Овие фотографии се дел од најновата изложба на Смит, насловена „Крило“ и сместена во просториите на галеријата „Диего Ривера“ во Институтот за уметност во Сан Франциско

Во 2012 година, музичарката, поетеса и визуелна уметница Пети Смит отпатува во Мексико Сити за да одржи говор и да настапи во „Сината куќа“, некогашниот дом на сликарите Фрида Кало и Диего Ривера. За време на посетата на имотот, кој сега служи како музеј, Смит направи неколку црно-бели фотографии од предмети на кои наиде: еден пар патерици што ѝ припаѓале на Фрида Кало, нејзиниот корсет, бела покривка со ширит од дрвениот кревет на Диего Ривера. Овие фотографии се дел од најновата изложба на Смит, насловена „Крило“ и сместена во просториите на галеријата „Диего Ривера“ во Институтот за уметност во Сан Франциско.

– Првпат дознав за Фрида и Диего од една книга што мајка ми ја беше купила за мојот 16-ти роденден. Книгата се викаше „Чудесниот живот на Диего Ривера“. Бев многу инспирирана од тој прозорец кон животот на овие двајца сликари: нивниот начин на работа, политичките врски, факти за тоа како нивните уверувања биле инфилтрирани во нивната работа, нивните љубови, личните борби. Двајцата поминале низ многу победи и порази, но останале категорично упорни во својата врска. Тогаш помислив дека би било прекрасно да се биде во една таква врска – изјави Смит.

Патувањето на Смит не течеше без проблеми. Таа се разболе ноќта пред да тргне на пат, една морничава и збунувачка епизода, која е живописно опишана во нејзините мемоари од 2013 година, насловени „Возот М“. Фотографиите што таму ги направи – едноставни, но индикативни рефлексии на домот на оваа славна двојка и нивните лични предмети – се премногу впечатливи, а истовремено и некако чудно замаглени.
– Осветлувањето беше за никаде, а мојата камера скромна и едноставна. Она што ми се допаѓа на овие фотографии е што тие ја одразуваат мојата почит кон двајцата уметници и нивното живеалиште, но исто така и болеста што ме мачеше. Имав дизентерија и мигрена, па фотографиите се направени под многу тешки околности. Низ нив провејува таа темна атмосфера – раскажува таа.

Директорот на музејот ѝ предложил на Смит да се одмори во спалната на Ривера.
– Легнав на креветот и спиев. Собата немаше врата, па донесоа некаква ткаенина од дебел муслин и ја оптегнаа преку влезната порта, за никој да не ме вознемирува – вели Смит, која чувствувајќи се премногу лошо, ги оставила штотуку направените полароидни фотографии да лежат на подот.

Додека спиела, на Смит ѝ дошла на сон песна за Фрида Кало.

– Ја запаметив и подоцна ја пеев во градината – раскажува таа.

Стиховите од песната им ги дала на кураторите од „Сината куќа“ за тие подоцна да осамнат испишани на еден од куќните ѕидови. Смит заплакала кога првпат ги видела таму. Песната со наслов „Пеперутките на Ногучи“ започнува вака: „Не можам да одам, не можам да гледам подалеку од она што е пред мене. Лежам на грбот но сепак не плачам, однесена од пеперутки во вселената“.

Повеќето од делата на Смит ја рефлектираат нејзината длабока почит кон едноставните, обични предмети и поезијата што ја содржат. Покрај нејзините фотографии изложбата „Крило“ вклучува слики и од други значајни предмети и личности: столот на писателот Роберто Болањо, крст што му припаѓал на фотографот Роберт Мејплторп, масичка од омилениот (сега затворен) ресторан „Кафе ино“ во Вест Вилиџ, нејзиниот син Џексон, додека лежи на бел душек…

– Како да имам амајлија што ме штити, имам среќа. Чудно е. Можеби тоа е малата скулптура на жирафа што за мене ја направи ќерка ми, можеби е часовникот на мојот сопруг или, пак, црвената шамија на Вилијам Бароуз – вели Смит, а фотографијата од таа шамија исто така е дел од изложбените експонати, како и онаа од посетата на Смит на гробот на Бароуз.
В.Б.Н.