Емил Павлов освои злато на ЕП 2014

Во борби ќе настапат девет, а во кати четворица претставници, предводени од селекторите Арсовски и Андриевски

Репрезентативните бои на Македонија на претстојното Европско сениорско првенство (ЕП) во Нови Сад (10-13 мај), ќе ги бранат вкупно 13 каратисти, од кои девет во борби и четири во кати. Селекторот на сениорската селекција во борби Сашко Арсовски и селекторот во кати, Стојан Андриевски, ги соопштија каратистите што ќе се борат на татамите во Србија на континенталното првенство. – Кај мажите во борби ќе настапат пет, а кај жените четири претставници. На 28-ми месецов ќе бидат организирани 10-дневни подготовки во нашата стара база, хотелот „Истатов“ во Дојран.

Пред тоа ќе има и неколку викенд-турнирски подготовки во Скопје, кои, пак, ќе ни помогнат во темпирањето на потребната форма. На подготовките ќе ни се приклучи и кондициски тренер што ќе ни го испрати Агенцијата за млади и спорт (АМС). Можно е по завршувањето на подготовките да приклучам уште некој каратист, но само за настап во екипниот дел. Немам посебен фаворит за медал, бидејќи сите репрезентативци се квалитетни, верувам во нив, така што секој може пријатно да изненади и да се бори за медал.

Конкуренцијата на ЕП ќе биде мошне силна, па затоа ќе бидам задоволен ако освоиме најмалку едно злато – вели Арсовски. Кај каташите нема да имаме претставници во машкиот екипен дел, поради големата возрасна и тежинска разлика помеѓу предвидените репрезентативци.

– Каташите ќе се подготват во Дојран заедно со каратистите во борби. Објективно, во поединечна конкуренција ќе биде тешко да се стигне до медал, но во екипниот женски дел можеме да направиме пријатно изненадување – истакна Андриевски.

На последното ЕП во Коачели, (Турција) во 2017 година, Македонија освои два медала. Берат Јакупи (категорија до 84 кг) се закити со сребро, а Јована Георгиева (до 55 кг) ја освои бронзата, и двајцата во дисциплината борби.