Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, во интервју за грчкото радио Њуз 247 изјави дека досега примил неколку закани со пратки во кои имало куршуми и кутии полни со крв и почва полеана со крв.Како што јави дописничката на МИА од Атина, шефот на грчката дипломатија говореше за зголемениот говор на омраза во Грција, за кој вели дека треба да прекине.

– Имам добиено 800 писма со закани за мојот и за животот на моето семејство. Каде е обвинителот? Овде немаме само клевета, овде имаме кривични дела што стигнуваат до злосторство. Исто како и со обидите Владата или министрите од владата да не ја извршат нивната должност, според нивен избор, како што одредува Уставот туку врз основа на уцени и закани. Ова се тешки злосторства според грчките закони, за кои не гледам некој да реагира – рече Коѕијас во интервјуто и додаде дека ги нашол и имињата и адресите и телефонските броеви на луѓето што телефонски му се заканувале, но, обвинителот не реагирал со апсење.