И Ворхол и Мунк загубиле родител во времето кога имале 14 години, што можеби придонело за нивните морбидни стравови. Додека ја завршувал својата серија „Според Мунк“, Ворхол се борел со своите внатрешни демони, што се рефлектира во неговите автопортрети

Неколку дела на пионерот на поп-артот, Енди Ворхол, ставени на продажба во аукциската куќа „Сотби“ минатиот месец, ја открија неговата поврзаност со познатиот експресионистички сликар, Едвард Мунк. Неговата серија „Според Мунк“ обезбедува фасцинантен увид во резонанцијата на делата на Мунк и неговото уметничко наследство. На прв поглед, она што го работеле Енди Ворхол и Едвард Мунк изгледа комплетно различно – историјата го памети Мунк како архетип на задушен, измачуван уметник, додека Ворхол доби статус на ѕвезда како креативен миленик на блескавата социјална сцена во Њујорк. Сепак, внимателното анализирање на серијалот на Ворхол „Според Мунк“, открива дека поп-пионерот и неговиот претходник, кој изработувал принтови, биле, изненадувачки, сродни души. Иако географски и временски одвоени, иконите од 20 век делат заеднички ставови за животот и за уметноста.

Ворхол развил афинитет кон скандинавската култура додека работел на својата прва меѓународна самостојна изложба во стокхолмскиот Музеј на модерната уметност во 1968 година. Ова била турбулентна година за Ворхол. По големиот успех на изложбата следуваше обидот за атентат на Валери Соланас во неговата „Фабрика“. Како и Мунк, кој изгуби неколку зглобови од прстот од куршум за време на љубовна расправија, Ворхол ги преживувал реперкусиите до крајот на својот живот носејќи медицински корсет што ги држел неговите органи на свое место. Тој не дозволил овие повреди да го забават во темпото.

Се вратил во Скандинавија во 1973 година, овој пат да ги посети Националната галерија и Музејот на Мунк во Осло. Воодушевен од дрворезите и литографиите на Мунк, Ворхол веднаш почнал да ги собира неговите принтови. Судбината повторно ќе ги доближи една деценија подоцна во Њујорк, кога галеријата „Белман“ организира ретроспективна изложба на Мунк, на само неколку минути од „Ворхол Ентерпрајзс“ – новото студио на уметникот. Импресиониран од 126-те слики и графички дела, Ворхол продолжил постојано да се враќа во „Белман“, особено воодушевен од експерименталните принтови на Норвежанецот. Од „Белман“ на крајот му нарачуваат на честиот посетител да создаде 15 слики според делата на Мунк, по свој избор.
Ворхол избира да имитира четири најпознати литографии на Мунк, повторно да ги толкува на платно: „Врисок“, „Брошот“ „Ева Мудочи“, „Мадона“ и автопортрет.

Задоволна од резултатите, галеријата „Белман“ продолжува да соработува со славниот печатар Руперт Јасен Смит за да создаде портфолио наречено „Според Мунк“, кое е во духот на поп-артот. Ворхол требало да создаде едиција од 180 портфолија. Меѓутоа, проектот бил прекинат кога галеријата се затворила неочекувано, оставајќи му на уметникот непознат број пробни принтови во уникатни бои. Шест од нив се појавија на пазарот првпат на аукцијата „Принтови и мултипли“ во „Сотби“ во Лондон. Добиени директно од фондацијата „Енди Ворхол“ преку имотот на уметникот, овие дела само еднаш биле изложени за јавноста, во Музејот на Луизијана во 2010 година. Тие заедно демонстрираат како Ворхол „мунковски“ ги употребува боите и повторувањето како средство за истражување на психолошките и емоционалните комплексни состојби. Завиткана во кралско-пурпурна грива, „Ева Мудочи“ од Ворхол е олицетворение на страста. Исто како што Мерилин Монро ја доловила имагинацијата на Ворхол, англиската виолинистка Ева Мудочи го зграпчила срцето на Мунк. Норвежанецот робувал над нејзината допадливост, а Мудочи се сеќава: „Амбицијата на Мунк беше да го направи мојот најсовршен портрет, но секогаш кога ќе почнеше да слика со маслата по платното, тој ќе го уништеше, бидејќи не беше задоволен. Литографите беа подобри“. Бунтовниот дух на Ева е исто толку впечатлив во раната литографија на Мунк, како што е и во калеидоскопската реинтерпретација на Ворхол, покажувајќи ја нејзината безвременска привлечност.

Испечатен со чисти црни и сини линии, автопортретот на Ворхол со рака на скелет („Според Мунк“) останува верен на оригиналното дело на Норвежанецот. Мрачниот автопортрет на Мунк, врамен со рака на скелет, ја открива својата преокупација со смртта. И Ворхол и Мунк загубиле родител во времето кога имале 14 години, што можеби придонело за нивните морбидни стравови. Додека ја завршувал својата серија „Според Мунк“, Ворхол се борел со своите внатрешни демони, што се рефлектира во неговите автопортрети. Со преобразувањето на егзистенцијалните стравови на Мунк, неговите радости и загриженост, Ворхол изгледа дека нашол начин да ги истражи сопствените.