Велика Британија пред осумдесет години отворено ја поддржувала стратегијата за целосно бришење на Македонија и македонскиот народ! Во тоа време британскиот политички врв, сметајќи дека Балканот е нивна интересна сфера, почнал да заговара формирање југословенско-грчка федерација, кон која се планирало да се приклучат и други балкански држави, но притоа во сите варијанти воопшто не сметаат на Македонија како реалност

Според британски тајни докумeнти од 1941 година:

Геостратегиските интереси на големите сили се одликуваат со една константа и постојаност во контекст на нивната визија и насока за остварување претстави за глобалните нешта што ги пожелуваат. Тоа се однесува и за британското кралство како светска економска и воена сила. Имено, во британските документи пред осумдесетина години, Македонија не се спомнува ниту како географски поим, односно, според Британците, сите делови на поделена Македонија се само „територија со народ без име“ во границите на балканските држави, што значи дека таа треба да се избрише од историјата на Европа. Во документите на британската тајна служба стои дека федерација или конфедерација без Македонија е најдобра шанса „да се спротивставиме на руското влијание сега и во подалечна иднина“, а САД „срдечно поддржуваат еден таков договор“ за Балканот.

Атина како противуслуга нуди бази во Грција!

Според документите депонирани во Националниот архив на Велика Британија во Лондон, односно според преписката на Форин офисот и дипломатските претставници на Велика Британија при владите во егзил, британската политика калкулира со идејата дека конфедерација што би се протегала од Балтикот до Медитеранот би била идеално решение за интересите на Велика Британија во Источна Европа и Балканот! Во таа насока, за почеток, најбрзо би можела да се реализира таканаречената балканска федерација. Според телеграма на Џорџ Рендел, амбасадор на Велика Британија при Кралството Југославија во емиграција, испратена до Антони Идн, министер за надворешни работи на Велика Британија, стои дека „југословенскиот министер за надворешни работи (Момчило Нинчиќ н.з.) на 15 октомври 1941 година во доверба ме информира дека претходниот ден му го доставил на грчкиот премиер југословенскиот предлог за она што тој го опиша како евентуална ’унија’ на Југославија и Грција“. Проектот предвидувал Југославија и Грција по војната да формираат единствена царинска и монетарна унија, но би ги обединиле и воените ресурси и би одржувале заедничка армија. Тие, исто така, би следеле идентична надворешна политика, кон која би се приклучила и Бугарија, но, според британските „експерти“, Георги Димитров и Коста Тодоров не се тип луѓе што се „способни да донесат мудри и далекосежни политички одлуки“, а грчкиот премиер во егзил, Емануел Цудерос, сѐ уште не се изјаснил за конкретниот план за формирање ваква федерација.

Веднаш потоа специјален „експерт“ на Форин офисот стапува во контакт со грчкиот премиер Цудерос, кој соопштува дека југословенскиот предлог за федерација би го третирале „топло“ или „ладно“ само ако Британците, односно Владата на неговото височество, кралот Џорџ Шести, даде таква препорака. Притоа, според Цудерос, неговата држава веднаш би можела да направи „сојуз со Велика Британија за повоениот период и да понуди бази во Грција“. Дваесетина дена подоцна, во ноември 1941 година, поточно на 4 ноември 1941 година, друг „експерт“ на Министерството за надворешни работи на Велика Британија информира дека „Цудерос во никој случај не се противи на идејата за грчко-југословенска или балканска федерација“, а од наша страна му беше пренесено дека „со формирањето ваква федерација по војната“, Грција потоа сигурно нема да има потреба да се грижи за „стратегиската граница меѓу односните држави“. Следниот месец Цудерос ја прифаќа комплетната предлог-платформа за федерација што ја нуди Југославија, освен делот за функционирање на армијата, сметајќи дека не е „паметно веднаш да се оди на една армија за двете земји“, иако Грција е подготвена да „прифати идеја за заеднички генералштаб“ или некаква друга форма преку која би се контролирале двете армии. Во декември 1941 година, Министерството за надворешни работи на Велика Британија донесува меморандум за грчко-југословенската федерација, без Македонија, се разбира, во кој, меѓу другото, се нотира дека „грчката влада сака да го промени југословенскиот план на таков начин што ќе ја ослабне концепцијата на федерацијата, предлагајќи договор сличен на оној од пред војната во лицето на Балканската антанта“, а истовремено инсистирајќи на „отфрлање на сите повикувања за царинска унија“, како и не поддржувајќи формирање „постојано биро за извршување на одлуките на федерацијата“. Во британскиот меморандум понатаму се вели дека државниот секретар на 25 ноември се расправал со премиерот на Грција, поддржувајќи го југословенскиот план, па Цудерос ветил дека ќе го преиспита својот став. Во истиот меморандум се подвлекува дека, доколку Бугарија сака да влезе во федерацијата, мора да се „приспособи во корист на Грција и Југославија“. Ставот на Грција во однос на Турција е дека таа треба да влезе во федерацијата, но само ако е подготвена да отстапи дел од националниот суверенитет на федерално ниво. Доколку не сака да влезе под тој услов, тогаш би било добро да влезе макар и во некаков конфедерален однос, кој ќе биде битен за формирање „бедем против германските и руските планови“ во тој дел на Европа.

Америка срдечно поддржува договор без Македонија!

Во активностите околу формирањето на грчко-југословенската федерација без Македонија, „експертите“ во Министерството за надворешни работи на Велика Британија се вклучуваат активно, редовно известувајќи за секој предлог или промена на ставот во едниот или во другиот табор, доаѓајќи до констатација дека, доколку федерацијата се прошири со Романија, Албанија и Бугарија, „ниту една единица нема да биде толку силна за да им пркоси на преостанатите“, а со тоа ќе „имаме најдобра шанса да му се спротивставиме на руското влијание сега и во подалечна иднина“ на Балканот. Во тој контекст, на 31 декември 1941 година, британскиот „експерт“ Дикинсон известува дека тоа утро грчкиот премиер го информирал дека наскоро очекува да го потпише договорот со Југославија под покровителство на Владата на неговото величество, Џорџ Шести. Според информациите што ги имале Британците, САД „срдечно поддржуваат еден таков договор; турската влада гледа на него со доза на недоверба, додека советската влада дава многу топол прием на договорот“. Грчко-југословенскиот договор во однос на формирање балканска унија е потпишан на 15 јануари 1942 година во Министерството за надворешни работи на Британија, а основниот принцип на договорот е „Балканот на балканските народи“, меѓу кои, секако, воопшто не се спомнува македонскиот народ.

Само неколку часа подоцна, двата крала, кралот на Хелените, Георги Втори, и кралот на Југославија, Петар Втори Караѓорѓевиќ, кои се наоѓаат во егзил во Каиро, одржуваат говори по повод потпишувањето на договорот, изразувајќи надеж дека федерацијата ќе обезбеди „среќа и просперитет на народите на полуостровот“, дека се формира во „интерес на нејзините народи“ и дека со неа ќе се направат сосема невозможни „меѓусебните конфликти, а ќе се формира и моќна одбранбена воена сила против каков било напад однадвор“. По завршувањето на својот говор, југословенскиот крал наздравува со почит кон „славната иднина на Грција, пријател и сојузник на Југославија“. Следните неколку дена грчкиот печат во САД, на пример, со воодушевување го коментира потпишувањето на договорот за федерација меѓу Југославија и Грција, без Македонија, пишувајќи дека ваквиот договор е „историски договор за грчката и југословенската нација“, и дека тој ќе го „запечати старото пријателство меѓу Грција и Србија“.
Според проф. д-р Тодор Чепреганов, кој со децении го истражува македонското прашање во британските и во американските архиви, Кралството Грција и Кралството Југославија, подготвувајќи ја својата федерација, воопшто не ги спомнуваат Македонија и македонскиот народ како дел од планот за „среќа и просперитет на народите на полуостровот“. Во документите на Форин офисот „македонскиот проблем“ првпат се спомнува дури во мај 1943 година во писмото на Џорџ Реднал, амбасадор на Велика Британија при Кралството Југославија во емиграција, испратено до Ормер Сарџент од Министерството за надворешни работи на Велика Британија: „Грција полесно ќе се справи ако Бугарија биде во унијата, отколку ако подоцна таа ги наметне сите видови неразумни услови за прием“.

Од друга страна, пишува Рендел, ако Бугарија ѝ се придружи на јужнословенската држава, а со тоа и на грчко-југословенската федерација, една од последиците секако ќе биде да ѝ се даде некој вид автономија на Македонија: „Лично секогаш сум чувствувал дека соодветно решение за македонскиот проблем е Македонија да биде одделна единица во пошироката унија врз основа на еднаквост со Србите и Бугарите“, пишува Рендел, додавајќи дека „југословенско-бугарската унија би била толку голема и силна што ќе ја засени целата балканска федерација, иако тоа зависи и од фактот дали Турција ќе се приклучи на конфедерацијата или не: „Ако наша цел навистина е да се спречи Русија во формирање империјалистичко влијание на Балканот, тогаш Турција сигурно ќе биде охрабрена да се придружи на конфедерацијата. Ако се придружи, Турција ќе биде повеќе од рамнотежа на која било југословенско-бугарска унија, а ако конфедерацијата подоцна се прошири, да речеме, од Љубљана до Дијарбекир, тогаш таа конфедерација мора да има соодветна цврстина и сила, односно не треба да има слаба алка во средината…“, завршува британскиот дипломат Џорџ Рендел, кој прв ја спомнува Македонија како одделна единица во пошироката унија врз основа на „еднаквост со Србите и Бугарите“.

Пишува: Блаже Миневски