Кедира и Озил

Познатиот француски спортски дневник „Л’екип“ на своите милионски читатели им го претстави најлошиот тим на неодамна завршеното Светско првенство (СП) во фудбал, кое се одржа во Русија.
Така, во изборот овој дневник на столбот на срамот ги постави „најлошите од најлошите“, се разбира давајќи им слаби оценки, кои се движат од 2 до 3,67. Меѓу нив се дури три фудбалери од Германија!

Така, на голманската позиција се наоѓа Аргентинецот Вили Кабалеро (оценка 2,5). Во дефанзивната линија друштво му прават Полјаците Лукаш Пишчек (3) и Мачеј Рубус (3), Мексиканецот Едсон Алварез (3) и Костариканецот Оскар Дуарте (3).
Меѓу посрамотените од страна на „Л`екип“ се и Сами Кедира (2) и Месут Озил (3), играчите за врска на германската репрезентација, кои се декларирани како главни виновници за срамната елиминација на четирикратниот светски првак уште во групната фаза. На полската колонија ѝ се придружи и фудбалерот за врска Јацек Горалски (3,5).
Во овој избор, како најлоши напаѓачи се избрани Германецот Томас Милер (2,5), Нигериецот Келечи Ихеаначо (3,5) и Данецот Пионе Систо (3,67).