Мора да се изгради повторно доверба меѓу граѓаните низ цела Европа дека институциите функционираат добро, предупредуваат експертите

Лажните вести се алатка на терористите и тиe ја зголемуваат опасноста од дејствувањето на тероризмот, па токму затоа државите треба да го спречат овој феномен и да се борат против дезинформациите. Ваков заклучок неодамна на научна конференција на НАТО во Македонија, изнесе Мириам Коен од Научниот комитет на Универзитетот во Фиренца.
Според Коен, заканите од тероризам се сѐ поголеми, а најмоќните држави се на работ да ја изгубат контролата.

Таа подвлече дека ова уште повеќе го поттикнуваат и мешавината од вистински и лажни вести, кои оневозможуваат сите да ја откријат вистината, по што недржавните актери почнуваат да функционираат на начин на кој ќе ја донесат секоја држава на работ на војна.
– НАТО-земјите и сите оние што се граничат со нив ги чувствуваат заканите од тероризмот. Мора да се изгради повторна доверба меѓу граѓаните низ цела Европа дека институциите функционираат добро. Кога некој акт се нарекува тероризам тоа е предизвик за државите, а државите реагираат на тој начин што бараат решение што е можно побрзо притоа не размислувајќи за сопствените постапки. На тој начин се поткопуваат основните вредности на тие држави – вели Коен.

Во меѓувреме, годинава најголемите социјални медиуми во светот Фејсбук, Јутјуб, Микрософт и Твитер информираа дека ќе почнат борба против терористичката пропаганда на Интернет.
Компаниите најавија дека ќе креираат заедничка база на податоци во која ќе се регистрираат дигитални „отпечатоци“ од содржини што се со терористичка природа.
– Се надеваме дека оваа соработка ќе води кон поголема ефикасност додека продолжуваме да ги спроведуваме нашите политики, кои имаат цел да ги ограничат терористичките содржини во онлајн-просторот – беше наведено од страна на компаниите.

На оваа тема, „Дојче веле“ информира дека количеството содржини од овој тип што циркулираат онлајн, заедно со загриженоста од можното ограничување на слободата на говорот, е предизвик за способноста на компаниите и на владите во светот за брзо и ефикасно отстранување на таквите содржини.
Уште се истакнува и дека официјални лица од германската влада тврделе дека социјалните медиуми „бавно“ ги отстранувале спорните содржини.
Според безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски, терористичката пропаганда не е нова појава туку таа потекнува многу одамна како метод на политичката битка.
Тој вели дека со текот на времето, терористичката пропаганда го менува профилот и начините за дејство, а сега таа е најприсутна на Интернет преку социјалните медиуми во пласирање на лажните вести.
– Сите видови медиуми им служат на терористите за нивната пропаганда. Порано, медиумите немаа толку големо влијание во ширењето на терористичката пропаганда, но денес тие во голема мера помагаат во нејзино пропагирање преку Интернет како глобална мрежа и ИТ-технологиите – вели Стефаноски.

Според него, денеска различните цели на терористичката пропаганда можат да бидат промовирани најдобро преку медиумите.
– Некои од најпопуларните цели на терористите, кои се пренесуваат преку Интернет, се ширење и оправдување на нелегални материјали итн. Ефектите од терористичката пропаганда може да се видат во општеството, т.е. ако граѓаните чувствуваат страв од тероризмот и терористичките дејства, кои се организирани на софистициран начин. Натаму, пропагандата се користи на интерно ниво за подобрување на терористичките цели и позиции, придобивање нови членови и поддршка итн., како и во јавноста за зголемување на влијанието врз населението и растење на нивната популарност – објаснува тој.

Според него, во моментов трендовите на терористичката пропаганда покажуваат дека низ времето пропагандата имала најразлични форми и модели, а најновиот зазема огромни димензии поради предностите што ги има, благодарејќи на новата технологија и медиумите, кои помагаат во промовирањето на терористичките активности.
Токму затоа аналитичарот советува дека Македонија доколку сака вистински да се заштити од дејствувањето на терористичките групи, таа мора да активира голема и прецизна машинерија, која ќе им стави крај на ваквите состојби.