Фото: Дарко Андоновски

Македонија забележа рутинска победа над Лихтенштајн, 4-1, во 3-то коло во групата 4, Лига Д, во Лигата на нациите (ЛН)

Најдобрите фудбалери на Македонија забележаа очекувана, рутинска победа над Лихтенштајн, 4-1, во 3-то коло, група 4, Лига Д, во Лигата на нациите (ЛН). Македонија е пред освојување на првото место во групата што води во повисок ранг, во Лигата Ц, во плејофот во март 2020-та за пласман на финалниот турнир на Европското првенство (ЕП) 2020 година, но и со големи шанси да се најде во четвртиот барабан при ждрепката за состав на квалификациските групи за ЕП 2020.

Македонија практично веќе ја обезбеди првата позиција, иако треба да одигра уште три меча, првиот утре на гости против Ерменија и два идниот месец, на 16 и на 19 ноември, на гости против Лихтенштајн и дома со Гибралтар. Но би било чудо, со оглед на досегашните игри, бодови и квалитет на македонската селекција, во споредба со ривалите во групата, да ја прокоцка оваа шанса.

– Огромни се шансите да бидеме први во групата. Ни претстојат уште три меча, а на нив ќе се обидеме да забележиме добри резултати, бидејќи со освојување на првото место и со добар бодовен биланс ќе бидеме во поповолна ситуација во плејофот. Но имаме шанса да се најдеме и во четвртиот барабан на ждрепката за ЕП 2020. Мислам дека Македонија покажа дека е многу поквалитетна од противниците во групата и оти заслужува да игра во повисок ранг, во Лига Ц – вели македонскиот селектор Игор Ангеловски, кој им честита на играчите за триумфот, но и на медицинскиот тим, кој вложи максимални напори да ги оспособи за игра.

Горан Пандев одигра капитенски, асистираше при постигнувањето на првите два гола на Александар Трајковски (10 и 30 мин.), а потоа и го даде третиот (36-та), 33-ти во дресот на Македонија. Езџан Алиоски со соло-пробивот и четвртиот гол во 67 минута ја завери убедливата победа на црвено-жолтите. Единствениот лош момент на мечот беше примениот гол по почетничката грешка и деконцентрацијата на Висар Муслиу во 37 минута.

Македонија доминираше во секој поглед, имаше апсолутна контрола врз играта и темпото, кое не беше на некое високо ниво, но доволно противникот да се држи под постојана опсада. Македонија имаше 64 отсто посед на топката и упати 13 удари на противничкиот гол (Лихтенштајн само три), што е уште еден доказ дека победата е заслужена.

Селекторот Игор Ангеловски имаше доста проблеми при составувањето на почетната постава поради проблемите со стомачниот вирус кај неколкумина фудбалери (Мите Цикарски, Стефан Ристовски, Бобан Николов и Аријан Адеми). Покрај тоа, непосредно пред мечот од истите причини отпадна и Кире Ристевски, а за време на мечот на слични тегоби се пожали и Илија Несторовски, па беше повлечен од игра во финишот (83 мин.). Останува надежта дека во утрешниот натпревар здравствениот билтен во македонскиот состав ќе биде подобрен и во важниот меч против Ерменија, на Ангеловски ќе ми бидат на располагање сите фудбалери. 


МАКЕДОНИЈА – ЛИХТЕНШТАЈН 4-1
Скопје. Арена „Филип втори“. Гледачи: 10.000. Стрелци: Александар Трајковски, 10 и 30, Горан Пандев 36, Езџан Алиоски 67 – Сејхан Јилдиз 37. Судија: Рој Рајншрајбер од Израел.
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Зајков, Муслиу, Барди, Алиоски, Трајковски, Пандев (Николов 68), Хасани, Бејтуали (Ристовски 77), Елмас, Несторовски (Спировски 83).
Селектор: Игор Ангеловски
ЛИХТЕНШТАЈН: Б. Бушел, Гопел, Кауфман, Селе (Губзер 29), М. Бушел (Ерне 72), Вајзер, Јилдиз, Хаслер, Волфингер (Кебер 79), Рештајнер, Полверино.
Селектор: Рене Паурич