Задоволен сум како од играта, така и од резултатот на ова СП, но малку и разочаран поради двата пораза што ги доживеав во последните две кола, бидејќи и двете партии беа целосно реми, вели Лазов

Македонскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Тони Лазов (2.292 рејтинг-поени, рангиран 47-ми) е најдобропласираниот Македонец на Светското првенство (СП) во шах за млади, кое се одржа во Порто Карас, Грција, во 11 кола. Тој, во категоријата до 18 години, со 6,5 поени (пет победи, три ремија и три пораз), го освои одличното 23-то место меѓу 98 шахисти (играа седум ВМ, 17 ИМ, 31 ФМ), нови 42 рејтинг-поени, но и втора норма за интернационален мајстор (ИМ), што е за пофалба. Првата норма, членот на Алкалоид, ја освои на ланското ЕП во Романија (до 18 години), кога беше 25-ти (а рангиран 44-ти) со пет поени (две победи, шест ремија и еден пораз). Му треба уште една норма за да стане 12-от македонски ИМ.

Лазов беше блиску и да се бори за медал во Порто Карас, но во последните две кола доживеа порази.

– Задоволен сум како од играта, така и од резултатот на ова СП, но малку и разочаран поради двата пораза што ги доживеав во последните две кола, бидејќи и двете партии беа целосно реми-позиции. Имав голема шанса да стигнам до медал и навистина штета што не ја искористив во финишот на турнирот. Ме радува тоа што имав добар скор, односно освоив два поена од можни три против тројца велемајстори (две ремија и една победа), притоа воопшто не чувствувајќи страв од нив, освен некоја посебна возбудливост, со оглед на нивните титули – задоволно констатира Лазов.

Од другите Македонци, Кристијан Велковски (1.887, 99-рангиран), со 4 поени, е 96-ти, од 120 учесници до 16 години (плус 61,1 рејтинг-поени), Емил Ристески (2.120, рангиран 48-ми) со 6 поени е 57-ми (- 51,6) меѓу 137 шахисти во категоријата до 14 години и Матеј Звездакоски (1.730, рангиран 112-ти), во истата категорија, е 57-ми со 4 поени (+37,2).

Во женска конкуренција (категорија до 18 год.), Ивана Манова (1.951, рангирана 40-та меѓу 83 шахистки), со 5,5 поени е 41-ва (+2,4 рејтинг-поени), Леа Ефтовска (1.380, рангирана 85-та меѓу 90 учеснички до 16 години), со 4 поени е на 79-та (+40,8), додека до 14 години Михаела Зрмановска (1.354, рангирана 94-та од 107), со 4 поени, заврши на 93-то место (+57,2).

На Мундијалот настапија вкупно 635 учесници од 79 држави (осум ВМ, 2 ЖВМ, 29 ИМ, 17 ЖИМ, 105 ФМ, 50 ЖФМ), што доволно говори за неговата силина.