставени на нивната судбина. Тоа е класична неправда и делителите на правда не смеат да поминат преку неа. Не смеат да прифаќаат вакви небулози. Или сите сме еднакви пред законите, или не сме. Ова е само нова потврда дека – не сме. Со која совест, впрочем, тие делат ваква правда? Најблаго речено, тоа е селективна правда. Удри по кого можеш. Другите не се важни. Ако судот имаше доблест, требаше и мораше сите да ги ослободи за да бидат сите еднакви пред законите со „помирувачите“. Истото важи и за обвинителот. Вака… сѐ личи на беззаконие. Ова не се однесува на тие што применија насилство.

Пред многу години, во скопската гимназија „Цветан Димов“, професорка по англиски јазик ни беше сега покојната Ветка Апостоловска. На крајот од седми клас, по нејзиниот предмет имаше пет единици. Кога ни ги поделија свидетелствата – немаше ниту една. Четворица од нив скокаа од радост. Нема да полагаат. Подоцна, Ветка ни го раскажа случајот. Директорот на гимназијата барал да се поправи една од единиците. Ѝ кажал дека е тоа по интервенција од власта. Ветка беше принципиелен човек и одбила. Притисокот продолжил и дошло дури до закана за губење на работата. Кога видела дека нема избор, таа ги поправила сите единици. Тоа е принципиелност. И тогаш имаше надворешни влијанија во школството ама многу, многу помалку од сега. Денес, сите знаеме дека во образованието има невидена корупција, со пари или без, со што се поткопува иднината на земјата.

Ветка одамна покажа дека и селективна неправда е неприфатлива. Кога е правдата, пак, во прашање, еднаквиот пристап и третман мораат да бидат императив. Селективноста е најголемото злосторство. Инаку, сѐ ќе се сведе на шеговитиот заклучок, кој воопшто не е далеку од нивото на нашата правда, дека – невини се судат само затоа што сите сме биле еднакви пред законите!