Македонските ракометни репрезентативци Филип Талески и Борко Ристовски викендов ги освоија куп-трофеите во германското и во шпанското првенство.
За Талески и бундеслигашот Левен ова е прва ваква титула во историјата на овој клуб, додека, пак, за Ристовски ова е втор ваков трофеј со Барселона, односно 22-от за шпанскиот гигант.

„Лавовите“ од Манхајм до пехарот стигнаа по победата над Хановер со 30-26, а каталонците, пак, во финалето беа доминантни над Ла Риоха со 35-28.
Талески не се запиша во листата на стрелците, но одлично компензира со цврстата игра во одбрана, додека Ристовски не доби можност да застане на голот во финалниот дуел.

Во другите првенства, до пехарот во националниот куп стигнаа и ракометарите на францускиот тим ПСЖ, кои во финалето го совладаа Ним со 32-26.
Металург, Вардар, Пелистер и Еурофарм, пак, следниот викенд во Битола ќе се борат за 26-от Куп-трофеј на Македонија.