Иако денес е сосема логично да се каже дека „Блејд ранер“ и „Боречки клуб“ се одлични филмови, не било отсекогаш така. Првиот поминал катастрофално на благајните и добил лоши критики, а вториот бил исплукан. Сепак, работите се менуваат, а публиката на крајот одлучува што ќе се одржи, а што не. Колку и да се многубројни негативните критики, времето на крајот пресудува, па она што е омразено денес, утре може да стане класик, кој ќе го обожаваат генерации обожаватели. Има многу такви филмови, а овие се некои од најинтересните:

„Волшебникот од Оз“
Некои од првите критики за овој холивудски класик беа: „Предолго, претешко, никако да почне, никој не сака да ја слушне Џуди Гарланд како пее, исфрлете ја песната…“ Но „Somewhere Over The Rainbow“ не само што освои „оскар“ туку стана и една од најпрепознатливите филмски музички теми на сите времиња.

„Симпсонови“
Веднаш штом се појавила анимираната серија „Симпсонови“ во САД, група родители, чиј глас во тоа време се слушал, биле за нејзино укинување. Причината за тоа била што главниот лик Барт Симпсон бил бунтовник, кој, наспроти лошото однесување, се извлекувал од сите проблеми. Денес ова звучи лудо, но во оваа бесмислена расправија тогаш се вклучил и претседателот Џорџ Буш, кој на собирот на републиканците во дамнешната 1992 година изјавил: „Ќе продолжиме со обидите за јакнење на американското семејство и ќе сториме сѐ тие повеќе да личат на Волтон, а помалку на Симпсонови“.

„Психо“
Во времето кога се појави овој филм, критичарите не му беа наклонети. „Старомодна мелодрама, рефлексија на непријатен ум, злобен и садистички, ’Психо’ е болен филм, новите филмови на Хичкок се вистинско уживање, но ’Психо’ е исклучок…“ Ова се само дел до негативните критики по неговото премиерно прикажување. Многу подоцна на сите им стана јасно дека станува збор за безвременски филмски класик.

„Бетмен“
Иако денес го сметаат за одличен избор за улогата на Бетмен, Мајкл Китон на почетокот не ги уживаше симпатиите ниту од критиката ниту од публиката. Напротив, кон крајот на 1980-тите, кога „Ворнер брос“ објави дека тој ќе го глуми Бетмен, пристигнаа 50.000 писма да се смени оваа одлука, бидејќи многумина сметаа дека Китон, кој дотогаш беше познат со улогите во комедии, едноставно не е доволно „страшен“ за оваа улога.

„Сјаење“
За култниот хорор на Кјубрик, „Сјаење“, денес се снимаат филмови, но кога се појави, многумина не беа воодушевени. Кинг, според чија книга е снимен, никогаш не го прифати вистински, а исто мислење имаа и критичарите. Роџер Иберт исто така немаше убави зборови, но подоцна го смени мислењето, а магазинот „Вараети“ напиша дека филмот во целост уништил сѐ што вредело во книгата. Згора на тоа, Кјубрик беше номиниран за „златна малина“ како режисер на најлошиот филм таа година. Сепак, времето покажа колку не биле во право.