Салах сезонава постигна осум гола во ЛШ и е инволвиран при постигнувањето на 50 гола во сите конкуренции

Ливерпул по 10 години е полуфиналист, по победата и во реваншот над Манчестер сити, а по неколкуте дискутабилни судиски одлуки пак се разгореа полемиките околу потребата од воведување на технологијата ВАР во ЛШ

Ливерпул и Рома си обезбедија место во полуфиналето на Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал елиминирајќи ги фаворитите во четвртфиналните двомечи, Манчестер сити, односно Барселона. Ливерпул е заслужено меѓу четирите најдобри тима, првпат по 10- годишна пауза, беше подобар на двете средби, постигна пет, а прими само еден гол. Но Сити е тимот што смета дека е оштетен поради некои судиски одлуки, како на првиот, така и на вториот меч. „Граѓаните“ особено се гневни на судијата Антонио Матеу Лахоз од Шпанија, кој, според нив, поништи регуларен, втор гол, поради наводен офсајд на Лирој Сане во финишот од првиот дел.

Поради тоа на паузата помеѓу двете полувремиња жестоко реагираше и менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола по што беше исклучен и второто полувреме мораше да го следи од трибините. И од Ливерпул имаа забелешки, за тоа дека можеби имало прекршок пред првиот гол на Сити. Како и да е одлуките на судиите, колку и да се дискутабилни и на тенкиот раб на (не)регуларност, остануваат непроменети што значи дека Сити може само да жали за пропуштената шанса, но и да ги анализира направените грешки, а Ливерпул да се радува. По неколкуте дискутабилни одлуки на Лахоз на дуелот на стадионот „Етихад“, повторно се разгореа полемиките околу потребата од воведување на технологијата видеоасистент-судија (ВАР) на натпреварите во ЛШ. Поранешниот познат англиски судија Грем Пол, веднаш по мечот изјави за „Дејли мејл“ дека Сити е жртва на судиски грешки на последните три меча, се разбира, и на дуелот со Ливерпул.

– Голот на Сане беше регуларен, згреши главниот судија, но и неговиот асистент. Потоа прекршокот на Садио Мане над Николас Отаменди беше за црвен картон, не само за жолт, а на крајот, не се двоумеше да го исклучи Гвардиола, кој беше бесен и протестираше кај него – вели Пол. Веднаш по мечот на социјалните мрежи се огласи и напаѓачот на Сити, Бернардо Силва, кој од челниците на Европската фудбалска унија (УЕФА) побара воведување ВАР што „би можел да биде од корист“. На страната на Сити се стави и поранешниот менаџер на градскиот ривал, Манчестер јунајтед, Холанѓанецот Луј ван Гал. Тој преку холандските медиуми ја повика УЕФА што поскоро да воведе видеотехнологија.

– Се залагав за користење таква технологија уште пред дваесетина години. Такво нешто треба да спроведе што е можно побрзо бидејќи играта стана пребрза и многу работи судиите не можат да видат – изјави Ван Гал. ВАР не е во употреба на натпреварите во ЛШ и во ЛЕ, кои се под ингеренција на УЕФА, која засега е против оваа технологија. ВАР ќе се користи на натпреварите на претстојното СП во Русија. Во Англија зимава ВАР се користеше на мечевите во ФА-купот, а во Премиер-лигата ќе се воведе од следната сезона. Од посилните европски лиги ВАР се користи во германската Бундес-лига и во италијанската Серија А. Но покрај многубројните заговорници за воведување ВАР со што сигурно би се намалиле судиските грешки, има и многу опоненти поради многубројните недоследности при користењето на видеотехнологијата, поради „човечкиот фактор“.