Во изминатиов период, како нов предизвик меѓу најбогатите луѓе на планетава се наметна трката за освојување на вселената. На ултрабогаташите воопшто не им е проблем да ги финансираат своите проекти и сега е само прашање на време кога и кој од луѓето на земјата што секојдневно се натпреваруваат во тоа кој ќе заземе повисоко место на листата на најбогатите ќе може за себе да каже дека е победник и во тоа натпреварување – за освојување на вселената

Милијардерите си најдоа нова забава

Американските астронаути Роберт Бенкен и Даглас Харли, во капсулата „Кру драгон“, на ракетата „Фалкон 9“, на 30 мај минатата година, полетаа од космодромот во Флорида кон Меѓународната вселенска станица (МВС), а НАСА објави: „Историјата е испишана“. Тоа беше првпат лет да изврши приватна компанија, „Спејс-екс“, финансирана од Илон Маск, сопственик на „Тесла“. Една година подоцна, тројца милијардери – Маск, Џеф Безос, сопственикот на „Амазон“, и британскиот авантурист Риџард Бренсон, се наоѓаат во една необична трка кој од нив прв ќе полета во вселената.
Како што стојат работите, по сѐ изгледа победник во натпреварот ќе биде британскиот милијардер Ричард Бренсон, кој најави дека на 11 јули ќе лета во вселената во космичкото летало на неговата компанија „Вирџин галактик“. Сепак, во соопштението на Бренсоновата компанија „Вирџин галактик“ се вели дека сето тоа ќе зависи од временските услови и од техничката подготвеност на леталото. Но неговото летало „Спејсшип ту јунити“, во кое има место за двајца пилоти и шест патници, ќе може да полета тој ден само ако времето биде убаво и ако нема технички проблеми.
– Јас секогаш бев сонувач – напиша Бренсон на Твитер. Тој вели дека неговата мајка го научила никогаш да не се откажува и да настојува да ги дофати ѕвездите. Сега е време за остварување на тој сон, вели Бренсон. Основачот и сопственик на „Вирџин галактик“ имаше голем успех минатиот месец кога неговата ракета успеа да се искачи до висина од 55,4 милји, како во вселената така и на нејзиниот раб. Со лансирањето на 11 јули, Бренсон ќе може да рече дека почнува да се остварува неговата долгогодишна намера за профитабилно работење на т.н. вселенски туризам.

Американците луди по вселената?

Во меѓувреме, што се однесува до Американците, Безос, основачот и сопственик на „Амазон“ и најбогат човек во светот, останува на тоа неговото летало да се лансира девет дена по она на Бренсон. Овие денови се одбележува годишнината од историскиот лет на „Аполо 11“ и првото слетување на Месечината, па по тој повод сопственикот на „Амазон“, инсистира токму тогаш да полета неговата ракета „Блу Оринџ њу Шепард“, пренесува Си-ен-би-си. Како што јавува американскиот медиум, на овој лет, Безос нема да оди сам. Заедно со Безос во вселената ќе оди уште еден богат Американец, кој на специјално организирана аукција има платено 28 милиони долари за место во вселенското летало, за да патува со газдата на „Амазон“.
Паралелно на овие најави за патувања во космосот, вселенската истражувачка технологија на Илон Маск сопственикот на „Тесла“, важи за доминантен играч во т.н. комерцијален вселенски сектор во САД, особено откако станаа и главен партнер на вселенската агенција НАСА. Сега неговата компанија ги пренесува астронаутите од Земјата до меѓународната вселенска станица, додека оваа есен, неговата вселенска капсула „Драгон“ ќе одведе во вселената четворица астронаути кои треба три денови да останат во вселенскиот простор. Оние кои го познаваат велат дека тој е опседнат со тоа луѓето да почнат да се населуваат на сите планети во сончевиот систем, но, пред се, на Марс. Тој сонува за тоа, да однесе луѓе на „Црвена планета“, на која засега слетуваат само ровери, пишува Дојче веле. Според медиумот, НАСА затоа и ја одбра токму компанијата на Маск „Спејс-екс“, за изградба на вселенско летало, за испраќање луѓе на Месечината.

Пекинг и Москва вложуваат во напредна технологија

Во исто време светските медиуми на оваа тема оценуваат дека по подолго време САД се вратија во елитниот клуб земји, покрај Русија и Кина, што можат да пренесуваат луѓе во вселената. Имено според британски „Гардијан“ Русија и Кина долго време царуваа во клубот кој може да носи туристи во вселената.
Со исклучок на летовите со екипажи, иако Русија беше и останува во многу послаба позиција од САД, според експертот за вселенски летови Андреј Јонин таа заедно со Кина во периодот што следи вложуваат многу во технологијата која патувањата во вселената ги прават евтини и достапни за богатите луѓе. Сепак по неколкуте соопштенија на Вашингтон и НАСА јасно е дека САД повторно ја сакаат Месечината, како и Русија. Но, рускиот експерт Јонин предупредува дека „непроценливото искуство на соработка“ во вселената меѓу големите сили може да се изгуби во наредниот период. Според него, ако секоја нација сака самостојно да ја освојува вселената, тоа ќе значи чекор назад и враќање во вселенската трка од 1960-тите. Но овој пат е уште поинтересно, бидејќи свои апетити имаат и Кинезите и Европејците.