Како што се намалува временскиот простор до 15 септември, рокот кога истекува мандатот на СЈО, се чини дека политичките елити поинтензивно ќе се ангажираат околу утврдувањето на одредбите во новиот закон за Јавно обвинителство, кој формално е во собраниска процедура. Претставниците на работните групи денеска ќе имаат уште еден обид да ги приближат ставовите околу финалната верзија на законот, со кој треба да се реши и идниот статус на СЈО. Средбата е закажана за 20 часот во Собранието, а доколку е потребно, според најавите, ќе се одржи и средба лице в лице меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. До обидот да се најде решение за судбината на СЈО доаѓа на пет дена пред истекот на мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Законот треба да биде усвоен до 15 септември и според аналитичарите, неговото донесување е од неопходна важност за добивањето датум за преговори со ЕУ во октомври. Едно од клучните барања на ВМРО-ДПМНЕ веќе е исполнето, а тоа е државното јавно обвинителство да ги преземе сите предмети на СЈО. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кога ги презентираше барањата на опозициската партија повика и сите обвинители од СЈО да се вратат во матичните обвинителства.

Освен за законот за Јавно обвинителство, лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во телевизиско интервју најави и дека на лидерската средба ќе ја отвори темата за предвремени парламентарни избори. Од Владата велат дека на средбата главно ќе се разговара за законот, а дали ќе се разговара за предвремени избори ќе се види во текот на состанокот.