Изложбата презентира еден мал дел од култовите на плодноста што се практикувале на територијата на Македонија

Во Етнографскиот музеј на Хрватска во Загреб е отворена изложбата „Црвен петел, црна кокошка – култови на плодноста: обреди, обичаи и верувања“ на Музејот на Македонија и Археолошкиот музеј од Скопје, чија првична поставка, есента 2015 година, привлече големо внимание кај домашната публика и кај пошироката стручна јавност. Овој пат и во Загреб до седми април еден мал дел од култовите на плодноста, кои се практикувале на територијата на Македонија почнувајќи од предисторијата до денес, ќе бидат претставени преку разни предмети, женски предисториски фигурини (антропоморфни и зооморфни жртвеници), преку опрема од обичаите под маски, велигденски јајца и делови од женската народна носија.

– Плодноста во најтесна смисла се поврзува со опстанокот на човештвото, но и со внесување елементи на еротика во секојдневниот живот на луѓето (ламби и садови со еротски сцени и претстави во антиката). Таа еротика на некој начин низ вековите се пренесувала и преку усното народно творештво со песни, приказни, поговорки и гатанки, како еден вид вербална магија, за да иницираат плодност и кај човекот и кај природата. Обичаите под маски, кои ги обележуваат крајот на зимата и обновувањето на природата, се полни со симболични ритуални дејства што треба да обезбедат плодност на луѓето, стоката и посевите. Овие архаични обичаи во изложбата ги презентираме преку фотографии и документарните филмови „Џоломари“ и „Говедар камен“. Жените во Македонија и денес активно посетуваат култни и свети места – манастири, цркви, турбиња, води, камења, дрва и др., вршејќи разни обреди поврзани со плодноста – посочуваат авторот на изложбата Јован Шурбановски и коавторите: Јасемин Назим, Александра Папазовска и Владимир Боцев.

Тие напоменуваат и дека посебен белег на изложбата е начинот на кој култот на плодноста бил вткаен во облеката што луѓето ја носеле во 19 и 20 век.

– Македонската женска носија како целина, но и поединечните делови и украси ја презентирале биолошка подготвеност на жената за репродукција. Таа наедно била и силен симболичен агенс за поттикнување на плодноста, но и магиски заштитник од невидливите зли сили, кои можеле на жената да ѝ ја одземат способноста да раѓа. Ваквиот начин за презентирање разнородни предмети и визуелни материјали, кои се разликуваат како типолошки така и хронолошки, укажува на уникатноста на оваа изложба. Интересен е нивниот спој, и начинот на кој тие се дополнуваат и наедно се дообјаснуваат – велат стручните лица.

Кустоска на изложбата е Гордана Виљетич, дизајнот е на Јован Ивановски, а автор на каталогот и на информативните панели е Леон Џинго. Автори на текстовите се: Јасемин Назим, Александра Папазовска, Ирена Настева Колиштркоска, Владимир Боцев, Елизабета Конеска, Илина Јакимовска, Гоце Наумов, Сања Димовска, а соработници се: Горданче Видиниќ, Паско Кузман, Славица Бабамова Јаниќ, Силвана Блажевска, Ленче Јованова.

На отворањето на изложбата говореа директорите на Етнографскиот музеј и на Музејот на Македонија, Горанка Хорјан и Гордан Николов, а настапи и женскиот вокален состав од Загреб, „Езерки“.