Според логиката во светската правна и политичка реалност, тоа име ни припаѓа нам, на Македонците. Заради тоа ни треба мудроста на Соломон, која ќе нѐ доведе до правдата и вистината. Сегашниот наш креативен предлог не ни обезбедува напуштање на тунелот

Ирационалниот конфликт ретко обезбедува решение со рационален пристап. Тој бара ирационален, често сличен, односно мудар одговор. Најпрво да укажеме на разликите и истоветноста на овие поими. Креативноста и мудроста најчесто носат нешто ново, дотогаш непознато. Но, според својата суштина и значење, тие се неспоредливо различни поими. Двата процеса се когнитивни, но нивниот ефект е сосема различен. Креативното обично е создавање нешто ново, а најчесто тоа е измена на некој постоен изум, додека кај мудроста искуството преку знаењето, расудувањето и просветлувањето се претвора во мудра одлука. Креацијата може да задоволи потреби или вредности само на дел од општеството, додека мудрата одлука редовно се поврзува со праведноста и преку вистината ги задоволува сите вредности или потреби на двете страни во конфликт.

Ако овие постулати ги примениме на наметнатиот и ирационален проблем за нашето име, тогаш е сосема јасно, колку и да се креираат нови предлози, тие нема да бидат мудри. Досегашното искуство од преговарањето, од почетокот на настанувањето на овој проблем тоа многу добро го потврдува. Имаше многу предлози за нашето име, дел од нас, дел од другата страна, и дел од медијаторот. За разлика од овие креативни предлози, досега не е предложен мудар предлог од наша страна со кој би се добил исход, кој би бил праведен од аспект на меѓународното право и вистинит.

Но, нема и предлог сличен на разумниот компромис со кој би се задоволила политичката рационалност. На 16 минатиот месец, во емисијата „60 минути“, на Алфа-телевизија, проф. Драги Митревски многу концизно и прецизно ја дефинира позицијата на другата страна: „…сѐ што е македонско е грчко. Не постои ништо македонско надвор од границите на Грција“. Тоа е когнитивното расудување (перцепцијата) на секој Грк, формирано преку образовниот систем во изминатите стотина години во оваа држава, базирана на мегали-идејата, дека Грција е дотаму до каде што нејзината политика ќе оцени. Од аспект, пак, на филозофијата за потребите и вредностите на проф. Џон Бартон, оваа перцепција кај секој Грк јасно произлегува дека за нив проблемот со нашето име е поставен како највисока вредност во хиерархијата на националните интереси. Така за нив нашето име треба да се дизајнира според нивен вкус, без оглед каков ќе биде нашиот идентитет. Меѓутоа сето тоа е надвор од сите меѓународни акти, бидејќи јасна е нивната стратегија – да нѐ нема покрај нивната граница. Затоа досега ги користеа сите активности и предлози во преговарањето со нас. Поаѓајќи од таквата позиција на оваа страна, може да се очекува и сега тешко ќе помине нашата креација за историската додавка пред нашето име Македонија, ако зад тој предлог не застане меѓународната заедница, која треба да си го измие образот пред нас, бидејќи таа ѝ даде сериозна поддршка на оваа страна преку креирањето на проблемот.

Според мене, само мудриот предлог од наша страна може да биде исход, близок до разумниот компромис, базиран на мудростите како што се: стратегијата на Александар Македонски при војната кај Херонеја, мудрото решение за уривање, а потоа и градење на мостот на Неретва. Тие стратегии, но и други неспоменати, обезбедија непријателот да одработи за сметка на другата страна. Најблиска за нашиот проблем за името сепак е мудрата одлука на Соломон, кој ги принудил двете мајки што тврделе дека детето е нивно да признаат која е вистинската мајка. Тој конфликт меѓу двете мајки по суштина е ист со нашиот конфликт со соседот. Двете мајки посакувале исто дете, кое не можеле да го имаат истовремено, што не е слично, туку е исто со наметнатиот проблем за името Македонија. И ние и тие го посакуваме името, ама не е можно да го имаме истовремено. Според логиката во светската правна и политичка реалност, тоа име ни припаѓа нам, на Македонците. Заради тоа ни треба мудроста на Соломон, која ќе нѐ доведе до правдата и вистината.
Сегашниот наш креативен предлог не ни обезбедува напуштање на тунелот, без оглед како настанал и со чија помош, бидејќи од другата страна имаме противник што во преговарањата секогаш посакува сѐ.

(Ѓорѓи Трипков)