Седумгодишното истражување, кое опфати 4.000 Италијанци, покажа дека стапката на смртност кај оние во длабока старост изнесува 105 години, за што, меѓу другите, потврда доаѓа и од Македонија, чија најстара жителка е родена во 1910 година во едно кумановско село

Од 1900 година просечниот животен век низ светот се дуплира, благодарејќи на подобрата здравствена заштита, санитарните услови и достапноста на храната. Меѓутоа, новата студија за долговечните Италијанци покажува дека сѐ уште не сме стигнале до горната граница на човековата долговечност.

– Ако постои некоја фиксна биолошка граница, ние сѐ уште не сме блиску до неа – вели Елизабета Барби, чие истражување беше објавено во последниот број на журналот „Ле Шенце“.

Податоците на Државниот завод за статистика, покажуваат дека во Македонија, просечната возраст на живеење кај мажите изнесува 71,1 година, а кај жените 75,3 години. Жените живеат подолго во просек 4,2 години.

Според актуелните податоци, најстариот човек во Македонија има 108 години и е жената Џ.С., родена во 1910 година од едно кумановско село.
Минатата година, српските медиуми објавија сторија за 108-годишниот Драгољуб, кој изјави дека рецепт за долговечност нема.

– Колку ќе ти даде Господ, тоа е рецептот – изјави тој за српските медиуми.
Хрватските медиуми, пак, пишуваат дека бројот на стогодишни луѓе се дуплирал во изминатите сто години, и истиот тој достигнал повеќе од две илјади лица.
Меѓу нив, повеќебројни се жените.

Во минатогодишното интервју со 102-годишната Тереза Божиќ, таа вели дека тајната на долговечност е во јадењето помалку, но почесто.
– Кафе не пијам, ниту алкохол – изјави таа.

Инаку, актуелниот рекорд беше поставен пред 21 година, кога Французинката Жан Калмен умре на возраст од 122 години.

Тимот научници од медицинскиот колеџ „Алберт Ајнштајн“ во Њујорк во 2016 година тврдеше дека госпоѓата Калмен е уште понеобична отколку што се чинеше. Тимот сметаше дека луѓето го достигнаа фиксниот животен век, чиј максимум изнесува околу 115 години. Некои од критичарите го нападнаа ова истражување.

– Податоците беа лошо претставени, а статистиката беше преполна со грешки – рече Зигфрид Хекими, биолог на универзитетот „Мекгил“ во Монтреал.

Одамна е познато дека стапката на смртност е висока во детството, а потоа се намалува во првите години од животот. Потоа повторно расте кај луѓето во триесеттите години и достигнува врв кај популацијата на седумдесет и осумдесетгодишна возраст.

Кога стапката на смртност експоненцијално би растела во екстремно доцните години, тогаш човековиот живот би можел да трае онолку колку што процени тимот од колеџот „Ајнштајн“.

Но д-р Барби и нејзините колеги не дојдоа до такво откритие. Помеѓу екстремно старите Италијанци, стапката на смртност престанува да расте – кривата линија станува рамна на врвот. Експертите исто така открија дека стапката на смртност кај луѓето што доживеале 105 години е малку пониска.

Брендон Милхоланд, коавтор на студијата, која заклучи дека човечкиот век има крај, ја доведе во прашање новата студија.

– Истражувањето е ограничено на седумгодишно проучување на животниот век во само една земја – наведува тој.

Д-р Милхоланд исто така го доведе во прашање и начинот на кој тимот ги анализира добиените податоци. Тие истражуваа две можности: дека стапката на смртност го продолжува експоненцијалниот раст или дека на врвот се претвора во рамна линија.
– Вистината би можела да биде некаде на средина – рече тој.

Од друга страна, д-р Хекими ја фали студијата и смета дека нејзините заклучоци се „многу интересни и изненадувачки“.

Новото истражување не објаснува зошто стапката на смртност стагнира кај најстарите. Едно од објаснувањата може да биде дека некои луѓе имаат гени заради кои се понеотпорни од другите. Тие умираат пред оние отпорните.

Рамната стапка на смртност не значи дека стогодишниците ќе живеат подолго. Новата студија покажува дека тие имаат поголеми шанси да умрат од деведесетгодишниците.
– Староста на Жан Калмeн нема лесно да се доживува. Колку повеќе се подига летвичката по секој срушен рекорд, толку е потешко таа да се достигне – вели Том Кирквуд, декан и соработник за стареење на универзитетот „Њукасл“ во Англија, кој не учествуваше во новата студија.

Фото: Игор Бансколиев