По Макпетрол, со кого беше втор во Купот на НБЦ, годинашнава титула во ЛШ со Запрешиќ на Влакевски му е најголемиот клупски успех. Со македонската репрезентација има сребро на СП во Залаегерсек во 2013 година

БОЈАН ВЛАКЕВСКИ, ЧЛЕН НА ЕВРОПСКИОТ КУГЛАРСКИ ПРВАК ЗАПРЕШИЌ

Хрватскиот клуб Запрешиќ на неодамна завршниот фајналфор-турнир во Лигата на шампионите (ЛШ) на свој терен убедливо го совлада германски Рот Зербст со 7-1, а во финалето и словачки Спорт Подбрезова со 5-3. За успехот на новиот европски шампион многу придонесе и македонскиот куглар, Бојан Влакевски (33) со 679 и 696 соборени кегли. По Макпетрол, со кого беше втор во Купот на НБЦ во Аугсбург 2013-та, ова му е најголем клупски успех, а со македонската репрезентација има сребро на СП во Залаегерсек во 2013 година. Личниот рекорд му е 701 соборена кегла, а досега ги бранел боите на Тутунски комбинат Скопје, Окта, Макпетрол, Вардар 2014, Медвешчак и Запрешиќ. Бил првак на Македонија во сите возрасни категории, а сениорски во 2016 година. Го интересира сѐ што е поврзано со спорт, а еднакво добро игра пинг-понг и кошарка.

– Со оглед на тоа што игравме во наша кугларница и пред свои навивачи, верувавме дека можеме да бидеме први во ЛШ, односно повторно да триумфираме во истата кугларница како и минатата година, кога Запрешиќ беше шампион, но во Светскиот куп (СК). Радоста беше огромна, за мене беше прв успех во ЛШ, но и за сите во клубот, бидејќи беше единствениот пехар што му недостигаше на Запрешиќ.

Од каде идејата да ја продолжите играчката кариера во Хрватска?
– Во Хрватска првпат отидов да играм во втората полусезона од 2017 година, по покана од претставник на Медвешчак, клуб што сакаше да се спаси од испаѓање во Втората лига. За жал, не успеавме, но следната сезона заедно со Димитар Димитровски го вративме клубот во тамошната Прва лига. Потоа во мај настапив на турнир во Запрешиќ, каде што го освоив првото место со личен рекорд од 701 соборена кегла. Тоа го забележаа претставниците на Запрешиќ и така почнаа преговорите, укажувајќи ми дека имаат амбиции да бидат први во ЛШ, како што беа и во СК. Прифатив, тоа за мене беше предизвик, бидејќи никогаш дотогаш немав играно во ЛШ.

Колкава е разликата помеѓу македонското и хрватското куглање?
– Разликата е огромна. Самиот пристап кон овој спорт е поинаков. Овде на куглањето гледаат како на спорт, живеат за него, а кај нас како на рекреација, каде што не може многу да се напредува, ни екипно, ни поединечно. Во Хрватска државата го помага куглањето, а нашите дуели во ЛШ беа директно пренесувани и на ТВ. Играме во најмодерна кугларница вредна 1,2 милион евра, а старата беше под стадионот на ФК Запрешиќ.

До кога ќе останете во Запрешиќ и дали веќе имате нова клупска дестинација?
– Договорот ми истекува летово, но размислувам каде ќе одам понатаму, оти имам сериозни понуди од еден германски клуб, кој е второпласиран во Бундес-лигата. Ако сѐ биде во ред со трансферот, би сакал да останам уште една сезона во Запрешиќ, но, сепак ќе видиме.

Колку ви помогна Бранко Манев околу аклиматизацијата во новата средина?
– Ако е потребна некоја поддршка кога си во странски клуб, тоа е секако од блиски луѓе. А таков е Бранко Манев со кого се познаваме многу години. Меѓу сите играчи постои силна конкуренција, но приоритет ни се успесите на клубот, а не кој ќе игра.

Дали ќе го следите Манев, по прашањето за хрватско државјанство?
– Веќе сум во процес за добивање нивен пасош. Тоа треба да биде средено до почетокот на СП во мај годинава, но засега уште не е, па на СП ќе настапам за Македонија.

Останува ли сѐ уште амбицијата да бидете светски поединечен првак?
– Немам преголеми амбиции, но ако ми се укаже таква можност, зашто да не. На минатото СП во Клуж, Романија бев шестопласиран, а со малку среќа и кондиција во финишот можев да стигнам и до медал.

Какви се шансите на Македонија на претстојното СП во Чешка?
– На СП во Рокичани, во група сме со Србија, Чешка, Полска и Естонија, а две селекции одат понатаму. Ако на пример бидеме втори со еден пораз и три победи, најверојатно ќе вкрстиме со Германија во четврт-финалето. Сметам дека Македонија има шанси позитивно да изненади. Репрезентативните подготовки веќе почнаа, а завршните ќе бидат два дена во Бачка Топола, на патот кон Чешка. Десет куглари веќе тренираат, а кој ќе замине на СП, ќе одлучи селекторот Дамир Фучкар.

[email protected]