Битка меѓу Кинезите и Британците во 1842 година за време на опиумските војни

Политиката на Кина има корени во минатите судири со Западот. За да се разберат тензиите на Пацификот, треба да се анализираат опиумските војни

Англија во 1839 година почна војна против Кина бидејќи беше вознемирена од тоа што кинеските претставници ставија крај на нејзиниот шверц со дрога и ја запленија. Отвореното укажување на тие историски факти е шокирачко но вистинито, а последиците од тој чин се чувствуваат и денес. Династијата Чинг, основана од манџуриските кланови во 1644 година, ги прошири најдалеку границите на Кина, освојувајќи ги Тибет, Тајван и Ујгурската Империја. Сепак, династијата потоа се сврте кон внатре и се изолира, одбивајќи да ги прифати западните амбасадори. Странците, па дури и трговските бродови, имаа забрана за влез на кинеска територија. Исклучок од тоа правило беше Кантон, југоисточниот регион во денешната провинција Гуангдонг, кој ги спојува Хонгконг и Макао. На странците им беше дозволено да тргуваат во областа Тринаесет Фабрики во градот Гуангжу, а исплатата се вршеше само со сребро. Британците ѝ дадоа монопол на источноиндиската компанија да тргува со Кина и наскоро бродовите, стационирани во колонијална Индија, енергично разменуваа сребро за чај и порцелан. Но Британците имаа ограничен прилив на сребро.

Почнувајќи од средината на 1700-тите, Британците почнаа да тргуваат со опиум одгледан во Индија, во замена за сребро од кинеските трговци. Опиумот, зависничката дрога што денес се преработува во хероин, беше нелегален во Англија, но се користеше во кинеската традиционална медицина. Сепак, рекреациската употреба беше нелегална и малку застапена. Тоа се промени откако Британците почнаа да доставуваат тони од дрогата, користејќи комбинација на трговски дупки и директно шверцување, за да ја избегнат забраната. Кинеските претставници, наплатувајќи го својот дел, учествуваа во таквата практика. Американски бродови што носеа турски опиум му се приклучија на наркотичното лудило на почетокот од 1800-тите.

Користењето опиум во Кина нагло се зголеми, исто како и профитите.
Императорот Даогуанг стана загрижен за милионите наркозависници и за одлевањето сребро од Кина. Како што обично се случува, постапките на тврдоглав идеалист доведоа до конфликт. Во 1839 година, новименуваниот империјален комесар Лин Цесу воведе закони со кои опиумот беше забранет во Кина. Тој уапси 1.700 дилери, ги заплени резервите дрога што веќе беа во кинеските пристаништа, па дури и на бродовите на море. Потоа тој ја уништи запленетата дрога – 1,5 милион тони опиум.

Седум месеци подоцна, 44 британски брода почнаа инвазија на Кантон. Британците имаа парни бродови, топови и пешадија опремена со пушки со голем дострел. Од друга страна, кинеската државна војска сѐ уште беше опремена со стари пушки со краток дострел. Старите кинески воени бродови набрзина беа уништени од Кралската морнарица. Кинеските војски претрпуваа пораз по пораз. Кога династијата побара примирје во 1842 година, Британците беа во можност да постават свои услови. Договорот од Нанчинг предвидуваше Хонгконг да стане британска територија, а Кина да формира пет пристаништа во кои британските трговци можат да тргуваат што сакаат и со кого сакаат. Со подоцнежен договор, Кинезите беа принудени да ги признаат Британците за еднакви и да им доделат фаворизиран статус на нивните трговци.

Како што е познато, империјализмот беше во голем подем до средината на 1800-тите. Франција почна со бизнисот со пристаништа до 1843 година. Наскоро потоа Британците бараа уште отстапки од Кина. Изговорот за втората опиумска војна беше комичен поради неговата апсурдност. Во 1856 година, кинеските власти запленија поранешен пиратски брод, со кинески екипаж и истечена британска регистрација. Капетанот им соопшти на британските власти дека кинеската полиција го симнала знамето од британскиот брод. По ова, Британците побараа да се ослободи екипажот.

Но откако само девет од 14-те морнари се вратија, Британците почнаа со бомбардирање на кинеските тврдини околу Кантон и ги пробија градските ѕидини.
Кина не беше во позиција да се бори, бидејќи беше заглавена со селско востание, а бунтовниците речиси го освоија Пекинг и контролираа голем дел од земјата. Повторно, Кралската морнарица ги уништи своите кинески противници. Од друга страна, и Франција се приклучи на војната, а нејзиниот изговор беше егзекуцијата на француски мисионер што не ја почитувал забраната за странци во провинцијата Гуангси. САД накратко се вмешаа, откако од кинеска тврдина било пукано во близината на американски брод. Русија не се вклучи во борбите, но ја искористи војната за да изврши притисок врз Кина да отстапи голем дел од својата североисточна територија, вклучувајќи го и Владивосток.

Кина во минатото страдаше од поморски инвазии, па затоа сака да доминира на својата страна од Пацификот во 21 век

Кога странските претставници го составија новиот мировен договор во 1858 година, условите беа уште полоши. Уште десет града беа означени како „договорни пристаништа“, странците да добијат слободен пристап до реката Јангце и кинеското копно, а Пекинг да отвори амбасади во Англија, Франција и во Русија. Императорот Сианфенг првично го прифати договорот, но потоа се премисли и испрати сили во тврдините Таку, на патот што води до Пекинг. Кинезите потоа го одбија британскиот обид за заземање на тврдините во 1859 година, потопувајќи четири британски брода. Но една година подоцна, во копнен напад, 11.000 британски и 6.700 француски војници успеаја да ги освојат тврдините. Кога британска дипломатска мисија пристигна за да инсистира на почитување на договорот, Кинезите го зедоа претставникот за заложник, а многумина од делегацијата беа измачувани до смрт. По ова, британскиот комесар, лорд Елгар, одлучи да ја зацврсти доминацијата и испрати војска во Пекинг. Британските и француските пушки убија над 10.000 монголски коњаници, оставајќи го Пекинг без одбрана. Императорот Сианфенг побегна. Со новиот договор, на Кина ѝ беше наметнато да ги легализира и христијанството и опиумот, додавајќи го Тиенцин, најголемиот град во близината на Пекинг, на листата на „договорни пристаништа“.
Западното присуство во Кина стана толку неподносливо, поради што во 1899 година изби антизападно востание. Династијата Чинг прво се обиде да го задуши востанието, пред конечно да го поддржи, токму навреме кога мултинационална сила, составена од војници на САД, Русија, Германија, Австрија, Италија, Франција, Јапонија и Британија, пристигна и стави крај на бунтот.

Тешко е да се пренагласи влијанието на опиумските војни врз модерна Кина. На домашен план, тие доведоа до конечен колапс на повеќевековната династија Чинг. Тие ја убедија Кина дека мора да се модернизира и индустријализира. Денес првата опиумска војна во кинеските училишта се изучува како почеток на „векот на понижување“ – крајот на тој „век“ дојде во 1949 година, со реунификацијата на Кина под раководство на Мао. И додека американските политичари рутински ги убедуваат Американците дека се исклучителна и најголема држава на Земјата, кинеските училишта ги учат учениците дека нивната земја беше понижена од алчните и технолошки супериорни западни империјалисти. Опиумските војни јасно ставија до знаење дека Кина многу заостанува зад Западот, и не само воено туку и економски и политички. Секоја кинеска влада оттогаш ја постави модернизацијата како експлицитна цел, посочувајќи на потребата дека треба да се достигне Западот.

Низ поголемиот дел од својата историја, главната закана за Кина беа номадските коњанички племиња по должината на нејзината долга северна граница. Дури и во Студената војна, непријателството со Советскиот Сојуз ја направи нејзината монголска граница безбедносна жешка точка. Но опиумските војни, исто како и јапонската инвазија во 1937 година, демонстрираа колку многу е ранлива Кина од поморска сила по должината на нејзиниот пацифички брег. Кинеската агресивна поморска експанзија во Јужно Кинеско Море може да се гледа како чин на нација што постојано страдала од поморски инвазии и која сака да доминира на својата страна од Пацификот во 21 век.

Историјата не секогаш ги определува идните постапки. Кинеските чувства кон Британија денес главно се позитивни и покрај опиумските војни. Ескалирачката воена конфронтација во Јужно Кинеско Море е реалност на нашата денешница, но тоа не значи дека лидерите на Кина секогаш ќе бидат посветени на стратегијата на експанзија и конфронтација. И покрај тоа, за развој на подобри односи е потребно да разбереме како сегашната надворешна политика на Кина ги има своите корени во минатите „средби“ со Западот.