Во текот на 2020 година се подигнати вкупно 5.794 возила за непрописно паркирање / Фото: Игор Бансколиев

Иако во повеќе скопски општини, локалната власт направила сѐ за пешаците и велосипедистите да се почувствуваат побезбедно во сообраќајот, неодговорните возачи сѐ уште ја немаат научено и усвоено лекцијата за предност и безбедност во сообраќајот. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во континуитет се преземаат мерки во согласност со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата

Пешачки зони како паркинзи, тротоари преполни со возила… Поради непрописното паркирање на возачите, пешаци, стари и немоќни лица, мајки со колички и мали деца што пешачат на улица наместо на тротоар, е слика што многу често се среќава низ Скопје. Но ваквата појава не е ретка и низ другите населени места. Имено, уште поголем проблем има во оние населени места каде што паркирањето не е регулирано, па возачите паркираат буквално каде што ќе стигнат. Тоа создава уште поголем ризик за пешаците, кои се принудени да пешачат по улиците и по булеварите, каде што брзината на движење на возилата достигнува и над 60 километри на час. Мајките со страв минуваат покрај паркираните возила, честопати и гневно реагираат, па дури и се караат со возачите што ќе ги затекнат да паркираат на места што не се соодветни за тоа. Таква е сликата во многу населби, а жителите на Чаир и на Бутел велат дека постојано се соочуваат со вакви проблеми. Тврдат дека секојдневно мора да го ризикуваат сопствениот живот за да можат да се движат.

– Имам мало дете, кое го возам во количка, и уште едно малку поголемо, кое вози велосипед. По должината на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош постојано има паркирано возила, па и таксисти на тротоарот, а јас за да поминам со двете деца, мора да се симнам на булеварот, затоа што целиот тротоар е блокиран од возила. И едно да има паркирано, пак јас морам да се симнам на улицата и да ја ризикувам безбедноста на моите две деца за да можам да го продолжам патот. Пред некој ден дури и имав вербален инцидент со еден таксист, кој буквално без грижа на совест си се паркира под едно дрво во ладовина, на целиот тротоар, и воопшто не се помрдна и покрај тоа што ме виде дека гневно се симнав на улицата за да можам да поминам. Дури и иронично ми се насмевна за мојата реакција. Кога му реков дека ќе го пријавам и дека не смее така да се паркира, гордо ми одговори дека ништо не му можам, дури и ми се закани да не го вознемирувам – изјави Ана, жителка на Бутел, која сакаше да остане анонимна за јавноста.

Таа истакна дека општината направила сѐ за да се почувствуваат побезбедно во сообраќајот и пешаците и велосипедистите, но неодговорните возачи сѐ уште ја немаат научено лекцијата за предност и безбедност во сообраќајот.
Сликата не е ваква само во оваа општина. И жителите на Чаир велат дека се соочуваат со вакви проблеми, но велат дека ништо не помага и дека никој не ги почитува правата на пешаците.
– Од сообраќајната полиција постојано се на терен. Ги казнуваат, ги предупредуваат, но се чини дека сѐ е залудно, повторно секој паркира каде што сака и каде што ќе стигне. Полицијата не може да стои тука 24 часа на ден и да изигрува бабарога за возачите да не паркираат на пешачките зони и на пешачките премини. Постојано паркираат и кај мене пред врата и покрај тоа што живеам на Џон Кенеди, каде што не смее да се паркира, сепак некој ќе се паркира пред врата. Иако им кажувам дека ќе им викнам пајак, воопшто не се загрижени и си ги оставаат возилата тука – вели жител на општината Чаир.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во континуитет се преземаат мерки во согласност со Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.
– Во текот на 2020 година се подигнати вкупно 5.794 возила за непрописно паркирање со специјалното возило пајак, а изречени се 5.769 предупредувања – велат од МВР.
Оттаму додаваат дека на подрачјето на Бутел и на Чаир се подигнати 956 возила што биле непрописно паркирани, а за возачите биле изречени писмени предупредувања.

[email protected]