Македонскиот контекст

А кој ги прави главно историските манипулации. Се разбира, големите моќни сили на сметка на помалите и послабите од нив. Тие кон нив ја применуваат империјалната логика на присвојување за себе на нивниот историско-цивилизациски имот

Поимот контекст се користи во сите дисциплини, во науката и уметноста, но се чини посебно во историската наука. Тука тој има улога на ламба што треба да расветли некои темни и полутемни криени нешта. Тоа, и од тоа што историјата е најподатлива за разноразни манипулации, и со неа најмногу се манипулира за практични хегемонистички цели. Во минатото и денес. Ние Македонците многу добро го знаеме тоа.

А кој ги прави главно историските манипулации. Се разбира, големите моќни сили на сметка на помалите и послабите од нив. Тие кон нив ја применуваат империјалната логика на присвојување за себе на нивниот историско-цивилизациски имот. Оттука и аподиктичката синтагма: „Историјата ја пишуваат победниците“, што значи посилните. Силниците. И македонската историја, како никоја друга во Европа, е пишувана и грабана од нив. Понекогаш, пак, големите историски планери проектираат мапи на цели огромни просторно-временски слики во кои се форсира само еден културолошки концепт и цивилизациски извор, потиснувајќи ги другите културно-цивилизациски ентитети. Таков е примерот со Античка Грција, која Европа ја смета за нејзин исклучив постамент врз кој се изградени нејзиниот дух и култура. Таа нејзина слепа врзаност за неа има психолошки знаци на еден речиси болен едиповски комплекс. Небаре заборава дека нејзиниот нововековен по Христа културно-цивилизациски код, како што вели и Томас Ман, е јудео-христијански.

Нејсе. Сепак таа западноевропска грчка адорација е доминантна и денес, а на нејзиниот со патолошки црти адорациски олтар повторно за жртва е принесена Македонија. Многумина совесни историчари и интелектуалци го барале клучот на таа европска патологија. Меѓу нив, ми се чини, најсугестивен од дијагностички аспект е оној на големиот англиски романсиер Д.Х. Лоренс, кој покрај писател бил и аматер-археолог, посебно екстатично вљубен во етрурската цивилизација и култура. Тој постојано се прашувал зошто таа, иако сјајна и монументална, за разлика од Грција стои, на маргините на европските енциклопедии и истории на уметноста, за на крајот сосема исправно да заклучи дека Европа по инерција сè трупа во „грчка вреќа“. Тоа е неговиот ингениозен клуч, „грчка вреќа“, со кој тој во ранг на голем психоаналитичар го дефинирал европскиот патолошки Едипов комплекс кон Грција. Македонскиот пример денес најубаво го илустрира тоа. Европа 1992 година ја обзнани срамната Лисабонска декларација со која на Македонците оттука натаму не им е дозволена интеграцијата во европскиот клуб на народи сè додека не ја исполнат нацифашистичката желба на Грците да се преименуваат и на тој начин да се избрише нивната историска неколкумилениумска во континуитет историска меморија, а сè со намера целото македонско културно-цивилизациско богатство, посебно она од антиката, да се натрупа до бескрај во лакомата „грчка вреќа“.

Да. Значи историјата не се служи само со војни и физичко истребување непожелни народи, туку и со културолошки грабежи на нивното богатство од тој вид. Кој бил во „Лувр“ во Париз, или во Британскиот музеј во Лондон ќе се увери во тоа. Тргнете ги украдените артефакти од нив, и тие ќе останат празни. Огромен културно-цивилизациски имот од Македонија, од антиката до денес, е бесрамно разграбан не само од лакомите соседи, туку и од „цивилизираните“ Европејци посебно за време на Првата и на Втората светска војна. Притоа, посебно кај соседите (Грците, Бугарите и Србите) на таа кражба ѝ се удира печат на груб фалсификат за краденото да се прикаже како автентично свое. Понекогаш за поддржување на тој фалсификат, кој има геноциден мирис, се вклучени и некои таканаречени модерни мисионери, денес популарните невладини организации. Тие, како во случајот со нашите Соросови платеници, платени специјално за тоа, активно на еден перфиден начин се вклучени во одработување за некои странски агенти. Кај нас сега тие работат на пропагандата за промена на името, обвинувајќи ги неговите бранители за националисти и цивилизациски назадни, без футуристички импулс и несфаќање на значењето на НАТО и на Европа. Во таа цел тие и ја форсираат глупавата, идиотска теза дека името и идентитетот се различни категории, иако името е срцевинската есенција на сè.

Не само на човекот и колективот, туку и на животните, растенијата и предметите. Тоа го знаел многу убаво уште човекот на архаичната магиска култура затоа што имал повеќе ум и карактер од нив. Тие потоа, платени за тоа, ја форсираат уште и хипотезата дека Македонците се заткарпатски суштества, игнорирајќи ја нивната генеза до која се стигнува како светилка името, до родословната таблица на библискиот Мојсеј пред неколку милениуми. Тоа е име што како златна нишка се спровира од почетокот до последната страница на Светото писмо. Притоа нему му е доверена од Создателот и најзначајната мисија во нововековната европска цивилизација, да ја христијанизира неа, за што лично се погрижил и апостол Павле заедно со Лидија Македонката.
Толку. Има многу да се пишува на оваа тема. Сега се бара од Македонците да се преименуваат за да се натрупа во „грчка вреќа“ не само античкиот, на славната македонска кралска династија, туку и библискиот македонски имот и да се промовира конечно како грчки. Затоа одамна се ангажирани со поткуп (оти и научниците не се отпорни на корупција) и многу научни авторитети од разни области.

Но не само на Грција, во „грчка вреќа“ голем дел од македонскиот културно-цивилизациски имот, оној од таканаречениот словенски период со Кирил и Методиј и Климент и Наум сега се става во „бугарска вреќа“. Во неа се става дури топтан и македонскиот преродбенски 19 век сосе сите македонски револуционери и културни дејци. Тоа е периодот во кој мачно, но со чиста есенција се излачува од Бугарите македонското национално битие, барајќи го и враќајќи му се на својот идентитетски извор. До неговите крајни длабочини. Најевидентен пример на тој план е Ѓорѓија Пулевски за кого нашите соросоинтелектуалци и полуинтелектуалци не чуле. Тој во својата монументална „Славјаномакедонска историја“ прв од преродбениците суверено ја спозна и откри својата античка генеза. По него и Мисирков. Итн. Да. Па, сепак, Бугарите како слепец за стап се држат за некои вистина „реални“ факти, кои би требало да им дадат право дека македонската историја е бугарска. Таа, која нив ги фрла во романтичарска екстаза. Тука се Браќата Миладиновци, кои навистина се потпишувале како Бугари. Тој пример ќе го објаснам, драг читателу, во некоја друга колумна. Сега, тука тезата за контекстот накратко in medias res ќе ја објасниме на примерот на Гоце Делчев и Мисирков, кои исто така, и од административни причини, се потпишувале на некои места како Бугари. Точно, и затоа толку многу нашите лакоми источни соседи се држат до латинската поговорка „пред фактите и боговите молчат“. Да. Но дали е тоа навистина така? Еминентниот англиски историчар со светско реноме Арнолд Тојнби со право ја оспорува неа, велејќи дека фактите можат да бидат апсолутно безвредни ако не се стават во конкретни историски – и културолошки контекст.

Имено, контекстот на кој инсистира Тојнби е и основниот аргумент со кој можеме ние Македонците да се браниме од лагата и фалсификатите на нашите соседи, па и на сегашната бриселска Европа, која не се разликува на тој план од нив. Така, на пример, Бугарите тврдат дека Гоце Делчев со некои негови потписи е Бугарин. Чист како солза. Да ама во тоа најдецидно ги побива нивниот голем поет Пејо Јаворов, кој (необично за Бугарин) бил вљубен во македонската револуционерна кауза. Тој бил пријател на Гоце, и не само тоа туку и негов биограф, придружувајќи го во неговата револуционерна дејност. Така, во неговите дневнички белешки стои изјавата на Гоце, која гласи: „Еден ден и над Македонија ќе изгрее сонце, но нема да биде бугарско“. Така. Еве го контекстот за кој се залага Арнолд Тојнби!
Потоа случајот со Мисирков, дека и тој се потпишувал како Бугарин. Да ама незгодата е во тоа, за жал, на Бугарите, дека во некои патни и други документи тој се потпишувал како Русин и Србин, а сè со намера да заврши некои административни и егзистенцијални работи. Но крунски доказ пред кој занемуваат Бугарите е неговото дело „За македонцките работи“. А не за бугарските. Итн. Другпат поопширно за оваа тема. Туку сега во видното поле на контекстот, пак, се и солунските браќа Кирил и Методиј, кои Бугарите исто така ги посвојуваат, иако, добро е познато, мајка им е Македонка, а таткото Грк. Арно ама тој проклет контекст пак кажува нешто друго, неповолно за нив. Методиј, кој покрај во духовните бил верзиран и во воените вештини, необично храбар, од византискиот цар Михаил Трети бил испратен на бугарската граница со Византија, некаде на изворот на Брегалница во мојата родна Малешевија, драг читателу, со задача да го организира месното население за одбрана на византиската територија од агресивните Бугари.

Тие во 862 година склучиле сојуз со Германија (во 20 век исто така, со Хитлер), која ја германизира Моравија по што по молба од моравскиот кнез Растислав интервенира Византија со таканаречената Моравска мисија на Кирил и Методиј, притоа поразувајќи ја воено Бугарија. Тоа. Еве го значи пак немилосрдниот контекст за објаснување и осветлување на историјата. Оти кога можеле солунските браќа да бидат Бугари, кога тие се бореле како византиски претставници против бугаро-германскиот сојуз што ја загрозувал Византија!
Е, сега за крај, драг читателу, останува и еден куриозитет во рамките на темата „Контекст“. Тазе. Имено, нашата влада со нејзиниот премиер, угодувајќи ѝ на варварски агресивната Грција, експресно ги преименува аеродромот и автопатот бришејќи го од нив името на Александар Македонски, длабоко залегнато во нашата колективна историска меморија. Притоа на вандалски начин од аеродромот таа ја отстрани и неговата скулптура. Баш имал среќа Александар од Пела со Зоран од Муртино. И, тоа се вика судбина. Туку мислата ми е дека по години и децении некој ќе рече: еве Македонците од Скопјанг, како што вели еден македономразец, се согласиле дека Античките Македонци се Грци со самиот факт на преименување на аеродромот и отстранувањето на скулптурата на најпознатата и највизионерска македонска и светска историска личност. Се разбира не пред Исус Христос. Да, ама и тука интервенира контекстот. Совесните истражувачи ќе откријат дека тоа се случило пред страшен притисок на Брисел, Вашингтон и Атина, плус бочно и на Тирана и Софија. На крајот во сето ова е вклучена и нашата кукавичка марионетска влада на Зоран Заев.
Да. И сега треба ли, драг читателу, конечно да му заблагодариме на Арнолд Тојнби за неговиот прекрасен пронајдок контекстот, за објаснување на историјата, посебно важен за нас Македонците чиј културно-цивилизациски имот соседите и порано и сега со амин на оросписка Европа безмилосно го разграбуваат како свој. Бескрајно сме му благодарни за овој негов пронајдок. Се разбира, пред него, пред сè, на Господ што си го заштити македонското име со библиски небесен печат. А тоа е и повеќе од доволно почитувани од Брисел, Вашингтон, Атина, Софија и од Тирана. Ви посакувам убав сон во вашите морничави илузии!