Културата во Европа оживеа, нашата дише на респиратор

Ситуацијата не е ни малку сјајна,а луѓето во културата најдобро гледаат како овој сектор ја губи својата и онака скромна моќ. Додека другите европски институции од културата се заштитени од државата, кај нас има само инцидентни иницијативи за поддршка на културниот сектор, но во споредба со другите европски земји тие се занемарливи

На европскиот континент сите музеи се отворени веќе со недели, некои дури и со месеци, оркестрите повторно свират, а театрите ги најавуваат претстојните сезони, салите ги приспособија на мерките за физичка дистанца. Во Франција, Германија, Италија и во Белгија, каде што државата на големо ги помогна уметноста и културата, компаниите од секторот, како и музеите можат да ги преживеат намалениот капацитет на посетеност и продажбата на карти.
Во мај оваа година, Емануел Макрон, претседателот на Франција, изјави дека сите работници од секторот култура, кои ќе ја изгубат работата, ќе бидат покриени со националниот план за невработеност до август 2021 година. Во јуни, Моника Грутерс, германската министерка за култура, изјави дека милијарда евра ќе бидат насочени за повторно придвижување на културниот сектор, без разлика на големата помош што веќе е обезбедена во регионите на Германија. И во Велика Британија, каде што со месеци ѕвездите на британската култура се расправаа со Владата да преземат акција, на загрозените сектори во уметноста и културното наследство им е дадена долго очекуваната помош од Владата во износ од 1,57 милијарда фунти, што досега е најголема инвестиција во британската култура.

По неколку недели очајни предупредувања дека Велика Британија се соочува со културна катастрофа, министрите најавија дека ќе дадат помош со која ќе се заштити иднината на музеите, галериите, театрите и музичките сали во земјата.
И во Македонија почнаа да заживуваат некои културни манифестации, како неодамна завршеното „Охридско лето“ или „Струшките вечери на поезијата“, се реализираа неколку филмски фестивали („Флипбук филм-фестивал“, „Македокс“…), почнаа да се отвораат изложби по музеите и галериите, а Филхармонија од утре ја почнува новата сезона, но сето тоа е далеку од вистински културен живот. Ситуацијата не е ни малку сјајна, а луѓето во културата најдобро гледаат како овој сектор ја губи својата и онака скромна моќ, додека другите европски институции од културата се заштитени од државата. Инцидентни иницијативи за поддршка на културниот сектор се појавуваат, но во споредба со другите земји тие се занемарливи.

Такви беа мерките со кои Град Скопје излезе во пресрет по барањата од независната културна сцена да им се овозможи социјална сигурност и можност за културно творештво на уметниците без постојана егзистенција, а кои со вонредната состојба ги изгубија сите свои ангажмани. Програмата „Култура во време на корона“ предвиде пренамена на буџетските средства, одложување на неприоритетните капитални инвестиции во културата, загарантиран минимален хонорар за сите ангажирани уметници за време на кризата. Овие мерки дојдоа како резултат на барањата на иницијативата „Културата е насловна страна на секое општество“, кои беа поддржани од „Јадро“, асоцијација на независната културна сцена и Синдикатот на културата. Таква беше и донесената уредба за финансиска поддршка на филмските работници за време на вонредна состојба, како и уредбата со законска сила за финансиска поддршка на уметници и други физички лица што вршат дејности и други активности во областа на културата за време на вонредна состојба, за исплата на финансиски средства во месечен нето-износ од 14.500 денари за април и мај.

Се појавија и некои приватни иницијативи, како Халкбанк, на пример, која во знак на поддршка за културата, откупи вкупно 300 билети за три претстави на МНТ… Но фактите говорат дека не само што посериозна поддршка изостанува туку и оние средства што редовно беа одобрени во некои случаи не се исплаќаат. Така, изминатиот месец повеќето филмски фестивали и манифестации од меѓународен карактер реагираа дека и по шест месеци од доделената поддршка на конкурсот од Агенцијата за филм, немаат потпишано договори, ниту пак добиено финансиски средства за нивно одржување…
Ако не сакаме да се соочиме со културна катастрофа, државата мора да создаде издржана и добро обмислена стратегија со која ќе се заштити иднината на музеите, галериите, театрите и музичките сали во земјата, затоа што уметноста и културата се душата на една нација. Сите треба да сфатиме со какви сериозни предизвици се среќава уметноста, особено денес, и дека мора да го зачуваме и заштитиме сето она што можеме за идните генерации.

Следејќи го примерот на Велика Британија (се разбира не и сумите, кои таму се огромни) стратегијата би можела да опфати пакет со помош што би вклучувал средства за одржување на независните културни асоцијации, за националните институции на културата, за независниот сектор, како и за проекти за одржување на инфраструктурата… Само на тој начин би можела да се одржи и онака кревката македонска култура, која е дополнително погодена од актуелната криза.