Во врска со најавите за можни предвремени парламентарни избори, Демократскиот сојуз ја афирмира идејата за тоа Македонија да биде една изборна единица.
Демократскиот сојуз смета дека за демократизација на државата и демонтажа на „еднопартискиот систем“, треба да се направи голем исчекор, а тоа е да се промени Изборниот законик, со кој ќе се определи Македонија да биде една изборна единица.

Само со една изборна единица составот на парламентот ќе биде реален одраз на волјата на граѓаните и ќе се зголеми одговорноста на извршната власт, како и влијанието на граѓаните при носењето битни одлуки за перспективите на државата.

Постојниот изборен модел со шест изборни единици, промените за финансирање на политичките партии, медиумската презентација, редоследот на партиите на гласачките ливчиња, составот на избирачките одбори, Државната изборна комисија и сл., ги форсира двете партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, овозможувајќи им 28 години да бидат на власт, без какви било шанси и можности на власт да дојде трета партија.

Демократскиот сојуз смета дека треба прво да се направат измени во Изборниот законик и да се обезбедат исти предуслови за фер политички натпревар, па потоа да се организираат парламентарни избори.

Демократскиот сојуз ги повикува сите помали партии заедно да се ангажираат и да се изборат за фер услови за политички натпревар.

Демократски сојуз