Крапскиот риболов е еден голем предизвик, тајна, еден вид школа, но и добра забава за многубројните риболовци покрај езерата и реките

Факт е дека во изминативе години крапскиот риболов е во најголем подем и дека многу риболовци едноставно се „заразени“ со лов на оваа риба. А, зошто токму крапот? Причини има многу, но покрај атрактивноста, како главни причини се издвојуваат следниве:

– Крапот е мошне итра риба, која со текот на времето станува посебно внимателна, особено кога станува збор за храната што им се нуди и што тие ја земаат, што, исто така, е нов предизвик за риболовците.

– По сомот, во цела Европа, па и пошироко, крапот е најголем, а тоа што е најголем, пак, значи дека најчесто е и најатрактивен за риболов. Крапот може да достигне и тежина над 30 кг, што придонесува за неговата популарност кај риболовците.

– Крапот е еден од најголемите борци, откако ќе се закачи на јадица, а тој адреналин, додека ловат, риболовците најмногу го сакаат.

– За да се фати крап, потребно е да се знаат многу детали за него, во спротивно може да се изгубат многу часови, па и денови на езерата и реките, а дома, сепак, да се дојде со празна торба.

– Крапскиот риболов има и голема социјална страна, бидејќи додека се лови, често се склучуваат нови пријателства меѓу риболовците, нивно другарување, седење покрај оган со вкусно приготвена скара. Со еден збор, постои забава додека се чека тапата да потоне и да се фати некој крап-капиталец.

Од сето ова може да се заклучи дека крапскиот риболов е всушност еден голем предизвик, тајна, еден вид школа, но и добра забава за многубројните риболовци покрај езерата и реките.