Хрватската влада минатата недела ги достави до парламентот измените на Законот за спречување на злоупотребата на дрога со кои ќе се либерализира статусот на индустрискиот коноп. Досега оваа земјоделска култура се користеше за прехранбени цели, а во иднина таа може да се употребува во градежништвото и во текстилната, козметичката и автомобилската индустрија, како и за производство на горива и биомаса. Ова значи дека ќе може да се користи и стеблото на ова растение, а не само на цветот и семките.

– Ние имавме проблем со нестручно напишаниот правилник и ова растение се користеше само во исхраната. И така доцниме за разлика од земјите во регионот што одамна почнаа со свои производствени процеси – вели Јосип Плавец, еден од најголемите производители и преработувачи на индустриски коноп во Хрватска.

Поранешна Југославија до 50-тите години од минатиот век беше меѓу најголемите извозници на коноп. Проблемот произлезе со споредувањето со индискиот коноп.

– Ова е апсурд, затоа што во меѓувреме беше дозволено користење на индискиот коноп во медицински цели. Ваквите препарати не можете да ги набавите бидејќи се недостапни, иако имате рецепт пропишан од лекар. Треба да се работи на измена на законите, за да може под контролирани услови да се произведуваат доволни количества за хрватските потреби – вели Плавец.

Тој се залага за примена на моделот на Канада, која ја легализира „рекреативната“ употреба на марихуаната. Хрватска би можела да дозволи да се одгледува конопот под контролирани услови, што би овозможило дополнителен приход во државната каса.