Третопласираниот тим во фудбалското првенство на Франција, Лион, ќе навива за Челси во утрешното финале на Лига Европа (ЛЕ), затоа што Челси со триумф може да му обезбеди на францускиот клуб директно место во групната фаза на Лигата на шампионите (ЛШ).

Првопласираните два тима од Франција, ПСЖ и Лил, ќе играат во групната фаза на ЛШ, а третопласираниот во квалификациите за пласман во ЛШ. Според правилата на Европската фудбалска унија (УЕФА), победникот на ЛЕ ќе си обезбеди место во ЛШ идната сезона, но ако тој тоа го обезбедил и преку домашното првенство, тогаш третопласираниот тим од Франција ќе добие место во групната фаза, наместо да игра во квалификациите. Тоа се случи и минатата сезона, кога, исто така, Лион беше трет во Франција, а во ЛЕ славеше Атлетико Мадрид, кој беше второпласиран во Шпанија.

Челси сезонава го освои третото место во Англија (од таа земја четири тима директно ќе играат во групите на ЛШ), со што има сигурно место во групната фаза на ЛШ за следната сезона и без трофејот од ЛЕ. Арсенал, пак, противникот на Челси во финалето на ЛЕ, е петти во Англија и утре ќе игра за трофејот во ЛЕ, но и за свое место во ЛШ идната сезона.