Безбедносната слика на македонските северни граници секојдневно се менува што речиси во континуитет го привлекува вниманието на домашната стручна јавност, но и на регионалните и на светските медиуми. Приштинскиот весник „Епоха е ре“ во своето последно издание на оваа тема истакнува дека Владата во Приштина едногласно, но без присуство на членови од Српската листа, усвои три предлог-закони за трансформација на Косовските сили за безбедност (КСБ) во војска и по итна постапка ги достави до парламентот, истиот ден кога практично во Европскиот парламент се отворија преговори за визна либерализација на земјата.

Според медиумот, законите ги предложи надлежното министерство, кое соопшти дека со тоа Косовските сили за безбедност преземаат нови задачи, а Министерството за КСБ ќе прерасне во министерство за одбрана.

Медиумот додава дека приштинските власти предвидуваат и двократно зголемување на бројката на припадниците на КСБ.

– Законите за трансформација на КСБ во војска предвидуваат трупи, кои во иднина ќе имаат 5.000 припадници и 3.000 резервисти, наместо досегашните 800, како и проширување на надлежностите – изјавил ресорниот министер Рустем Бериша.
Тој за приштинскиот весник рекол дека идејата е да се почне со процесот на транзиција додека не се стекнат услови за уставни измени.

Во меѓувреме американската амбасада на Косово, по ваквиот развој на случувањата, излезе со соопштение во кое тврди дека со САД не се извршени консултации за време на усвојувањето на законите за трансформација на КСБ во вооружени сили и дека тие дополнително требало да ги изанализираат нацрт-законите за да можат целосно да ги разберат нивниот ефект и цел.

Во соопштението на амбасадата на САД во Приштина се истакнува дека „САД отсекогаш го поддржуваат сувереното право на Косово да има своја армија и настојува преку блиска соработка со Косово да се постигне таа цел “. Натаму, во соопштението се додава и дека американското дипломатско претставништво во Косово изминатиот период било фокусирано на изградба на консензус за важниот дијалог што го имаат Белград и Приштина.

– Продолжуваме да веруваме дека нормализацијата меѓу Косово и Србија е најважниот чекор за напредокот во блиска иднина – истакнале од амбасадата на САД во Приштина.

Претседателот на косовското собрание, Кадри Весели, по повод соопштението на американската амбасада, изјавил дека премиерот Рамуш Харадинај, при носењето на одлуката, соработувал со меѓународните партнери, вклучувајќи ги и САД.

Тој истакнал дека соопштението на амбасадата на САД го разбирал како „порака до српската заедница на Косово дека не е паметно да го блокираат Косово“.

Агим Велиу, втор човек во највлијателната косовска партија Демократски сојуз, за медиумите изјавил дека неговата партија ќе ги поддржи сите иницијативи што се во интерес на Косово, вклучувајќи ја и трансформацијата на КСБ во војска.
Тој сепак додал дека при таа трансформација треба да има координација со меѓународната заедница, чија улога била клучна во ова чувствително прашање, кое подразбира консензус.

– Ова е чувствителен проблем, кој подразбира консензус но и координација со меѓународната заедница бидејќи нејзината улога е одлучувачка во формирањето на КСБ – рекол Велиу за тамошните медиуми.

Во меѓувреме, безбедносни аналитичари во земјата советуваат дека Македонија периодов треба многу внимателно да ги следи процесите што се одвиваат во соседно Косово, а се поврзани со трансформацијата на косовските сили за безбедност во војска како и да ги мониторира политичките релациите меѓу Приштина и Белград, кои индиректно ја засегаат и нашата земја.

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски истакнува дека Балканот е таква област во Европа што поради разбирливи причини сѐ уште има мноштво отворени безбедносно-политички прашања и дека додека тие комплетно не се затворат засекогаш ќе зрачат со опасност кон земјите во опкружувањето.

Според него, едно такво прашање е и процесот кој е за или против трансформирањето на Косовските сили за безбедност во војска.

– Македонија на север граничи и со Србија и со Косово, а кои разбирливо по војните во деведесеттите години сѐ уште имаат затегнати односи. Нивното политичко прашање по независноста на Косово е исклучително тешко да се реши на меѓународно поле па оттаму е лесно да се разбере зошто тоа претставува голем ризик за Балканот. Токму затоа постои опасност овие српско-косовски тензии многу лесно да се префрлат и во нашата земјата, па советувам оние што раководат со безбедносните служби на Македонија периодов многу добро да се фатат за работа и да ја мониторираат состојбата на север, а со тоа и навремено дипломатски, но и ако е потребно безбедносно да се обидат да ја заштитат државата од прелевање на потенцијален безбедносен ризик – вели Стефаноски.

Од друга страна, државните органи на Македонија се чини не споделуваат многу информации за овие случувања. Неодамна на слична тема поврзана со прелевањето на безбедносниот ризик од регионот врз земјава од Министерството за одбрана, на новинарско прашање на „Нова Македонија“, кратко одговорија дека тие имаат изградено став дека нема да ги коментираат јавно случувањата во регионот.


Вучиќ: Најавите за формирање косовска војска предизвикуваат страв кај Србите

Најавите за формирање војска на Косово предизвикуваат страв кај Србите, изјави вчера српскиот претседател, Александар Вучиќ, и додаде дека Србија се наоѓа во тешка позиција.
Според него, некои од западните партнери на Србија работат буквално и со раце и со нозе за Косово да стане членка на Интерпол. Поради тоа, како што рече, српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, ќе оствари повеќе патувања оваа недела, а ќе се ангажираат и министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, и премиерката Ана Брнабиќ.