Земјава изминатите децении речиси секое лето беше погодена од големи шумски пожари, во најголем дел намерно предизвикани од луѓето за да се дојде нелегално до огревно дрво. За алармантноста на ситуацијата неодамна предупреди и Европската комисија, од каде што посочуваат дека поради најавите за исклучително топло лето оваа година низ Европа може да се очекуваат шумски пожари многу повеќе од просекот

По предупредувањето за зголемена опасност од шумски пожари

Најавите за топлотни бранови летово ја зголемуваат потенцијалната опасност од појава на шумски пожари во земјава, а недоволната координираност и непрецизната поделеност на надлежностите дополнително ја наметнува дилемата колку Македонија е подготвена да се справи со ваквата закана.
Земјава изминатите децении речиси секое лето беше погодена од големи шумски пожари, во најголем дел намерно предизвикани од луѓето за да се дојде нелегално до огревно дрво.
За алармантноста на ситуацијата неодамна предупреди и Европската комисија, од каде што посочуваат дека поради најавите за исклучително топло и сушно лето оваа година низ Европа може да се очекуваат шумски пожари многу повеќе од просекот.
Оваа пролет во земјава веќе имаше натпросечни температури, поради што во некои делови веќе имаше шумски пожари од помал обем, а со доаѓањето на летото работата може да стане многу полоша.

Дополнителен проблем е долгиот децентрализиран синџир на надлежности, поради што времето на реакција често е забавено бидејќи пред да се кренат во воздух авионите за гаснење пожар треба да се исполнат неколку услови, а за тоа време огнената стихија голта сè пред себе.
Според првиот човек на Центарот за управување со кризи Агрон Буџаку, оваа пролет поради пандемијата на ковид-19 не се одржани подготвителни состаноци во подрачните единици во пресрет на сезоната на пожари.
– Центарот за управување со кризи секоја година во пролетниот период организира подготвителни состаноци со локалните претставници за да се разработи стратегија за справување со пожарите. Оваа година поради познатата ситуација со коронавирусот, овие состаноци не беа одржани, иако лично инсистирав да има такви состаноци за да можеме да бидеме подготвени за евентуални закани, било да станува збор за пожари, поплави или слично – вели Буџаку.

Тој додава дека времето на централизирани дирекции за реакција завршило со распадот на поранешна Југославија, а од 2003 година во земјава функционира децентрализиран систем во кој пожарникарите потпаднаа под локалните самоуправи.
– Треба малку време за да профункционира овој децентрализиран систем. Покрај тоа, во овие кризни времиња постојано има кусок на средства и поради тоа пожарникарите немаат доволно опрема за ефикасно справување со пожарите – нагласува Буџаку.
Според него, постои редослед по кој се реагира при појава на шумски пожар, но тоа не ја намалува брзината на реакцијата.
– Најпрво реагираат „Македонски шуми“, па доколку тие не можат да се справат интервенира локалната самоуправа, па Дирекцијата за заштита и спасување, која ги активира „канадерите“, па ако и тоа не е доволно, се повикуваат армиските и полициските хеликоптери. Ние како ЦУК следиме и координираме и ако групата за процена утврди дека ситуацијата е надвор од контрола, прогласуваме кризна состојба на одредено подрачје и тогаш веќе има законска основа за ангажирање и на армијата – појаснува Буџаку, притоа додавајќи дека пред некоја година била прогласена ваква кризна состојба за време на големите пожари во општините Чашка и Македонски Брод.
И од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека целосно се подготвени со сите ресурси да се справат со евентуални пожари летово.

– Имаме наши подготвени тимови за брз одговор во разни ситуации, покрај тоа имаме и авиоодделение со три авиони „ер трактор“, кои им даваат воздушна поддршка на земските сили. Авионите не го гаснат пожарот, тие само помагаат во намалување на неговиот интензитет, а остатокот го вршат силите на земја – вели Аднан Џафероски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Тој уште додава дека авионите се редовно сервисирани во текот на зимата и во секој момент можат да бидат активирани доколку има потреба, а истовремено се спроведува и кампања за издигање на свеста кај луѓето за намалување на опасностите од предизвикување пожари.

Поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов смета дека сегашниот систем на поделеност на ингеренциите меѓу ЦУК и Дирекцијата за заштита и спасување не функционира добро.
– Замислата на хартија беше добро разработена, но во практика тоа не функционира. Сметам дека ЦУК и Дирекцијата за заштита и спасување треба да се спојат во едно тело, кое ќе може ефикасно да одговори на сите предизвици – е ставот на Трајанов.