Луѓето што имаат еден талент имаат и десет други добри страни, вели Лепа Брена Фото: Маја Јаневска-Илиева

Јас сум човек што ги чувствува просторот, луѓето, енергијата и можам да кажам дека ми одговараше животот во Скопје. Тоа ми е еден од помирните периоди во животот

Лепа Брена, балканска музичка ѕвезда

Не мислев дека толку години ќе се занимавам со пеење. Оваа професија е напорна, бара голема жртва. Се трошиш како секоја година да учествуваш на олимписки игри. Но исто така можам да кажам дека ме одржува љубовта кон песната и публиката, која ми дава сила, ми ги шири крилјата и прави да се чувствувам најдобро кога сум на сцена, изјави Фахрета Јахиќ, многу попозната како Лепа Брена, на неодамнешната прес-конференција во Скопје, на која го најави концертот што ќе се одржи на 15 декември во арената „Борис Трајковски“, по повод 35 години успешна музичка кариера. Таа исто така рече и дека снимила автобиографски документарен филм во три дела, кој наскоро ќе го види и нашата публика.
Брена ја започна турнејата со настап во Лондон, а за концертот во Скопје најави дека ќе биде еднакво спектакуларен како и неодамнешниот во Белград.

Koja е формулата за успешно да се поминат сите премрежиња на Балканот и, од ѕвезда во поранешна Југославија, сѐ уште да бидете ѕвезда на овие простори?
– Тешко прашање, но јас никогаш не работев на тоа да бидам ѕвезда. Мислам дека публиката ме награди со својата љубов и почитување, затоа што сѐ што правев, правев искрено и од срце. Сакав секогаш да бидам таа што ќе им пренесе една добра емоција на луѓето, секако низ песна, на моите концерти. И тука е суштината. Не може човек да се стреми да стане ѕвезда. Наша задача е да снимиме добри песни, да правиме добри концерти, а резултатите доаѓаат ако сето тоа ѝ се допадне на публиката. Сепак, мора да имате добра, квалитетна песна, добра интерпретација и, во извесна смисла, добра животна етика што придонесува да се чувствувате добро во својата кожа, луѓето го препознаваат тоа. Тоа всушност е формулата да се биде ѕвезда. Затоа што ниеден сликар не слика за да биде познат, туку затоа што има некаква инспирација, порив. Добриот хирург има желба да ја изврши операцијата на најдобар начин. Никој не сака да биде славен, но кога најдобро ја работите својата работа, станувате славен. Секогаш се шири гласот за тоа кои се добри луѓе. Па, така некако и јас успеав да функционирам и да опстанам сите овие години. И, искрено, мислев дека на овие години нема да пеам, нема да се занимавам со оваа работа, но забележувам дека токму сега најмногу уживам во тоа.

Сте живееле во Скопје извесно време, а веќе 35 години секоја година одржувате концерти низ Македонија. Какви спомени носите од нашата земја?
– Има еден спомен што постојано ме враќа овде. Еден период во животот, кога мојот сопруг Боба Живоиновиќ имаше професионални ангажмани во Скопје, а син ми Стефан имаше пет-шест години, живеевме на Водно. Јас сум човек што ги чувствува просторот, луѓето, енергијата и можам да кажам дека ми одговараше животот овде. Тоа ми е еден од помирните периоди во животот. Уживав што бев тука. Патував многу, но со ќеф се враќав. Човек понекогаш се плаши од промените, не знае дали ќе му одговараат, јас можам да кажам дека и Скопје и Водно ми одговараа многу. Затоа секогаш кога ќе дојдам овде се чувствувам како да доаѓам во мојот втор дом.
Македонците имаат добра енергија, а вашата музика ми е многу драга. Македонската публика секогаш ми возвраќа со позитивна енергија, со многу добри вибрации. Го чувствувам народот и знам дека тука луѓето не се агресивни, туку мили и драги луѓе. И секогаш кога пеам во Македонија го имам тоа чувство на посебност, милина, а се надевам дека така ќе биде и на 15 декември. Обожавам да пеам македонски песни, затоа што тогаш сите пееме наглас.

Покрај тоа што изградивте успешна музичка кариера, имате стабилен брак и прекрасно семејство, вие сте и успешна деловна жена. Како успевате да стигнете сѐ да направите?
– Доколку ја знаете биографијата на Бранислав Нушиќ, Михајло Пупин, Иво Андриќ, Меша Селимовиќ…, ќе ви биде јасно како. Ја сум личност што растела читајќи, слушајќи и учејќи кои се најдобрите, кои се најуспешните, најголемите. Нушиќ зборувал неколку светски јазици, бил дипломат, а и голем човек пред сѐ. Иво Андриќ е нобеловец, Меша Селимовиќ исто така е неповторлив автор. Луѓето што се добри во една работа, во комуникација со луѓето, кои можат да проникнат во една човечка душа, како да се мултиталентирани. Така сето ова што сум јас, за мене е многу нормално. Некако не ми е нормално да бидам само мајка. Секоја мајка наедно е и добра готвачка, добра организаторка. Ние сме личности што сме мултипрактични, мултифункционални. Луѓето што имаат еден талент имаат и десет други добри страни. Само треба да имате добра енергија, позитивно да размислувате, да привлекувате добри луѓе. Мислам дека тоа е реверзибилно. Ако давате добро и размислувате позитивно, тоа ќе ви се врати и вам.

Во мигови на добро расположение, дали имате омилена македонска песна што со задоволство знаете да ја запеете?
– Имам многу. „Како што е таа чаша полна со вино“, „Македонско девојче“, „Битола, мој роден крај“, „Зошто си ме мајко родила“, „Чае шукарие“. Тоа ми беше првата песна што како малечка ја слушав и ја пеев. Есма, инаку, ја обожавав и драго ми е што уште тогаш можев да ги препознаам луѓето што имаат светски квалитет, каков што несомнено имаше Есма Реџепова.