Челси го назначи својот поранешен фудбалер, легендата на клубот Френк Лампард за нов менаџер на првиот тим на англискиот премиерлигаш, на местото на Италијанецот Маурицио Сари, кој замина во Јувентус. Лампард досега беше менаџер на Дерби, членот на англиската дивизија Чемпионшип, кого во својата прва сезона како тренер го однесе во финалето на плејофот за пласман во Премиер-лигата. Лампард потпиша тригодишен договор со Челси.

Официјалното тренерско деби на Лампард во Премиер-лигата и на клупата на Челси ќе биде на 11 август на дербито на гости кај Манчестер јунајтед во првото коло. Првиот трофеј во тренерската кариера тој ќе се обиде да го освои три дена подоцна, кога во Истанбул е мечот од Суперкупот на УЕФА, против европскиот првак Ливерпул (Челси е актуелен победник на Лига Европа).

Лампард е уште некогашен фудбалер на Челси што се враќа како функционер во клубот. Пред еден месец некогашниот голман Петр Чех стана технички советник. Се очекува помошник на Лампард да му биде Џоди Морис, поранешен плејмејкер на Челси.