Баерн и Реал никогаш не играле меѓусебе во финале на ЛШ

Тоа се мешавина од дуели што треба да внесат свежа крв во ова елитно фудбалско натпреварување, Лигата на шампионите, кое беше доста критикувано бидејќи стана премногу предвидливо последниве сезони

Полуфиналните дуели во Лигата на шампионите (ЛШ) во кои првите мечеви се играат утревечер, Ливерпул – Рома и в среда, Баерн – Реал би требало да ни понудат „романтика“, односно судир на фудбалските титани или „кралска класика“. Тоа се мешавина од дуели што треба да внесат свежа крв во ова елитно натпреварување, кое беше доста критикувано бидејќи стана премногу предвидливо последниве сезони.
Малкумина експерти веруваа дека Ливерпул и Рома ќе бидат во завршницата, меѓу најдобрите четири екипи, но тие го заслужија тоа бидејќи беа импресивни во дуелите со фаворизираните Манчестер сити и Барселона. Тие по 34 години повторно ќе играат меѓу себе во реприза на финалето од Купот на европските шампиони (КЕШ) во 1984 година, во кое победи Ливерпул по подоброто изведување пенали и тоа во Рим.
Постои доза носталгија околу тој натпревар, но и за 80-тите години од минатиот век, кои беа славен период за двата клуба. Рома освои една од трите титули во Серија А во 1983 година и следната сезона стигна до единственото финале во КЕШ (и во ЛЕ). Триумфот на Ливерпул во таа 1984 година беше четврти европски триумф за осум сезони. Годинава по пауза од една деценија „црвените“ повторно се во завршната фаза од ова натпреварување.
Во четврт-финалето Ливерпул го шокира новиот првак во Премиер-лигата, Манчестер сити победувајќи го двапати, 3-0 и 2-1. Рома, пак, беше уште поимпресивна. Откако помалку несреќно го загуби првиот меч во Барселона (1-4), Италијанците во реваншот направија едно од најголемите изненадувања победувајќи со 3-0, исход што го наведоа пресреќниот Палота да скокне во фонтаната на „Пјаца дел Пополо“ и да биде казнет со 450 евра.
Ливерпул, со своето фантастично напаѓачко трио, Мане, Фирмино, Салах, се смета за „благ“ фаворит, но менаџерот на „црвените“, Јирген Клоп вели дека победата на Рома над Барса зборува многу.
– Ако некои мислат дека имавме среќа при ждрепката, тогаш тие очигледно не ги гледале двата натпревара на Рома против Барселона. Вториот меч беше извонреден, тие играа одлично, можеа да победат со четири или со пет гола разлика – изјави Клоп, додавајќи дека сигурно ќе го гледа финалниот дуел Ливерпул – Рома од 1984-та.
Тренерот на Рома, Еузебио ди Франческо, сезонава беше критикуван поради многуте тактички промени и променливите резултати во Серија А. Но триумфот над Барса го смени сето тоа. Тој е првиот тренер што ја одведе Рома меѓу најдобрите четири екипи во ЛШ, по финалето во 1984 година, што го претвори во херој. Сега тој се велича токму поради тактичката интелигенција и навивачите почнаа да веруваат дека Рома може да триумфира во ЛШ.
Еуфоријата во Италија оди дотаму што на Маурицо Сари, тренерот на Наполи, тимот што се бори за шампионската титула со Јувентус и има предност од 14 бода пред Рома, му се сугерира да се угледа на Ди Франческо. За Рома во Италија велат дека е тим полн со емоции, лесно паѓа во депресија, но веќе во следниот момент е во еуфорија. Тоа го прави тежок тим за тренерите што го предводат, но и многу опасен за противничките тимови.
Пласманот на Реал и на Баерн, кои по 25 и 26-ти пат ќе играат меѓу себе во Европа (имаат идентичен ефект, по 11 победи), најмногу од сите екипи, воопшто не е изненадување за никого. Баерн во четврт-финалето без премногу стрес ја помина Севилја (2-1 и 0-0), но Реал имаше шокантни моменти на двомечот со Јувентус, особено дома. На Реал му е потребен европски успех годинава за да се извади за разочарувачката кампања во Ла лига. Од друга страна, Баерн може да се фокусира на ЛШ откако ја освои шестата титула во низа во Бундес-лигата.
Баварците неодамна објавија дека Хрватот Нико Ковач ќе биде новиот тренер од следната сезона и ќе го наследи 72-годишниот Јуп Хејнкес. Тоа би можело да биде емоционален крај на сезоната за Хејнкес, кој го предводеше Реал до титулата во ЛШ 1998 година, потоа беше отпуштен на крајот од таа сезона, за потоа, во 2013 година со Баерн да освои уште една европска титула, по која, исто така, замина (на негово место дојде Пеп Гвардиола).
– Ова е еден од врвните дуели во европскиот фудбал. Бранителот на титулата против одлична екипа со квалитетни играчи, за неизвесен двомеч. Имам пријатни спомени од сезоната 2012/2013 кога освоивме три трофеи. Игравме против Јувентус и против Барселона дома во првите нокаут-мечеви. Се надевам дека тоа е добар знак – вели Хејнкес. 


Реал и Баерн со поеднакви шанси за титулата?

Аналитичарите од Еуро клуб индекс анализирајќи и симулирајќи ги следните натпревари утврдиле дека Ливерпул има 60 отсто шанси да се пласира во финалето на фудбалската Лига на шампионите сезонава и 20 отсто да ја освои титулата. На Реал Мадрид и на Баерн им се даваат еднакви шанси за пласман во финалето, со тоа што шансите на шпанскиот тим за конечен триумф се 35, на Баерн 34,5, а на Рома 5,5 отсто.


Баерн е поуспешен во полфиналните пресметки

Ова ќе биде седмо полуфинале Баерн – Реал во фудбалската Лига на шампионите. Баерн победил четири пати, а Реал двапати. Но „кралевите“ ги добија последните пет меча против Баерн (гол-разлика 13-4), а Роналдо постигна седум гола на последните три средби, вкупно девет на шест меча.
Тони Крос пред да се пресели во Реал во 2014-та одигра 200 натпревари за Баерн. Арјен Робен играше две сезони во Реал, по што пред девет години замина во Баерн. Хамес Родригез ја игра првата од двете сезони во Баерн каде што е на заем токму од Реал.


Реал оди на прв „хет-трик“ по 60 години

Реал Мадрид ќе атакува на третата едноподруго титула фудбалски првак на Европа. Последен пат три титули во низа освои Баерн (1974, 1975 и 1976), а претходно и Ајакс (1971, 1972 и 1973). Реал, пак, кој е рекордер со вкупно 12 титули, ги освои првите пет титули од 1956 до 1960 година. Италијанскиот Милан има седум титули, а Ливерпул и Баерн по пет. Рома, која е единствениот тим, меѓу четирите полуфиналисти, што не бил европски првак, со евентуален триумф би била 23-та екипа шампион, четврта од Италија, по Милан, Интер и по Јувентус.


Дуел на „два тима од Бостон“

Интересен детаљ околу двомечот Ливерпул – Рома во полуфиналето на фудбалската Лига на шампионите е тоа дека во двата клуба имаат сопственици Американци, и тоа од Бостон. Фенвеј спортската групација на Џон Хенри е газда на Ливерпул и на Бостон Ред Сокс (бејзбол). Сопственик на Рома е Џејмс Палота, кој има и малцински удел во Бостон селтикс (НБА-кошарка). Покрај тоа, она што ги поврзува двата клуба е и египетскиот напаѓач на Ливерпул, Мохамед Салах, кој веќе постигна 40 гола на сите натпреварувања сезонава, а до лани настапуваше за Рома.