Кон книгата ‚‚Копнеж за Кичево – сто и една песна“ од Живко Новески

Пред нас ја имаме стихозбирката „Копнеж за Кичево“ од Живко Новески, стокмена токму со сто и една песна. Вообичаено за поетските книги, поделена во четири циклуса: Точно време, Годови, Ума земја и Необјавени песни. Инаку, на сите што се движат под македонското литературно небо, повеќе, асли повеќе и е позна како раскажувач.

Не сака многу време ни мудрување, по прочитот на стихозбирката на Живко Новески, да си речеме, она за себе: сите ние дишеме на роднокрајно, колку и да се правиме туѓограѓани или велеграѓани. Не е секогаш краток патот до родниот крај – тоа се гледа и во мислите што ги поткреваат стиховите на „копнежот“ за Кичево. Света цел на ова поетско-автобиографско патување може да бидат повеќе нешта, но секако на прво место е мајката, која, вели поетот, е позлатена од сјајот на месечината. Како што родниот крај е и меѓник од младост, кој на авторот сѐ уште му буди љубов, достага и радост. Сѐ на што ќе се наваса во кривулестите врвици на младоста. Додека не се уверите и самите, како и поетот, дека двапати плаче човек што се родил во Кичево. Првпат кога се родил во градот со мирис – на ружа и кога ја продал куќата и се откорнал.

А потем, потем… скаменета тага и песна што се огласува немушто и вечно. И сѐ по ред – цел еден албум (дали само еден, стига ли е само еден?) од несоници што поетот не ги ишка, ами ваби по нив: лузни, згрутчени мисли и црно под ноктите (во туѓиот град) во кој катаден се смалува.

Живко Новески е нежен и питом автор, за што црно на бело сведочат и сите, до една, песни во книгава. И нема ни грам двоумење: какви песни, таков автор, може и обратно. Автор кому срната ќе му избегне низ планината во него, во душата. А како изгледа однатре таа негова питома – самиот си знае, како маслинката што чека сонце во црното срце. Спокој е пред фактот дека животот ми ти бил како вода што тече: има и брзотеци, ама има и спокојни, долги текови.

Во повеќето од песните во оваа книга авторот ја негува кратката форма. Кратко и јасно – до штрекнување. Погледнете ги само песните Ума или Круг. И не само нив – изборот е навистина широк. Силен доказ дека поетскиот наратив не мора да биде долг до исцрпување на читателот. Ја знаете, безбели, онаа за отворот во мало шишенце.
Посебно значење меѓу овие сто и една песна имаат оние што се посветени на зборовите и јазикот – основната алатка на поетот. Овој јазик е богат, сочен, натопен со роднокрајни мириси и, парадоксално – исправен пред заборав, таков каков што е. А толку бистар, понекогаш и кога е стокмен од „старовременски“ зборови. Песните во кои се допира јазикот содржат и актуелно значење, тадури и горчливо претсказание. Што и не е чудно од автор што зборовите ги пребира како искри од светулки и кој е апсолутно свесен дека токму тие, зборовите, растат како умник.

„Копнеж за Кичево“ колку што е соочување со самиот себе, исто толку, ако не и повеќе е, едно вистинско возвишување на зборот и на едноставноста на поетскиот израз, жуборлива река, која носи ли носи возбуди – оттука до вечноста.

Ристо Лазаров


Лузни

Во главата се вселуваат
зелените соништа на
младоста
Низ магичното око демне
градска болест
Во храм од жолт мермер
онемена жена
Змија искачена на дрво
блуе отров
во плитка чинија
на надежта
Згрутчена мисла
црно под нокти, капка крв што оди
Со предците зачувани
во генот
толку сме далечни
а со исти лузни во душата
сличноста ме плаши.

(Живко Новески)