Со новиот закон лобирањето во Србија ќе стане легална професија, а најголема новина ќе биде тоа што се дозволува да функционираат и нерегистрирани лобисти

Законот за лобирање во Србија следната недела ќе се најде пред Агенцијата за борба против корупцијата, а по добиеното мислење ќе биде доставен до Владата и до парламентот. Со донесувањето на овој закон лобирањето во Србија ќе стане легална професија, а најголема новина ќе биде тоа што се дозволува да функционираат и нерегистрирани лобисти, вели Радомир Илиќ, државен секретар во Министерството за правда, за „Вечерњи новости“.

Законот препознава два вида лобисти: регистрирани и нерегистрирани. Регистрираните треба да ги исполнуваат општите услови: да се српски државјани да имаат високо образование, да не се осудувани и да ја поминале обуката на Агенција за борба против корупцијата. Нерегистрираните лобисти, можат да лобираат исклучиво во свое име. Како лобисти можат да се јават граѓани, Стопанската комора на Србија, НАЛЕД, Американската стопанска комора во Србија, Советот на странските инвеститори, НИС, правосудните институции… Државниот функционер е должен да пријави дека кај него се пријавил регистриран или нерегистриран лобист.
– Лобираното лице може да биде министер, државен секретар или пратеник, државен службеник, посебен советник во министерство, претседател на општина или негов заменик, како и лице вработено во општина. Корисници од лобирањето можат да бидат компаниите, НВО, група граѓани, кои склучуваат договор со лобистот – вели Илиќ.

Предлагачите на законот прават разлика меѓу лобирањето и јавното заговарање. Јавно заговарање е кога професори или други истакнати поединци на некое советување јавно се заложат за измена на некој закон. Лобирањето се јавува кога се ангажира лобист или самиот поединец се залага кај некој јавен функционер за промена или донесување одреден закон и подзаконски акт.
– Законот за лобирање е антикорупциски и има превентивна функција. Тој ја зголемува транспарентноста во процесот на носење на законите. Лобирањето мора да биде усогласено со јавниот интерес. На пример, ако некое претпријатие ангажира лобист за намалување на висината на акцизата, тие ќе мора да докажат дека не е загрозен јавниот интерес. Тоа бара сериозна студија за тоа колку би добила државата со прифаќање на оваа мерка. Тој за државата претставува оружје во борбата против корупцијата. Вршителот на јавната функција, по две години по истекот на функцијата не смее да биде лобист – вели Илиќ.

Претседателот на Друштвото на лобисти, Ненад Вуковиќ, вели дека суштината на овој закон е влијанието на носителите на одлуки да биде транспарентно.
– Тоа е разликата меѓу лобирањето и корупцијата. Станува видливо лицето што лобира, затоа што постои договор и за тоа се плаќа и данок. Може да се види кој кон кого лобирал. Лобирањето не е привилегија само за повластените слоеви во општеството, концерните или тајкуните. Токму маргиналните групи можат преку лобистите да ја пренесат својата порака. Време е да им се застане на патот на квазисоветниците, кои им вршат притисок на носителите на одлуки – објаснува Вуковиќ.
Претседателот на „Транспарентност“ Владимир Гоати, претходно за „Танјуг“ изјави дека една од потешките работи е кај лобистот да се спречи конфликтот на интереси, односно покрај лобирањето да не извршуваат и некои други работи за себе лично.
– Време е лобирањето во неосветлените или полуосветлени кулоари да биде минато, а лобистите врз законска основа да се борат за нечиј интерес и да ги штитат интересите на одредени групи и тоа да биде јавно – вели Гоати.