Во Маврово, каде што ги почнавме подготовките и за минатото ЕП во 2019-та, ќе се тренира во следните три недели, главно на подобрување на општофизичката кондиција, но ќе работиме и на некои техничко-тактички финеси и на уигрувањето на тимот. Потоа ќе следува втората подготвителна фаза, во која е планирано да одиграме неколку контролни натпревари со селекции од соседството, вели новиот селектор на Македонија, Душко Николиќ

ОДБОЈКА

Најдобрите македонски одбојкари, под водство на новиот селектор, Душко Николиќ, досекорешен помошник на Никола Матијашевиќ, кој беше сменет од функцијата, вчера во Маврово ја имаа првата прозивка. Со тоа беше означен почетокот на подготовките за настапот на Европското првенство (ЕП), што треба да се одржи од 1 до 19 септември во четири земји, Полска, Чешка, Финска и Естонија. Македонија ќе игра во групата Ц, во финскиот град Трампере, со домаќинот Финска, со кого го играше во воведниот натпревар и на ЕП 2019, со Холандија, Турција, Шпанија и со Русија.
– Во Маврово, каде што ги почнавме подготовките и за минатото ЕП во 2019 година, ќе се тренира во следните три недели, главно на подобрување на општофизичката кондиција, но ќе работиме и на некои техничко-тактички финеси и на уигрувањето на тимот. Потоа ќе следува втората подготвителна фаза, во која е планирано да одиграме неколку контролни натпревари со селекции од соседството, за што уште чекаме потврда. Сигурни ни се натпреварите на традиционалниот меморијален турнир „Бранко Хаџи Иљоски-Чајка“, што ќе се одржи од 19 до 21 август. Тие мечеви, вкупно пет, шест, до почетокот на ЕП би требало да бидат доволни, оптимално подготвени да го дочекаме првенството – вели Николиќ.

Македонија пред две години на деби-настапот на ЕП, во Љубљана, остави добар впечаток, забележа две победи, над Словенија и над Белорусија, со по 3-1, но не се пласира осминафиналето поради полошиот сет-количник од Финска. Вториот настап на ЕП, Македонија го обезбеди во јануарскиот квалификациски циклус на кој бевме домаќини, во Скопје. Конкуренцијата во групата е многу силна, можеби и посилна отколку на минатото ЕП, но амбициите не би требало да бидат помали, а тоа е пласман меѓу 16-те најдобри репрезентации.
– За Македонија е многу битно што повторно е на завршен турнир, заради стекнување играчко и друго искуство. За прогнозите, резултатите, очекувањата засега е рано да се говори, најбитно е добро да се подготвиме. Имаме искусни, проверени одбојкари, некои од помладите се наметнуваат, така што може да се направи добар, конкурентен тим. Друга добра околност е и што Македонија ќе биде дел и од ЕП 2023 како домаќин, со што ќе се продолжи континуитетот играње на големите турнири – рече Николиќ.
На списокот на селекторот Николиќ, кому ќе му асистираат Арсение Протиќ и Даниел Мишиќ (за физичка подготовка), се 24 одбојкари, меѓу кои четворица се со статус резерви. Повратници во составот се Марјан Урдов и Марко Јуниор Стошиќ.


СОСТАВ

Техничари: Ѓорѓи Ѓорѓиев, Филип Деспотовски, Марко Јуниор Стошиќ, Ефтим Ричлиев
Коректори: Никола Ѓорѓиев, Стојче Арсов, Марјан Урдов
Примачи: Владо Милев, Александар Љафтов, Стојан Илиев, Васе Михаилов, Лука Костиќ
Блокери: Филип Маџунков, Ристо Николов, Иван Андонов, Славе Наков, Филип Савовски, Филип Лепидовски
Либера: Дарко Ангеловски, Филип Николовски
Резерви: Давид Стојанов (техничар), Михајло Мирасчиев (коректор/блокер), Тино Шулајковски (блокер), Блертон Бафтијари (примач)

Селектор: Душко Николиќ