Ловџиското злосторство во Јасен

Утре тие во хаосот на војната би натрупале пред своите нозе, како во случајот со дивите свињи во Јасен, и купишта од убиени луѓе, трофејно како што тоа го правеа огисерите на Хитлер со Евреите и преостанатите. Да. А сега тоа, на идентитетски план со ликвидација на Името, го прави, драг читателу, со Македонија и Македонците, третирајќи ги како отстреланите диви свињи во Јасен, и политичката бирократија во Брисел, Вашингтон и Атина

Уште не можам да ја избришам од свеста фотографијата со како голем рид расфрлани диви свињи во националниот парк Јасен и зад нив истопорените ловџии-убијци, полни од петици до врв со темната атавистичка страст за убивање. Некои велат палеолитска, од ледената доба пред дваесет илјади години. Да. Но таа споредба е алиби на модерниот човек за да ги оправда своите темни нагони и инстинкти, префрлајќи му ги истите тие врз плешки на својот далечен палеолитски предок, или брат. Сеедно. И дали е тоа навистина така ако погледнеме некои пештери од таа ледена епоха како што се, на пример, Алтамира во Шпанија, или Ласко во Јужна Франција? Не. Тоа не се само катадневни живеалишта, домови на тој човек, туку и негови светилишта и уметнички галерии во кои ја гледаме истовремено и неговата митска и естетска душа со вроден нагон за, како што би рекол Хајдегер, израз на „ракописот на битието“: уметнички и филозофски. Со него всушност тој се интегрирал со силите на природата и космосот.

Неговите прекрасни камени цртежи, толку многу инспиративни и за модерната уметност, се знак на обожавање на ирвасите од кои зависела неговата егзистенција. Тој нив ги убивал, извинувајќи им се потоа обредно, со мерка колку за да се прехрани, и толку. А не како прејадените крвожедни ловџии од Јасен, кои испоубиле злосторнички сè што нашле во шумјаците на паркот, натрупувајќи пред своите нозе цел рид од диви свињи, за потоа трофејно да се фотографираат со своите жртви. Поголем идиотизам здравје.

Туку, ја читам твојата забелешка тука, драг читателу. Велиш: толку масовни убиства има денес на луѓе во светот, а јас, ете, со свинскиот масакр во Јасен. Да. Во право си. Доволно е да ги земеме за пример Американците, кои како планетарни ловџии се распукале насекаде, та паѓаат отстрелани луѓе како роеви муви, оти тие ним ништо не им значат кога е во прашање нафта или сè друго што се вклопува во лозинката „американски интереси“. Да. Но имено затоа. Затоа што нагонот за убиство е во секое и „најситно“ убиство од наша страна. Ако сте подготвен да убиете дури и само една пчела, или мравка, а не како крвожедните ловџии од Јасен цел рид од свињи, вие сте номиниран во категоријата убиец. Малку чудно. Нели? Барем за човекот на западната цивилизација, кој има изразити канибалистички квалитети. За него убивањето животни е и еден вид естетско задоволство, без разлика што и тој чин сугерира варварство. Да. Па, така и Африка, најбожествениот резерват на Создателот на најразлични прекрасни диви животни, чиј лик го позајмивме за своите знамиња и државни грбови, западната аристократија, ментално деградирана од својот материјализам, ја претвори во сафари, парк за своја трофејна забава, убивајќи го до истребување реткиот животински свет. Таму ловеше, јуначејќи се, за жал, и еден расен американски писател каков што е Ернест Хемингвеј.

Таков е приближно според својот темен нагон белиот западен човек, кој и својата раса и својата интелигенција ариевски ги прогласи за врвни во светот, иако тој речиси нема ништо научено, на пример, од пораката на нашиот свети Климент Охридски дека основната задача на човекот е да се искачува од анималното кон ангелското. Се разбира, пак, свети Климент со тоа немал намера да ги обвини за необожественост животните. Не, затоа што и тој, слично како свети Франческо од Асиза, знаел дека Бог го милува и прима човекот кај себе и преку неговиот однос кон животните. Затоа, имено, тој и им се обраќа на нив, на птиците и рибите. И некои поети, како што е тоа рускиот натурфилозоф Николај Заболоцки, кој во својата антологиска песна „Лицето на коњот“ вели дека коњот е мудрецот на светот и дека, имено, тој го заслужува јазикот, Словото, а не човекот, кому треба да му се искорне и да му се даде нему. Да. Интересно е, пак, дека со слична идеја приближно бил и лудиот римски император Калигула, попаметен од ментално ’рѓосаните ловџии во Јасен, кој својот коњ го вовел во римскиот сенат и го прогласил, како попаметен од актуелните сенатори, за сенатор, силен мотив што го инспирирал и Албер Ками да ја напише драмата „Калигула“.

Тоа. Туку зборот ми е дека што се однесува до универзалната љубов што ја проповедаат големите религиски системи, а која се однесува не само на човекот туку и на животните и растенијата, па и на минералниот свет, е многу покарактеристична за источниот отколку за западниот човек, кој веќе три столетија опфатен од филозофијата на материјалниот профит се испразни докрај од својата спиритуална содржина што ја поседуваше пред тоа. Индусите предничат во тој вид универзална љубов. Од нив на Запад стигнува и филозофијата за вегетаријанството, која и јас, драг читателу, ја усвоив пред триесетина години. Но и вегетаријанството, како и јогата и кришнаизмот, се повеќе мода отколку генеричка есенција на Запад. Многу повеќе мода отколку религиозна супстанција на битието. За Европејците вегетаријанството многу повеќе е вглобено во медицинскиот аспект за слабеење отколку во филозофијата на универзалната љубов во која Сè со Сè се спојува и проткајува, од најситното до најкрупното, со еднаква важност и вредност.

За тоа јасно зборуваат и ведите и упанишадите. Индусите,, за разлика од западниот човек, одлично го сфаќаат тоа. И го применуваат во практика. Особено експресивен е примерот на тој план со религиозната секта Џаинизам, чиј приврзаник бил и симболот на модерното миротворство Махатма Ганди. Имено, џаинистите се толку многу скрупулозни да не го повредат и најмалото живо суштество, па кога заминуваат да работат во поле си заврзуваат марама околу усните за да не им влета макар случајно и некоја полска мушичка, бидејќи и тоа го сметаат за убиство! Според нивното верување, сè што ќе убиеме во нашиот земен живот, од мушичка до тигар или лав, Создателот на небо ќе побара од нас да го создадеме. Тоа, пак, значи дека ние немаме право ништо да убиеме што не сме го создале. Тоа е универзалниот закон на религиозната етика и љубов на битието, кои треба да нè доближат до Создателот. Оти човекот на Западот, потпирајќи се на Светото писмо, мисли дека единствено тој е создаден според божјиот образ, па според тоа е и врховно земно битие, кое може да се однесува кон сè друго како што сака. Буквално како крвожедните ловџии во Јасен, кои покрај дивите свињи-мажјаци ги испоубиле и бремените женки.

Да. И тој идиотизам, драг читателу, има и една „религиска“ линија залутана во христијанството од темните страници на паганскиот симболизам и практика. Најкарактеристичен пример за тоа е обредниот симболизам со жртвеното јагне, со кое се симболизира Исус Христос, па денес христијаните, особено од православната сорта, одвај чекаат да дојде Велигден за да ги заколат јагнињата, симболи на Спасителот, и да ги постават на трпеза, прејадувајќи се со месо во негово име. Не треба повеќе да објаснуваме. Се разбира, тука во фокус е прастариот обреден симболизам на жртвата, рецидив уште од палеолитот пред 20.000 години. Да. Арно ама Исус, нели, јасно кажа дека тој дошол на светот помеѓу другото и за да ја укине жртвата, затоа што со распетието Тој е тоа, последното жртвено јагне. Она што не го разбра човекот. А не го разбраа можеби ни теолозите, кои не го поучија доволно верникот за тоа. Имено, можеби токму затоа, како што нè известува и апостол Јован во Откровението, дури и во Небесниот Ерусалим Јагнето (Исус) како Младоженец на Космичката свадба сè уште има белег на вратот од ножот што му го зариле луѓето при неговиот земен престој меѓу нив.

Тоа. Кажав во кратки црти приближно сè по повод страшниот ловџиски масакр во Јасен. Ако речам, пак, драг читателу, дека ловџиите се свињи, според сето она што го изложив понапред, ќе треба да им се извинам на свињите, дивите, за кои романскиот поет Аугустин Дојнаш напиша една прекрасна песна, со наслов „Дивечот со заби од сребро“. Дивечот во чија душа, како што вели и Рајнер Марија Рилке, никогаш не сме наѕреле и не знаеме што сè крие таа. А како и би знаеле, на пример, крвожедните ловџии од Јасен чија основна страст е убивањето животни, а утре, сигурен сум, во војна око нема да им трепне да убиваат и луѓе, бидејќи и нагонот за убиство има во себе универзален клуч во искривоколчената психа. Утре тие во хаосот на војната би натрупале пред своите нозе, како во случајот со дивите свињи во Јасен, и купишта од убиени луѓе, трофејно како што тоа го правеа огисерите на Хитлер со Евреите и другите. Да. А сега тоа, на идентитетски план со ликвидација на Името, го прави, драг читателу, со Македонија и Македонците, третирајќи ги како отстреланите диви свињи во Јасен, и политичката бирократија во Брисел, Вашингтон и Атина. Не можам да ја тргнам од свеста таа асоцијација, оти аналогијата е толку многу сурово очигледна. Но тука, за жал, со нив е и ловџиската екипа на нашата сегашна влада.

Да. При крај сме, драг читателу. Каков заклучок најпосле од сè понапред кажаното можеме да извлечеме. Тоа дека, парадоксално, животните, толку невини и чисти, се повеќе полни од човекот со Бог, од петиците до врвот, иако се несвесни за него. Тоа го потврдува, покрај другото, и масакрот на дивите свињи во Јасен. Не се сметам за профет, но него како да го предвидев пред десетина години, кога го напишав сонетот „Ручек со ловџии“ објавен во мојата сонетна стихозбирка „De profundis“. Еве го: „Со ловџии ручав тоа пладне сино. / Кој го фрлил сонцето во мрачен зенит? / Кружеа до бесвест на маса во смени / пехарите полни со сјај и со вино. / Всушност тоа беше сал пурпурот златен / на крвта што блика од раната жива. / В чинии со месо сета убост дива / беше ставена на маса. По пат матен // низ нашите предци чекореше тајно / страста темна празлосторот што го слави. / Ги видов со нимбус над челото сјајно // ѕверовите свети со заклани глави. / Пред нив ничкосани лелекаа жални / на постела смртна просторите дални.
Доволно. Збогум до идната колумна, драг читателу.