Експертите сметаат дека цела низа европски држави се наоѓаат на линија на огнот кога станува збор за односите на Вашингтон и на Москва, при што Македонија, особено сега пред референдумот, ниту малку не е поштедена

Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, отсекогаш бил интересен за големите сили.
Америка со своите сојузници во НАТО од едната страна и Русија со своите партнери од другата страна сѐ поинтензивно ги кршат копјата во регионот, но и во земјава особено кога во Македонија е закажан референдумот за крајот на месецов, на кој граѓаните треба да се изјаснат дали се за прифаќање на спогодбата со Грција, а со тоа и за наше идно членство во НАТО и во ЕУ. И додека двата блока истовремено организираат масовни воени вежби со илјадници војници, бродови, тенкови, авиони и друга опрема и упатуваат сѐ пожестоки закани до ривалите, земјава се соочува со друга битка, битка без оружје, битка со информации и со пропаганда, кои, според домашните експерти, се насочени кон претстојниот референдум, а се сведуваат главно на за и против референдумското прашање. Ваквиот тренд, кој е загрижувачки и кој дополнително го поларизира и така веќе поделеното општество, веќе извесно време е предмет на опсервација и анализа, како на домашните така и на регионалните познавачи на проблематиката. Повеќето се согласни дека земјите од регионов ќе се соочат со засилен притисок да заземат страна, односно да се приклучат кон некој блок. Конкретно во Македонија, мешањето на западните, но и на источните пропаганди машинерии за нив е повеќе од очигледно. Експертите сметаат дека цела низа европски држави се наоѓаат на линија на огнот кога станува збор за односите на Вашингтон и на Москва, од кои Македонија ниту малку не е поштедена.

Поранешниот дипломат и амбасадор во Москва, Ристо Никовски, вели дека ваквите геополитички турбуленции не ја заобиколуваат Македонија.

– Антируската хистерија ги доживува своите врвови во Америка и во конкретниов случај не ја заобиколува ниту Македонија. Балканот беше и останува важен за нив и капитулацијата на Македонија е очигледно сериозна добивка. Затоа треба да се направи сѐ договорот со Грција да успее. Додека тие вреват за некакво руско мешање денеска доаѓа нивниот министер за одбрана за да ни каже дека треба да гласаме за. Тоа во никој случај не е мешање туку чиста солидарност. Во меѓувреме СОРОС и УСАИД прават ’ршум во земјава и тоа повторно не е никакво мешање. Така е бидејќи за нив сме протекторат и банана-држава од најнизок калибар и затоа се обидуваат да ни помогнат. Токму затоа за Русите нема и не може да има место – оценува Никовски.
За разлика од него, политичкиот аналитичар Алберт Муслиу смета дека има повеќе причини за ангажманот на западните политичари во земјава во периодов. Во Европската Унија но и во САД, според Муслиу, никој не се чувствува комотен поради долготрајноста на спорот, а причина е и геостратегиското приближување и тенденциите на Русија и на некои други источни земји што има потенцијал да предизвика и конфликти.

– Претседател на една партија во земјава, која јавно се декларира дека пропагира проруска политика во Македонија и се заложува дека е за бојкот на претстојниот референдум, јасно укажува дека земјава сепак подлежи на руска пропаганда политика. Таа во принцип не е за НАТО и е против референдумот. Од иста страна неодамнешната изјава на рускиот амбасадор во земјава дека Македонија ќе биде легитимна цел на Русија во случај на конфликт со НАТО го потврдува фактот дека на Москва не ѝ одговара Македонија и регионот да се приближуваат до НАТО. Токму затоа е и ангажманот на САД да го оневозможат тој процес на наше забавување кон Алијансата, кое очигледно доаѓа од Истокот. Македонија е следна држава што е пред вратите на НАТО и во овој момент никоја друга земја нема што чека за влез. Оттука логично е да се претпоставува дека сме легитимна „информативна цел“ на Русија да не оневозможи сценарио, кое беше неодамна видено и во Црна Гора, која пред некоја година влегуваше во НАТО. Земајќи ги предвид искуствата што ги имаше Црна Гора можам да заклучам дека Македонија иако од помал размер сепак е цел на пропаганден притисок од големите сили односно од Русија и од Америка – наведува Муслиу.

Тој дообјаснува дека самиот факт што американскиот секретар за одбрана е во земјава говори дека Москва сериозно работела на овој процес за наше забавување, односно за незачленување во НАТО.

Инаку, со анализа за ваквите случувања неодамна излезе и американскиот влијателен весник „Њујорк тајмс“ оценувајќи дека Москва прави големи напори за неуспех на референдумот на 30 септември.

– Главна цел на оваа пропагандна кампања, која се одвива по македонските социјални мрежи и по медиумите, е спречување на ширењето на НАТО. Американскиот Конгрес на почетокот на 2017 година одвоил 8 милиони долари буџетски средства за борба против руската пропаганда во Македонија, но парите сѐ уште не се искористени. Средствата за борба против руската пропаганда во Македонија беа задржани цела година и допрва треба да бидат ефективно распределени – наведува весникот.
На тврдењата за наводните мешања на Русија или на која било земја преку пласирање лажни вести поврзани со референдумот одговори и премиерот Зоран Заев. Тој во изјава за медиумите рече дека сепак нема докази дека Москва споделува лажни вести преку социјалните мрежи во Македонија.

– Ние сакаме да градиме пријателски односи со Руската Федерација, тие го поддржуваат членството во ЕУ, но се против Македонија да влезе во НАТО и ние се обидуваме да ги убедиме дека немаме друга алтернатива. Ако имам докази за мешање со лажни вести јас јавно ќе ги споделам – рече Заев.

Заев во исто време кажа и дека државниот секретар за одбрана на САД, Џејмс Матис, е дојден да ги охрабри граѓаните да си го искористат своето демократско право на референдумот и очекува со него да разменат искуства како партнерски земји.