Тоа не е работа прекуноќ, а и ниту еден бизнис не се гради прекуноќ. Ова ќе биде исто. Сакам да продолжам таму каде што завршивме лани, само посилни. Имавме неколку подиуми, имавме победа. Би сакал годинава да имам уште неколку подиуми и уште една победа или две, односно чекор по чекор, борејќи се за повеќе и повеќе победи, рече Строл, сопственикот на Ф1-тимот Астон Мартин, пренесе „Би-би-си“

ФОРМУЛА 1

Лоренс Строл го купи Рејсинг поинт во 2018 година и реши да го преименува во Астон Мартин откако ја презеде британската автомобилска компанија во јануари минатата година. Астон Мартин последен пат се натпреваруваше на Ф1 во 1960 година.
Тимот лани заврши на четвртото место во шампионатот на конструктори и го освои своето прво гранпри, благодарение на поранешниот возач Серхио Перез, на трката во Бахреин.
Строл смета дека комбинација од неговата инвестиција во тимот, регрутирање повеќе персонал, реорганизација на бизнисот, буџетското ограничување што беше воведено во Ф1 годинава и новите технички правила што доаѓаат за 2022 година, ја направија „многу реална“ целта Астон Мартин да стане светски шампион во иднина, пишува „Би-би-си“.
– Ф1 е процес што трае со години за да се биде успешен. Тоа не е работа прекуноќ, а и ниту еден бизнис не се гради прекуноќ. Ова ќе биде исто. Сакам да продолжам таму каде што завршивме лани, само посилни. Имавме неколку подиуми, имавме победа. Би сакал годинава да имам уште неколку подиуми и уште една победа или две, односно чекор по чекор, борејќи се за повеќе и повеќе победи – рече Строл.

Шансите за триумф се зголемуваат откако германскиот возач, четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел (33) му се приклучи на Астон Мартин.
– Тој е четирикратен светски шампион. Мислам дека не заборавил како да вози за една година и дека ќе го одведе тимот во насоката каде што на крајот сакаме да бидеме. Го познавам добро Себастијан, имам 100 отсто верба дека ќе заврши фантастична работа со нас. Тој е помотивиран отколку што бил порано. Не сум загрижен – вели Строл пред новата сезона.