Крстопат(и)

Освен што е место каде патиштата се вкрстуваат, крстопатот симболизира и место на среќавање, случајно или договорено, место на разминување, но и разидување, попатно или судбинско. Почеток и крај на отсечки во низата одбројувања на црвено и зелено, на дозволено и забрането, но и точки на поврзување, буквално или метафорично. Место на регулирано движење, но и на сива трговија. Место каде што се паѓа на возачки испит, но и точка во животот во која се носат одлуки од судбинско значење, точка на пресврт и можност да се тргне одново, да се избере поинаков пат од оној по кој сме врвеле дотогаш.

Конечно, место на тестирање на зрелоста и можност да се положи. Во култниот филм „Крстопат“ од 1986 година, протагонистот (во улога на Ралф Мачино) трага по (според легендата) изгубената песна на еднакво легендарниот блуз-гитарист Роберт Џонсон и тајната на неговиот талент „купен“ (повторно според легендата) во зделка со Ѓаволот во замена за неговата душа, токму на крстосница, некаде-никаде во Мисисипи. Филмот е драма за едно зреење, не само музичко, на премин од тинејџерските години во полнолетство низ слатко-горчливата одисеја на љубовта и страдањето, без кои блузот, како и животот, не е можен, завршувајќи со испит на зрелоста, повторно музичка, но едновремено и морално-емпатична, договорен повторно на истиот крстопат, а изведен во гитарски двобој со штитеник на Ѓаволот (оние што го гледале филмот ќе се сетат на незаборавната сцена со виртуозниот Стиви Ваи).

Залогот на двобојот е повторно човечката душа, овој пат на младиот ентузијаст, но не со цел стекнување „ѓаволски“ талент за свирење, туку заради искупување на душата на сопатникот (уште една жртва на божемната трговија со Ѓаволот на паритет талент-душа). Очекувано, триумфира доброто над злото, „печениот“ талент над инстантниот, знаењето над привилегијата, неопитната доблест над опитната лукавост, незаштитениот ученик над ѓаволскиот штитеник и најпосле (не)убедливо – класичната музика над рокот. Со еден збор, сето она (освен последното) чиј пораз сме свикнале да го прифаќаме како нешто сосема очекувано, дури и неизбежно. Ликовите и фабулата овде се помалку важни, но Ралф Мачино во филмот го положува тестот на зрелоста со подготвеноста на самопожртвување, а го добива и двобојот (додуша со помош на режисерот), правејќи го она што најдобро знае и умее – свирејќи од „петни жили“ и со душа. Како општество и како народ исправени сме пред крстопатот на нашето (пре)именување.

Од нас се бара (со сета непристојност) да го заложиме (неповратно) името на нашето историско постоење и духовно помнење, душата на нашиот идентитет и пред сѐ – она малку човечко достоинство што ни преостана по големото отуѓување на капиталот (со неуспешната приватизација), меѓусебното отуѓување (со партизацијата и етнизацијата на трудот), а најпосле и отуѓувањето од самите себе (со неолиберализацијата на сите вредности). Исправени сме, можеби за последен пат, пред тестот на зрелоста, како народ и граѓани на оваа земја. Можеби е крстопат за вистински одлуки, но со лажна трговија за поубав и побезбеден живот, кој ќе настапи само по себе и во свое време, небаре пролет. А можеби е лажен крстопат, со вистинска опасност од „ѓаволска“ трговија. Како и да е, се наоѓаме на некаков крстопат. Но крстопатот, освен место на движење, е и место на кое се чека. Понекогаш во долги редови и долго време. Некаде и катаден. Со или без семафори. И така со години и децении – чекаме. Да влеземе ли во ЕУ и во НАТО? Не мислам дека го чекаме тоа.

Чекаме поубав живот и поправедно општество, повеќе зеленило, а помалку сивило, повеќе зрелост на врвот и повеќе плодови на пониските гранки. Чекаме правична цена за вложеното и наученото, на трудот и на зборот. Малку пристојност и достоинство. Тоа го чекаме. Но магионичарите на политичкото, но не и на можното, остварувањето на тие „големи“ очекувања го спакуваа како единствено можни во ЕУ и во НАТО. За уверливост на „магичното“ се користат различни трикови, но општо познато е дека најважна е вештината на одвлекување на вниманието. Во сферата на тривијалноста и евтините приказни. Од раката што крие кон празната рака. Знаеме дека магијата е трик, но сепак чекаме – да ја видиме магијата. Но во долгите паузи на чекање крстопатот станува повеќе од место, станува време – за (пре)испитување, на себеси, на патот и целта на патувањето… На магионичарите и нивните трикови. Но и време да се погледне во другите – оние што чекаат со нас во редот и време на можна милостина за оние што ја бараат, време на доближување до другиот без да се напушти комфорот на возилото. Миг на привидна еднаквост пред времето што го наметнува чекањето на сите што чекаат, во скапи автомобили и дотраени лимарии. Редок миг на егалитарност на нееднаквите џебови.

Најпосле – време на сеќавање. Во романот „Бавност“, Милан Кундера зборува за формулата во „егзистенцијалната математика“ помеѓу степенот на заборавот и јачината на брзината, заклучувајќи дека заборавот е правопропорционален на брзината и обратно. Kога човек забавува, како на долгите семафори, се расплетуваат мислите, а со нив и сеќавањата. Не е невообичаено, со вклучување на зеленото светло оној пред тебе, но најчесто првиот во редот (без тригер пред себе), да не тргне веднаш. Тој/таа забавил доволно долго за да почне да мисли и премислува, да се сеќава, да го заборави за миг она што вообичаено му го одзема времето, а со тоа и времето за сеќавање – трката. Со време, нејзината цел станала нејасна, но прогонувачот е сѐ појасен – по налог на нужноста. Такви се модерните трки на модерните раскрсници. Скротени брзи коњи. Уморни џокеи, повеќето без верба во победа, но настојчиви да учествуваат, да не испаднат од трката, да ја приспособат брзината и да чекаат, колку што е потребно, дури и кога нема потреба за тоа. Од навика.

Ни донесе ли бескрајното чекање во редот поубав живот и поправедно општество? Се стигнува ли каде било чекајќи? Може ли да му се верува на семафор што постојано трепка на жолто и бара од нас да бидеме постојано подготвени за тргнување кое само што не се случило, но никако да позелени? А кога по долго жолто треперење стигнал редот и на нашето тргнување (ви текнува?), доаѓа униформирано лице и јасно е дека повеќе не важат правилата на семафорот и десната страна. Попусто чекањето. Важи само подигнатата рака на униформата. На силата. Може ли слабиот (и слабата држава) да се заштити од себеси и посилните со помош на силните (и силните држави)? Да преформулирам, може ли чадорот на силата да ве заштити од сопственото бессилие, но и од прекумерноста на нивната сила?

Се сеќавам дека во прво одделение повеќето деца (од машките) имаа некој од постарите (од трето или четврто одделение) – брат ли, другарче од маало, дете на пријатели, во улога на бранители од посилните/постарите, односно од врсниците на тие што ги бранат. Значи некој да ги брани од неговите, т.е. од своите на бранителот. И дури тоа, некако, неретко смешно функционираше, сепак не можеа да ги доодбранат од сопствените падови, од стравот, од невештоста и неискуството, од незавршените задачи и од казните. Од училиштето на животот и од цената на растењето. Од сето тоа мораше секој сам да се одбрани. Тоа братство на мускули помалку личеше на ова спакувано во НАТО, само последново е многу, многу посурово, поопасно и поскапо. Во она братство крвавеше понекој нос, овде цели народи. Таму паѓаше понекој камен, овде осиромашен ураниум. Каков народ – таков ураниум. Таму учителката имаше власт над сите, овде само небото е над нив, но и тоа е под нивна контрола. Едно сепак е исто – и тогаш и сега пожелно беше/е да се биде во друштво на „силните“, барем дури не загусти и не ја викнат учителката.

Е, овде нема учителка. Но имаме/имавме доволно учители, меѓу нив и достатно исклучителни, да научиме дека целта на саможртвата треба да е благородна и несебична, а не лакејска, за да му се допаднеме некому. Тестот на зрелоста го претпоставува тоа. Тоа е мускулатура на ’рбетот. Никој не сака за пријател да има безрбетник, освен ако самиот не е. Никој не го ословува пријателот поинаку од неговото лично име, освен на (прифатена) шега и добронамерно. Кога двајца искрени пријатели се среќаваат, вообичаено евоцираат – „Се сеќаваш ли…?“ Заедничкото сеќавање е мост на пријателството. Кога политички претставници на две „пријателски“ земји се среќаваат, вообичаено бришат – „Ќе заборавиш ли…?“ Заборавот станува услов за „пријателство“. Одбирам да се сеќавам. И да пишувам, како знам и умеам. И да свирам, онака од душа.

(Авторот е магистер по мир и развој, поет и еден од 200-те потписници на Прогласот)