Фото: Маја Јаневска-Илиева

Меѓу освежувањата на списокот на селекторот Гонзалес за подготовките за СП се неколку млади ракометари од Металург, Серафимов, Танкоски, Димитриоски, Јагуриновски, Томовски и Лазаревски, со што просечната возраст на репрезентацијата се намали за две и пол години во споредба со составот што настапи на ЕП 2018

Селекторот на македонската сениорска ракометна репрезентација, Раул Гонзалес, го направи првиот чекор кон подмладувањето на националниот тим, објавувајќи го скратениот список за подготовките за претстојното Светско првенство (СП) во Германија и во Данска, кое треба да се одржи од 10 до 27 јануари идната година. Селекторот од поширокиот список репрезентативци во подготвителната фаза нема да смета на шест ракометари, меѓу кои и бекот Филип Миркуловски, кој веќе најави дека нема да настапи на СП, бидејќи не се чувствува подготвено да го даде максимумот што се очекува од него.

– Жал ми е што нема да бидам дел од репрезентацијата на претстојното СП. Но тоа е тоа. Влечам многу повреди и не сум подготвен да одиграм на нивото на кое се очекува од мене. На момците им посакувам многу среќа и да успеат да остварат пласман во квалификациите за Летните олимписки игри (ЛОИ) 2020 во Токио – изјави Миркуловски.

Меѓу репрезентативците што отпаднаа од листата на Гонзалес се и искусниот централен бек Немања Прибак, до неодамна стандардните, левото крило Гоце Ојлески и пикерот Никола Марковски, потоа голманот Јане Цветковски и бекот на Вардар, Марко Мишевски.

Меѓу освежувањата на репрезентативните редови се пет млади ракометари од редовите на Металург, од кои некои летоска беа дел од младинската репрезентација на Македонија, која го освои првото место на шампионатот на Европската ракометна федерација (ЕХФ) од дивизијата Б, кој се играше во Скопје. На списокот на Гонзалес се и Мартин Серафимов, Марио Танкоски, Димитар Димитриоски, Томислав Јагуриновски, Милан Лазаревски, Мартин Томовски (сите од 18 до 21 година). Тие во тековната сезона имаа одлични настапи во мечевите во Лигата на шампионите (ЛШ) и во Регионалната лига.

Со ова подмладување просечната возраст на ракометарите во националниот тим на Македонија се намали од 27,1 година (просек на ракометарите од поширокиот список) на 26,5 години (просек на 22 ракометари од скратениот список). Доколку, пак, направиме споредба со просечната возраст на тимот што ја претставуваше Македонија на Европското првенство (ЕП) годинава во Хрватска и кој тогаш имаше просечна возраст од 29 години, тогаш подмладувањето од ЕП 2018 до СП 2019 изнесува две и пол години.

Собирот на репрезентативците за официјален почеток на подготовките е закажан за денеска (16.30 ч.), во хотелот „Александар палас“ во Скопје. Првата фаза од подготовките ќе се одвива до 30 декември. Ракометарите ќе имаат дводневни паузи за новогодишните и за божиќните празници. Подготовките ќе продолжат на 2 јануари, на 4 и 5 јануари македонската селекција ќе одигра два контролни натпревара со селекцијата на Србија, едниот од отворен, а другиот од затворен карактер. Ракометарите во Скопје ќе тренираат до 8 јануари, а на 9-ти заминуваат за Минхен, каде што ќе имаат два дена за тренинзи и за аклиматизација.

Во првиот натпревар на Мундијалот (11 јануари) противник на Македонија ќе биде селекцијата на Јапонија, а потоа се и мечевите со Бахреин, Хрватска, Шпанија и со Исланд. Г.И.; Та.Д.