Падот на Берлинскиот ѕид во ноември 1989 година означи крај, ама не на целата историја како што анализираше Френсис Фукујама, туку само на едно историско поглавје. Капитализмот до денес нема ривал, но докажа дека е компатибилен со нелибералните сили

Хавиер Солана

Деветти ноември 1989 година е датумот што мојата генерација никогаш нема да го заборави и што засекогаш ќе биде испишан во историјата на човекот. На тој ден пред 30 години, падна Берлинскиот ѕид. Распаѓањето на советскиот блок покажа дека комунизмот требаше да стане втор голем идеолошки неуспех на дваесеттиот век, по пропаѓањето на фашизмот неколку децении порано. Либералниот капитализам и неговиот главен експонент, САД, врховно владееја, навидум предодредени да уживаат во долга, непречена хегемонија.

Многу земји цветаа во новото опкружување. На пример, Полска доби некомунистичка влада пред да падне Берлинскиот ѕид и, откако ги надмина проблемите со раната транзиција, непречено зачекори кон НАТО и Европската Унија. Полската економија последен пат доживеа целогодишна контракција во 1991 година. Во 2009 година, кога БДП на секоја друга членка на ЕУ се намалуваше, Полска забележа пораст од речиси три отсто. Денес, сепак, знаеме дека 1989 година го означи крајот, но не на целата историја, туку на едно конкретно поглавје од историјата. Западната либерална демократија, за која Френсис Фукујама предвидуваше дека ќе ужива вечна надмоќ по 1989 година, сега се соочува со сериозен предизвик од нелибералните сили. Периодот на доминација на Америка, исто така, се покажа како краткотраен. Терористичките напади против САД на 11 септември 2001 година покажаа колку е ранлива големата сила во однос на новите недржавни актери. Покрај тоа, приемот на Кина во Светската трговска организација истата година даде дополнителен стимул за спектакуларниот пораст на таа земја. Американската хегемонија се распадна, а светот постепено се навикна да зборува на јазикот на мултиполарноста.

Подемот на Кина уништи многу претходни претпоставки. Во ноември 1989 година, Комунистичката партија на Кина (КПК) се чинеше крајно ранлива. Другиот предводник на комунизмот, Советскиот Сојуз, се соочуваше со јасна криза, додека Кина сè уште ги лечеше раните од протестите на плоштадот „Тјананмен“. КПК реагираше на овие две епизоди, затворајќи ги сите врати за политичка либерализација. На крајот, наспроти многу предвидувања, распадот на Советскиот Сојуз не доведе до пропаѓање на КПК. Ниту економскиот развој на Кина не го поткопа нејзиниот автократски модел, барем не досега. Напротив, КПК го зајакнува својот примат под водство на претседателот Си Џинпинг, а некои влади дури почнаа да го гледаат кинескиот авторитарен развој како извор на инспирација.

Но алтернативниот наратив на кинеските власти има свои проблеми. Народна Република Кина неодамна прослави 70-годишнина, со што го надживеа Советскиот Сојуз. Но комунистичка Кина не е стара 70 години. Наспроти официјалната реторика, економскиот подем на Кина беше главно резултат на реформите на либерализација во 1978 година, а лидерите на земјата веќе не ги поддржуваат комунистичките амбиции. Како што тврди економистот Бранко Милановиќ, денешниот кинески модел претставува различен вид капитализам, а не поинаков економски систем. Во таа смисла, предвидувањата на Фукујама допрва треба да се докажат погрешни, бидејќи капитализмот сè уште нема ривал во светот.

Фактот дека номинално комунистичка Кина е меѓу најсилните бранители на глобализацијата е еден од најголемите парадокси на нашето време. Во реалноста, отвореноста на Кина кон надворешниот свет сè уште е релативно ограничена. Но нејзината влада сепак презема водечка улога во одредени економски форуми, најмногу затоа што другите не го прават тоа. Двете најголеми сили, кои претходно направија најмногу за промовирање на слободната трговија – САД и Велика Британија – сега се во состојба на целосно повлекување. Деновиве, глобализацијата е попопуларна во Азија отколку на Западот. Многумина во САД и во Европа веруваат дека таканаречените губитници на глобализацијата помогнаа да се доведат на власт нелиберални лица како американскиот претседател Доналд Трамп. Но економијата дава само делумно објаснување за овој тренд.

Да се вратиме повторно на Полска. Иако стана пример за успешна транзиција од социјализам кон либерален капитализам, и покрај тоа што ја заобиколи големата рецесија, земјата прифати нелиберализам во форма на партијата Право и правда (ПИС), која неодамна пак победи на парламентарни избори. ПИС профитираше од економското незадоволство кај некои делови од населението, но таа исто така допре и до подлабоките и пораспространети грижи за полскиот национален идентитет.

Важно е да се потсетиме колку беше ограничена автономијата на Полска во минатиот век, или неволно (поради окупација или контрола од странски сили) или доброволно (со пристапување кон Европската Унија). Ова натера многу Полјаци да не веруваат во интернационалистичките и космополитски идеали. Капитализмот и нелиберализмот сега напредуваат во тандем и се консолидираат на глобално ниво. Напредокот на информатичката технологија може да го зајакне секој од нив истовремено. Од пронаоѓањето на интернетот, неговото влијание стана поважно од очекуваното. Во извесна смисла, интернетот помогна да се обединат луѓето, но исто така ги подели општествата. Покрај тоа, некои влади го истражуваат потенцијалот на интернетот и сродните ресурси, како што се големите количества податоци, како алатка за социјална контрола. Очигледен пример е КПК, која сака да избегне какви било потенцијални нарушувања на нејзините планови за постигнување „целосен развој“ до 2049 година, на стогодишнината на Народна Република Кина.

Единствена сигурна прогноза за 21 век е непредвидливата промена. Бидејќи нашите предвидувања речиси секогаш се погрешни, најдобро е да избегнуваме фатализам и еуфорија кога гледаме кон иднината. Триесет години од сега, би можеле да живееме во свет во кој нелибералните сили постојано се судираат. Но тоа би можело да биде свет во кој вредностите како демократија и мултилатерализам почнуваат да се враќаат. Лекцијата од 1989 година е дека треба да бидеме скромни. Сепак, тоа не значи дека треба да станеме пасивни: она што ќе избереме да го направиме денес, несомнено ќе остави белег врз светот утре.

Авторот е аналитичар на „Брукингс“ и е бивш генерален секретар на НАТО