Во насилствата во пограничните делови на Венецуела настрадаа најмалку четири лица, а стотици други се повредени

Опозицискиот лидер Хуан Гуаидо, кој се самопрогласи за претседател, ги повика другите држави да ги држат „отворени сите опции за ослободување“
на Венецуела, пред денешната средба со американскиот потпретседател Мајк Пенс

Најмалку четири лица се убиени, а стотици други се повредени во бранот насилства што ги зафатија пограничните региони на Венецуела, кога активисти на опозицијата викендот се обидоа да се спротивстават на владината забрана и да донесат храна и медицински материјали во земјата.
По неуспешните обиди да се пробијат владините блокади, лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо изјави дека „борбата ќе продолжи“ и ги повика другите држави „да ги држат сите можности отворени за ослободување на татковината“. Тој денеска ќе замине во Богота, на средба со американскиот потпретседател Мајк Пенс и со другите регионални лидери во групата од Лима.

Сенаторот од Флорида, Марко Рубио, коментирајќи го повикот на Гуаидо, рече дека разговарал со регионалните лидери и дека „потезите на режимот на претседателот Николас Мадуро“ отвориле врата „за разни потенцијални мултилатерални активности, кои пред само 24 часа не биле на маса“.

Гуаидо не обезбеди масовни дезертерства на војниците од армијата како што се надеваше. Сепак, најмалку 60 граничари ги напуштија своите позиции и избегаа во Колумбија, додека другите припадници на безбедносните сили, лојални на Мадуро, употребија солзавец и гумени куршуми за да ги принудат демонстрантите и да ги запрат цивилните конвои со хуманитарна помош. Три камиони со помош беа запалени додека се приближуваа кон првиот граничен премин на мостот „Сантандер“, кој ги поврзува Венецуела и Колумбија, јави „Гардијан“. Колумбиските власти јавија за повредени од двете страни на преминот. На југ, опозициски активисти тврдеа дека помошта стигнала до Венецуела, но два камиона што тргнале од Бразил запреле на само неколку метри по преминувањето на границата.

Најголеми насилства избија во градот Санта Елена де Уаирен, каде што се судрија провладини и опозициски групи и припадници на армијата. Најмалку четири лица се убиени, а над 18 други се ранети со огнено оружје, според опозициските претставници.

Западните земји што застанаа на страната на Гуаидо нагласуваат дека хуманитарната помош е потребна во Венецуела, која е погодена од глад, хиперинфлација и недостиг од храна. Опозицијата се надева дека нивниот обид да испорача хуманитарна помош ќе ја поткопа лојалноста на припадниците на армијата кон Мадуро, кои засега се на страната на претседателот на Венецуела.

Додека траеја насилствата во пограничните региони, Мадуро се обрати на собир во главниот град и нагласи дека е посилен од кога било досега, а лицата што сакаат да внесат помош ги нарече предавници. Тој ги обвини САД дека сакаат да ги искористат хуманитарната помош и медицинските испораки како изговор за да го соборат. Мадуро исто така објави дека ги прекинува дипломатските односи со Колумбија, зашто земјата се користела за „напади против Венецуела“.

Колумбија во саботата објави дека ќе ги затвори сите гранични премини на два дена, за да ја процени штетата од насилствата при обидите за испорачување хуманитарна помош во Венецуела.

Како што пренесува „Гардијан“, се чини дека венецуелската опозиција со помошта сакаше да види колку далеку ќе одат венецуелските војници, бидејќи многумина сметаат дека тие нема да стрелаат во народот. Гуаидо досега доби поддршка од повеќе западни земји, додека суперсилите како Кина и Русија останаа на страната на Мадуро.

Гуаидо исто така не успеа да ја добие поддршката од армијата, која засега му останува лојална на Мадуро. Западните медиуми нагласуваат дека високите офицери од армијата не се откажуваат од претседателот поради разни вработувањата и други лукративни можности, додека оние од понизок ранг се плашат дека ќе трпат разни последици ако дезертираат.