Фото: Маја Јаневска-Илиева

Речиси нема ден македонската полиција да не уапси лице осомничено за кражба реализирана на имот. Крадците вообичаено крадат скапоцени предмети, кои за паричен надомест ги препродаваат. Сѐ поголем е бројот на вакви случаи регистрирани изминатиот период, а причините се предмет на мултидисциплинарно истражување на криминолозите, криминалистите, социолозите… Сѐ повеќе криминолози ја потврдуваат тезата дека една од последиците на пандемијата е и зголемената стапка на оваа форма на криминал, со нагласка дека бројот на кражби е можно да расте и повеќе, како резултат на беспарицата и невработеноста предизвикана од ковид-19

Светските криминолози сѐ повеќе ја бранат тезата дека стапката на криминалот расте паралелно со беспарицата што ја донесе пандемијата предизвикана од коронавирусот. Тие имаат и емпириски истражувања со показатели дека криминалот исклучително силно се чувствува во сите општествени сфери. И Европол го потврдува тоа, со своите многубројни акции за реализација и лишување од слобода на криминалци и организирани криминални групи. Во својата последна успешно организирана и реализирана акција, Европол направи 174 апсења и заплена на стоки низ цела Европа, кои биле поврзани со имотен криминал.

ЕВРОПОЛ ВО АКЦИЈА

Последната акција што ја реализира Европол а која се однесува на спречување организиран имотен криминал се реализираше три дена во земји од поголемиот дел на Европа. Акцијата, насловена „Тривиум“, се спроведуваше во 17 земји, а во нејзини рамки беа извршени контроли на луѓе и возила покрај патиштата, како и претреси на простории. Запленети беа 27 автомобили и повеќе од 200 други стоки, вклучувајќи и оружје и дрога, а проверени беа речиси 25 илјади лица и повеќе од 16 илјади возила. Претреси беа извршени на околу 800 локации.
– Во рок од само неколку дена, органите на прогонот успеаја да извршат неколку интервенции што го нарушуваат организираниот имотен криминал. Вкупно 783 конкретни цели, составени од поединци и имоти, беа идентификувани и проверени од органите на редот како дел од операцијата. Овие проверки се случија заедно со пошироки контроли покрај патишта на над 16.000 возила и 25.000 поединци, што значеше дека криминалните активности може да бидат пресретнати во повеќе области. Иако повеќето апсења поврзани со организиран имотен криминал беа извршени и во врска со дрога, оружје и прекршување на имиграциското законодавство – информираа од Европол.
Полицијата употребила и автоматско препознавање на регистарските таблички и следење на возачите за сомнително однесување како дел од операцијата. Во еден случај во Белгија, автомобил го привлекол вниманието на истражителите поради агресивно возење, при што полицијата пронашла илјадници евра во кеш, како и големи количества кокаин и канабис и пиштол за тревога. Во посебна потрага, белгиската полиција откри над 70.000 евра поделени во неколку мали снопови; возачот подоцна признал дека необјаснетите пари биле резултат на трговија со дрога меѓу Белгија и Германија.
Во оваа акција учествуваа и Грција, Србија, Романија и многу други европски земји.

ИМОТЕН КРИМИНАЛ АТРАКТИВЕН И ЗА МАКЕДОНСКИТЕ КРИМИНАЛЦИ

Речиси нема ден македонската полиција да не уапси лице осомничено за грабеж реализиран на имот. Крадците вообичаено крадат скапоцени предмети, кои за паричен надомест ги препродаваат. Голем е бројот на вакви случаи регистрирани изминатиот период, за што лесно може да се заклучи дека беспарицата отиде дотаму што голем дел од населението се врти кон криминалот за да преживее.
На крајот на минатиот месец, кумановската полиција уапси 25-годишен кумановец, кој беше осомничен дека крадел апарати за домаќинство и предмети од семејна куќа во Куманово. Како што соопштија од СВР-Куманово, полицијата ги пронашла украдените предмети кај друго лице.
– Полициски службеници од СВР-Куманово го лишиле од слобода Е.Р. (25) од Куманово поради постоење на основи на сомнение дека на 20 септември годинава од семејната куќа на Б.Р., на улицата Средорек во Куманово, одзел апарати за домаќинство и други предмети. Одземените предмети биле пронајдени кај друго лице, на кое му ги продал, и ќе му бидат вратени на сопственикот. Е.Р. бил приведен во полициска станица – соопштија од СВР-Куманово.
Сличен случај беше евидентиран и на средината на овој месец, кога полицијата уапси четириесет и седумгодишен скопјанец, кој бил осомничен за грабеж на стан во Скопје. Откако бил уапсен, тој признал и уште седум други дела, а украдените предмети ги препродавал.