Помина една година от кога беше прикажан 65-инчниот прототип на телевизор на собирање „ЛГ дисплеј“ на ЦЕС. А сега „ЛГ електроникс“ овој концепт на телевизори го воведува на пазарот како водечки 4K ОЛЕД-телевизор за 2019 година. Телевизорот ОЛЕД ТВ Р потрошувачите ќе можат да го купат оваа пролет за астрономска цена.

ОЛЕД ТВ Р многу е сличен на својот прототип, но ЛГ ја рафинира базната станица и додаде звучник од 100 вати, кој ќе дава моќен звук. Ова е телевизор што се појавува кога го посакувате, а исчезнува кога не го посакувате. Не сака секој да има голем црн правоаголник во својата дневна соба, а многу луѓе воопшто и не поседуваат ТВ-приемник. Творците на ТВ-приемниците почнуваат да сфаќаат дека некои луѓе при купувањето телевизор избираат ТВ-приемник што има некаква естетиката или создава некаква естетика во домот. Така, компаниите почнаа да дизајнираат производи што подобро се вклопуваат во домовите на луѓето. „Самсунг“ го има телевизорот наречен „рамка“, кој кога не е во употреба личи на закачено парче уметност на вашиот ѕид.

Доколку поминете покрај него, може да не препознаете дека станува збор за телевизор. На него се појавуваат парчиња од Ван Гог или музејски содржини. „Самсунг“ исто така го поседува телевизорот „сериф“, кој личи на парче мебел, благодарение на неговиот изглед. Но тие сепак се телевизори што постојано се таму, само не се толку забележливи, личат на нешто друго и се вклопуваат во домот. ЛГ оди неколку чекори понатаму со тоа што создаде телевизор што навидум исчезнува кога ќе го исклучите. Полека и многу стабилно се спушта во својата база со притискање едно копче. Исто така се подига за само околу 10 секунди. Целиот процес се одвива доста тивко.

Сепак, не може да се види виткањето на ТВ-фолијата кога телевизорот се затвора. За жал, транспарентна база би била одлична за да се види процесот на движење на телевизорот, како се појавува и што се случува во базата на телевизорот. Сепак првичната верзија на базната кутија доаѓа во бела и црна боја, која, секако, повеќе претставува стилска верзија. Функционално, во однос на идниот продукциски модел и неговиот прототип, нема направено многу промени. Во начинот на кој работи прототипот нема разлика, единствената разлика се состои во подобрување на издржливоста на базата.

Иако ЛГ работи на подобрување на базата, сѐ уште нема информации за тоа колку е издржлив ОЛЕД ТВ Р. На пример, колку пати може да се подига и спушта мониторот на телевизорот и колку и дали ќе трае тој систем.

ОЛЕД ТВ Р има режим што се нарекува „лајн моуд“ – каде што дисплејот на екранот ќе прикажува само околу една четвртина од панелот. Овој режим ќе даде можност за контрола на музиката на екранот и можност да се контролираат паметните уреди во домот. ЛГ е исто така една од компаниите што додаваат „ер плеј 2“ на „Епл“ за пуштање музика. Можете да пуштите музика на телевизорот преку системот на звучници дури и кога телевизорот е целосно затворен. Изборот на портовите се наоѓа на задната страна од базата. Исто така, ЛГ со новиот телевизор се пренасочува кон ХДМИ 2,1 портовите.

Тие што сакаат да го купат телевизорот ОЛЕД ТВ Р не треба да се загрижени кога станува збор за квалитетот на сликата. Од ЛГ велат дека нема да се губи или да се жртвува нешто во однос на квалитетот на сликата со избирање телевизор со собирачки дисплеј. Овој телевизор би требало да биде меѓу најдобрите телевизори од компанијата кога станува збор за осветленоста, контрастот и карактеристиките на втората генерација чипови за обработка – Алфа 9, како и другите телевизори од 2019-та на ЛГ. Официјална цена за новиот телевизор сѐ уште нема. Сепак, со сите наведени работи, се очекува ОЛЕД ТВ Р да биде неверојатно скап. Телевизорот „ЛГ валпејпер олед“ има цена од 8.000 долари. ОЛЕД ТВ Р е значително поимпресивен и со дополнителен механизам со базна кутија, што значи дека ќе биде импресивно поскап.

Најверојатно ќе треба да поминат неколку години пред да можат да си дозволат повеќето луѓе 4K телевизори на собирање. Дотогаш може да му се восхитуваат на современиот инженеринг на ОЛЕД ТВ Р.