До крајот на 2018 година останаа уште неколку дена така што полека можеме да ги сумираме впечатоците за неа и да се согласиме дека и не беше баш најсреќна година.
Со желба новата 2019 година да ни биди поведра, поубава и побезгрижна, институтот „Пантон“ ја избра оптимистичката корална нијанса, за боја што најдобро ќе го отсликува духот на времето и што ќе доминира во годината што е пред нас.

Во соопштението на институтот се наведува дека избраната нијанса – жива корална боја, ги симболизира оптимизмот и радоста, а исто така ја поттикнува желбата за креативно изразување.

Станува збор за софистицирана портокалова нијанса со златен поттон, која го слави животот и го подобрува расположението. Како таква оваа боја има цел да ни даде чувство на утеха и топлина во суровиот свет што постојано се менува.
Со други зборови, доколку секојдневно сте вознемирени поради лошите вести и негативните содржини на социјалните мрежи, „Пантон“ се надева дека токму оваа боја барем делумно ќе ви ја разубави и ќе ви ја направи поведра и помалку стресна 2019 година.

Освен тоа, оваа нежна корална нијанса ќе биде со задоволство виден гостин на модните писти и во козметичките несесери, а бидејќи не се разликува многу од на многумина омилената розова боја, која одбележа неколку претходни сезони, веруваме дека оваа боја ќе биде еднакво популарна во сите сфери на дизајнот.

Компанијата „Пантон“ нијансата ја нарекла „жив корал 16-1546“, а истата таа се забележува на голем број фотографии на инстаграм-корисниците, бидејќи создава чувство на залез на сонцето и некаков зен. Живата корална боја, според нив, охрабрува лежерни активности и асоцира на интимност и поврзаност.