На Медитеранските игри во Шпанија во јуни машката селекција ќе биде составена со ракометари од А-репрезентацијата и од млади ракометари што имаат потенцијал и репрезентативен квалитет, а женската репрезентација ќе настапи во својот најсилен состав

Помошникот на селекторот Раул Гонзалес, Роберто Парондо, и тренерот на голманите Александар Царчев ќе ја предводат машката ракометна репрезентација на Македонија на Медитеранските игри во Тарагона, Шпанија. Ова беше соопштено на вчерашната седница на управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) на која покрај другото беше одредена и висината на премијата што ќе ја добијат ракометарите и ракометарките за пласман на СП 2019 за сениори, односно на ЕП 2018 за сениорки.

На седницата усвоено беше и барањето на судиите и делегатите за зголемување на судиските такси, беа презентирани извештаите и плановите за досегашните и идните настапи на машките и на женските селекции во сите категории, а од претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, беше најавена и финансиска поддршка од Агенцијата за млади и за спорт во висина од 1,25 милион денари, која ќе ја поделат победниците на завршните турнири во младинските категории. На Медитеранските игри во Шпанија во јуни Македонија ќе биде застапена и во машка и во женска конкуренција.

За разлика од женската репрезентација, која ќе настапи во својот најсилен состав, машката селекција ќе биде комбинирана, со дел од А-репрезентацијата и со дел од младите ракометари што имаат потенцијал и репрезентативен квалитет. Македонските репрезентации настапија на Медитеранските игри во Мерсин во 2013 година, кога Македонија како дебитант со, исто така, подмладен состав го освои осмото место кај мажите и 11-то кај жените. На седницата на УО беше прифатено барањето на Здружението на ракометни судии и делегати за зголемување на судиските и делегатските такси на мечевите во домашното првенство од 3.000 на 4.000 денари. Зголемување на таксата ќе има за судиите и за делегатите и во Првата и во младинските лиги, но тие такси се на трошок на РФМ, а не на клубовите.


Премија за пласман на СП и бонус за супериорен настап во баражот

Македонските репрезентативци ќе поделат 30.000 евра за пласман на СП 2019, а доколку забележат победи во двата меча со Романија во јуни, ќе добијат бонус од уште 10.000 евра. Оваа одлука беше усвоена по предлог од претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, кој изрази искрено верување во нов пласман и задржување на континуитетот од настапи на големите натпреварувања. За женската репрезентација одредена е премија од 30.000 евра.