Ваквиот развој на настаните укажува на тоа дека администрацијата на Доналд Трамп има сосема поинаква политичка цел, а тоа е соборување на иранската влада и целосна промена на политичкиот и општествениот систем во земјата, што се обидува да го постигне исклучиво со остри санкции и целосна блокада на иранскиот извоз на нафта, оценува порталот „Геополитика“

По САД, и Иран се откажува од меѓународниот договор за развој на иранската нуклеарна програма, очигледно губејќи го трпението во исчекување конкретни чекори од другите потписници на спогодбата, пред сѐ од трите членки на Европската Унија – Германија, Франција и Британија. Станува збор за чекори што би воделе кон продолжување на нормалните трговски односи со Техеран, кои беа нарушени од едностраното воведување на американските противирански санкции, пред сѐ против енергетскиот и финансискиот сектор на Иран. Ваквиот развој на настаните, како што оценува порталот „Геополитика“, укажува на тоа дека администрацијата на Доналд Трамп има сосема поинаква политичка цел, а тоа е соборување на иранската влада и целосна промена на политичкиот и општествениот систем во земјата, што се обидува да го постигне исклучиво со остри санкции и целосна блокада на иранскиот извоз на нафта.

Заменик-шефот на иранската дипломатија Абас Аракчи, кој е и главен преговарач во спроведувањето на нуклеарниот договор, завчера потврди дека Техеран почнува со збогатување на ураниумот на ниво поголемо од 3,67 отсто.

Аракчи порача дека почетокот на збогатување ураниум е втората фаза во намалувањето на иранските обврски од договорот. Според него, тоа ќе продолжува да се зголемува на секои 60 дена, доколку не се придржуваат до своите обврски и другите потписнички на договорот од 2015 година.

– Иако вратата за дипломатија и натаму е отворена, неопходни се нови иницијативи за решавање на настанатата ситуација. На Европската Унија ќе ѝ испратиме изјава дека Техеран запира со исполнување дел од обврските од нуклеарниот договор – додаде Аракчи.

Иран повеќепати ги предупреди другите земји-потписнички дека ќе биде принуден да го направи тој чекор, бидејќи од мај минатата година и воведувањето на американските санкции единствено Техеран во целост ги спроведува обврските од одговорот. На тој начин, како што оценува „Геополитика“, администрацијата на Трамп го доби токму тоа што го бараше – конечен колапс на нуклеарниот договор, кого го смета за штетен за САД и покрај фактот дека токму Вашингтон го иницира и беше еден од главните креатори на неговите одредби и усвојувањето во 2015 година. Покрај САД и трите членки на ЕУ, потписници на договорот се и Русија и Кина. Со договорот беа предвидени големи и стриктно прецизни рестрикции во развојот на иранската нуклеарна програма, кои Техеран целосно ги почитуваше, а за возврат другата страна се обврза на укинување на санкциите на ОН против Иран, како и едностраните американски санкции и санкции на ЕУ против оваа земја. Меѓу другото, една од главните одредби на договорот беше и иранската обврска во наредните 15 години да не збогатува ураниум на ниво поголемо од 3,67 процент, да не создава резерви на збогатен ураниум поголеми од 300 килограми, како и откажување од напорите за производство на нуклеарна бомба.

Интересно е тоа што американскиот претседател изминатите недели, по првичните најави за иранско откажување од преземените обврските од договорот, постојано изјавува дека САД никогаш нема да му дозволат на Иран да произведе нуклеарно оружје. А токму споменатиот договор, кој Трамп еднострано го напушти, беше најдобра и единствена вистинска гаранција дека нема да се случи тоа.

– Од сето тоа очигледно е дека администрацијата на Трамп всушност има сосема поинаква политичка цел, а тоа е соборување на иранската влада и комплетна измена на политичкиот и општествен систем во Иран, кој се обидува да го постигне исклучиво преку остри санкции и блокада на иранскиот извоз на нафта. На оваа блокада, покрај САД, според плановите на Вашингтон, целосно би се приклучила и ЕУ, како и преостанатиот „цивилизиран“ свет – заклучува во својата анализа порталот „Геополитика“.


Трамп: Би било подобро Техеран да биде внимателен

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно го предупреди Иран, откако блискоисточната земја соопшти дека ќе почне со зголемување на збогатувањето на ураниумот.
– За Иран би било подобро да биде внимателен. Иран прави многу лоши работи – порача Трамп.
Според Асошиејтед прес, шефот на Белата куќа сепак не навел конкретно какви чекори ќе преземат САД.


Иранските власти ја предупредија ЕУ

Иран ја потсети Европската Унија дека ѝ истекува рокот за да го спаси нуклеарниот договор од 2015 година, од кој американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД. Иранското МНР соопшти дека Техеран нема да понуди никакво одложување на претходно поставениот рок.
Портпаролот на иранското МНР, Абас Мусави, изјави дека Иран и натаму е отворен за разговорите со партнерите од ЕУ, кои би требало да преземат чекори во исполнување на нивните обврски од договорот од 2015 година, а кои се однесуваат на заобиколување на санкциите што му ги наметнаа САД на Иран откако Трамп се повлече од спогодбата.
Иранската нуклеарна агенција соопшти дека дозволената граница за збогатување ураниум ќе биде надмината и за 20 отсто, доколку ЕУ продолжи да ги игнорира своите обврски од нуклеарниот договор.