Македонија загуби од Швајцарија, но продолжува во следниот претквалификациски циклус за ЕП 2021, во кој ќе игра во група со Косово и со Хрватска или со Холандија

Македонската машка кошаркарска репрезентација, и покрај поразот во последниот четврти дуел од Швајцарија во Фрибург со 79-85 (19-26, 23-21, 22-19, 15-19), се пласира во вториот квалификациски циклус (од вкупно три) за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година. Тие мечеви се закажани за септември. Благодарение на подобрата кош-разлика во меѓусебните дуели, жолто-црвените се први во групата А и во случај Швајцарците да ги победат Словаците в недела и да се израмнат со бодовите со Македонија.

– Имавме нови играчи, па и играта ни беше поинаква, тимот беше поинаков и имавме тешкотии. Не игравме воопшто во првиот период и ни беше многу важно да се вратиме во игра. Напреднавме во втората рунда, но мораме да се подготвиме подобро за она што ни претстои. Таква е кошарката денес, имавме речиси 40 дена надвор од тренажен процес, па ни беше тешко да се уиграме како тим – изјави селекторот Јорданчо Давитков.
Првопласираните од секоја од трите групи, како и најдобрата меѓу второпласираните селекции, обезбедуваат понатамошен пласман. Во вториот круг Македонија во групата Б ќе играа со последнопласираните од групите Ц и Д од квалификациите за Светското првенство (СП) во 2019 година во Кина (Косово и Хрватска или Романија, кои утре играат меѓусебен дуел, по кој поразениот ќе биде противник на Македонија). Од таа група, првопласираниот ќе игра во главните квалификации, а другите две селекции ќе играат во нов бараж, заедно со уште 12 други селекции, од каде што четирите најдобри ќе настапат во главните квалификации за ЕП 2021.