Бонг Џун-хо стана првиот јужнокорејски режисер закитен со „златна палма“, за своето остварување „Паразит“

Откако на годинашниот Кански филмски фестивал режисерот Бонг Џун-хо стана првиот јужнокорејски режисер закитен со „златна палма“, за своето остварување „Паразит“, филмофилите низ светот се охрабрија да бараат сѐ повеќе и повеќе јужнокорејски филмски дела

Веќе повеќе од цела година, Корејската филмска архива тивко го гради својот јутјуб-канал на кој веќе можат да се најдат над 200 корејски класици и се претвори во непроценлив ресурс за филмофилите. Откако на годинашниот Кански филмски фестивал режисерот Бонг Џун-хо стана првиот јужнокорејски режисер закитен со „златна палма“, за своето остварување „Паразит“, филмофилите низ светот се охрабрија да бараат сѐ повеќе јужнокорејски филмски дела. Благодарение на официјалниот јутјуб-канал на Корејската филмска архива, конечно се оствари желбата на Бонг да ѝ се олесни на светската филмска публика лесно да пристапи до корејската филмографија. КФА пренесува над 200 играни филма бесплатно на Јутјуб, и повеќето од нив се поставени на платформата во обновени верзии.

„Гардијан“ беше првиот магазин што посочи на големиот список јужнокорејски филмови што сега бесплатно се емитуваат. Големите корејски режисери, како што е иконата на Њу Кореан синема, Им Квон-Тек, се претставени со повеќе филмови. Архивата се навраќа на филмовите од 1960-тите години, како што е повоената драма на Хјун-мок Ју, „Заскитан куршум“, а исто така ги забележува и раните дела од некои од најпопуларните јужнокорејски режисери во Америка. На пример, дебитантскиот филм на Хонг Санг-Су од 1996 година „Денот кога свиња падна во бунарот“, исто така, се емитува бесплатно.

За време на прес-конференција во Кан, Бонг најави дека ќе продолжи поактивно да се залага во промоцијата на јужнокорејските филмски ретроспективи низ светот.
– Во 2006 година отидов да ја погледнам ретроспективата на Ким Ки-јанг. Отидов во библиотеката на француското кино за да го видам тоа и се изненадив кога видов дека на француските гледачи им се допаѓаат неговите филмови. Тоа ми остави голем впечаток. Ја добив „златната палма“ во Кан, но не сум единствениот корејски режисер што може да ја прими таа награда – рече Бонг.
Тој смета дека има многу корејски таленти што можат да освојат „златна палма“.
– Јас би сакал да направам што е можно повеќе ретроспективи низ светот заедно со одлични корејски режисери. Тоа е можност луѓето низ целиот свет да научат повеќе за корејскиот филм – вели Бонг.

Дистрибутерот „Неон“ ќе го претстави канскиот победник „Паразит“ на Канг во избрани театри на САД на 11 октомври. Откако ја промени историјата на Канскиот филмски фестивал, семејниот трилер се обидува да го стори истото и на „оскарите“, со тоа што стана првиот јужнокорејски наслов номиниран за најдобар филм во селекцијата на филмови од странско говорно подрачје. Во меѓувреме, бесплатни јужнокорејски филмови можат да се гледаат на јутјуб-каналот „Кореан класик филм“.