„Монмартр живее за децата, а јас живеам за нив“, велеше Коста Хаџиантоновски, кого во Битола го нарекуваат и ликовниот Милтон Манаки

Во спомен на основачот на „Малиот битолски Монмартр“

Веста за заминувањето на познатиот ликовен педагог и идеен творец на детското ликовно студио „Кирил и Методиј“ во Битола, како и на меѓународната манифестација „Мал битолски Монмартр“, Коста Хаџиантоновски-Хаџата, во саботата го обиколи светот. Во Македонија, соседна Србија, Хрватска, Словенија, Романија, Бугарија, Унгарија, Португалија, Русија, Молдавија, Шведска, Малезија, Кина, Хонгконг, Тајланд…, голем број деца, кои барем еднаш учествувале на „Малиот битолски Монмартр“ пуштија солзи за нивниот чичко Коста, кого го сакаа како свој родител.
Од сите страни на светот до семејството на Хаџиантоновски почнаа да стигнуваат емотивни и трогателни пораки со сочувство.
– Битола го изгуби таткото на сите деца во светот – рече еден занаетчија од битолската чаршија, каде што се наоѓа и детското ликовно студио.
А други негови сограѓани за него велат дека е ликовниот Милтон Манаки на Битола.
И навистина, Коста Хаџиантоновски целиот свој живот им го посвети на децата и на детското ликовно творештво. Зад себе остави огромно ликовно богатсво. Во депото на студиото има илјадници детски ликовни творби, насликани од илјадници деца од светот, а некои од нив сега се познати ликовни уметници.
Беше истакнат ликовен педагог, кој Битола ја впиша на светската карта на ликовната уметност.

Децата пристигнуваа во Битола со возот „Братство – единство“

Откако во раните 1980-ти години, детското ликовно студио го афирмира на просторите на поранешна Југославија, тој одлучи да ја организира ликовната колонија на најталентираните деца од сите југословенски републики.
Младите од Југославија живееја за денот кога од Љубљана ќе се качеа на возот „Братство-единство“ и, преку Хрватска и Србија, ќе дојдеа во Битола на детската ликовна колонија.
Иако по почетокот на војната во Југославија, сите помислија дека дојде крајот на ликовната колонија, Коста Хаџиантоновски не мислеше така и почна со организацијата на „Малиот битолски Монмартр“, кој се прошири најпрво на Балканот, па во Европа, а подоцна и низ светот.
Речиси цели 40 години, поточно од далечната 1982 година, Коста Хаџиантоновски по повод празникот на македонските просветители Кирил и Методиј, од 23 до 30 мај, ја организираше традиционалната меѓународна детска ликовна манифестација „Малиот битолски Монмартр“, на која учествуваа млади ликовни таленти на возраст од 5 до 14 години од сите земји во светот.
Паралелно со колонијата, која подоцна се прошири во Охрид и во Крушево, се одржуваше и Големата светска детска изложба, на која беа прикажувани детски цртежи од целиот свет.
Откако оваа манифестација ја препозна претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Васил Тупурковски, „Малиот битолски Монмартр“ стана редовен учесник, со изложба на тема спортот, на летните олимпијади во Сиднеј 2000, Атина 2004, Пекинг 2008, Лондон 2012.

Соборен Гинисовиот рекорд по бројот на изложени цртежи

Подоцна колонијата се прошири во Кина, Малезија, Хонгконг, Тајланд.
Неговиот концепт за „Малиот Монмартр“ е прифатен и одлично функционира во Евора, Португалија и во Хонгконг, каде што се одржуваат исти колонии. Многу деца, како резултат на оваа манифестација, чиј идеен творец е тој, гостуваа во светот и добија награди, кои подоцна им донесоа стипендии за учење и студирање. Затоа, неговото дело не е само културно и уметничко туку пред сѐ и хумано.
Секоја година на конкурсот за учество на колонијата пристигнуваа по илјадници цртежи од стотици училишта и десетици држави во светот. Беше соборен и Гинисовиот рекорд по бројот на изложени цртежи. А наградите на разните колонии што го освоија учениците на детското ликовно студио „Кирил и Методиј“, едноставно, не се бројат.
За чичко Коста велеа дека е еден на најголемите татковци и дедовци во Битола, човек што всади љубов за уметноста кај стотици деца, од кои десетици станаа академски сликари. Со своето несебично дело, секојдневно, во старата битолска чаршија ги насочуваше младите за линијата, насоката, големината, текстурата, формата, бојата, тонот и просторот. Знаеше да каже: „Јас сум најголемото дете на Монмартр“. Поради тоа, тој заслужува постојана почит од родителите и децата со кои соработуваше и на кои им помагаше.

Хаџиантоновски беше иницијатор за изложбата „Тоше има само
датум на раѓање“

По смртта на македонскиот ангел Тоше Проески, детското ликовно студио постојано на неговиот роденден организираше ликовна изложба.
Му оддаде голема почит на Тоше Проески и ја кажа и промовира познатата мисла „Тоше има само датум на раѓање“.
Живееше скромно и најголемиот дел од животот го помина во детското ликовно студио, покрај своите ученици и пријатели. Веруваше во младите и најблиските, убеден дека ќе направат сѐ „Монмартр“ да живее вечно. Беше упорен во реализацијата на идеите и секогаш оригинален. За Битола и децата од Монмартр отпечати илјадници картички, монографии, каталози, кои го преплавија светот. Беше организатор и на повеќе придружни манифестации, како „Пелистерската рапсодија“, „Коледарскиот оган“ во старата чаршија, на пречекот на Дедо Мраз, а ќе биде запаметен и по големите отворања (секогаш со огномет) на светската изложба. Се залагаше за заживување на чаршијата.
Откако пред една година се разболе, тој и од болничката постела „раководеше“ со студиото.
– Монмартр живее за децата, а јас живеам за нив – велеше чичко Коста.
Но ова не е крај на успешната приказна наречена „Мал битоски Монмартр“, бидејќи тој всади толку многу љубов и ентузијазам во неа, што таа ќе трае уште многу долго, на задоволство на младите ликовни творци и нивните ментори од целиот свет. Да се надеваме дека Битола ќе го зачува споменот на неуморниот Коста Хаџиантоновски, кој со своето дело многу помогна за афирмација на гардот во меѓународни рамки.